Преиспитување на силата

За поемата „Крале Марко по вторпат“ од Славчо Ковилоски

Во срцето на четиринаесеттиот век и големите страдања на Европа каде црната смрт покосила повеќе од 25 милиони луѓе и каде витештвото не можело да ја стивне братоубиствената војна, на средина од процветот од Исламот, некаде на Балканите се појавува еден сиров витез, едно човечиште кое, да го познавал Толкин, би напишал уште илјада страници на рамниште на неговиот „Господар на прстените“. Крале Марке е хибриден модел на великодостојник чии суровост и питомост се своевидна парадигма која ќе ги одбележи и другите векови после него. Славчо Ковилоски во неговата поема посветена токму на таа парадигма го распрснува тоа јадро на чудовишна благонаклоност, на препотопска нежност, но и на црно-бел моралитет низ еден аспект кој би го нарекол „естетско-дихотомиски хронотип“. Во белиот стих кој наметнува ритам на набројување, овој поет создава поема со мултисигнификантна соблазнителност.

Драматиката во овие стихови е некаде назад, како двоен слој од дискутабилен моралитет, додека дистанцата има вкус на крајно емотивен симулакрум и сето тоа нè наведува да го преземеме овој контраверзен витез како своја оставштина, како историја каде ние имаме мал, но за нас важен дел. Се чини, затоа „…по вторпат“, заради прелапнувањето на цивилизациските дијахронии, заради соголувањето на виталните физички и духовни супститути, заради заграбувањето на овој лик за врат, заради помирисувањето на неговата пот после битка, заради отсјајот од неговиот поглед, заради неговата сенка која е голема, но тоа е затоа што тој застанал точно над нас и нè соблазнил со неговото присуство, со здивот чие фучење прави ехо во планините, заради се она што ние го носиме како искуство од стиховите за неговиот живот и за неговите подвизи и конечно заради една вековна молбеност кон она што значи херој, а е наш традиционален секојдневен тивок ритуал. 

Поемата „Крале Марко по вторпат“ опонира на ритуалот со една метактанцијалност на која можеби Ан Иберсфелд не се сетил при конструирањето на својот модел. Имено, преиспитувањето на естетските искуства кои низ промешувањето на традиционалното со модерното особено при соголувањето на есенцијалните митски модели доведува до самата срж на потиснатиот реалитет на митските ликови го наведува авторот на повторно ритуализирање на книжевните амалгами на тие ликови и самото дејствие кое кај Славчо Ковилоски не е фундаментално дескриптивно, станува метапродукт и како таков индицира на еден нов, алгоритамски предистрибуиран модел со сосема други алтернативи. Крале Марко кај Славчо Ковилоски има призвук на драмски лик кој делува апсорпционо кога е во прашање неговиот ритуално-митолошки апостроф. Но, како што вели Салвадор Дали, „колку и да се стремите да бидете модерни, секогаш има една работа која не можете да ја одбегнете“, а тоа е крвниот концепт на традицијата. Ковилоски тоа го насетува многу мудро и својата поема ја компримира во тесните фрази на модерниот израз, но традицијата и митската предлошка ја деконструира со „усул“, со лингвална смиреност и инспиративност. Во неговата поема Крали Марко точно знае кој е и што му следува да направи, па така, овој автор таа дистанца ја вкалапува во народен јазик и колоритна рустикалност отворајќи ги преку речитите пасажи оние собитија кои народната книжевност не ги изрекла или можеби не ги дорекла:

 

„Знам за една земја што потона

И никоја потоа не ја најде.

Така тоне и мојот разговор со мудрецот

Испарува подземи мојата слика.

Илјадници пророци ми пророкуваат

Илјадници пророчишта ми потшепнуваат,

А никој не ја слави александриската мудрост

Никој не го слави Распнатиот за нас.

Лоши времиња дојдоа, синко …“

 

Овие стихови укажуваат на лингвалниот универзум кој кореспондира со таа препејана традиција и со таа метаактанцијалност чија епска ширина ја насетуваме само во доживувањето на стихот кој е остар, конкретен, ослободен од непотребни дескрипции и неверојатно суров. 

Нашиот Крале Марко има тивка дезориентираност типична за овој век и авторот тоа го отелотворува низ една до крај одживеана и циклична историска депресија која веќе не познава ни ден, ни ноќ, ни гробнина, ни тажаленка. И како што вели Хенри Џејмс дека „нам ни е потребна голема количина на историја за да исткаеме макар момент традиција“, така Славчо Ковилоски го преконструира Крале Марко во ововременси воин чија митологија е дел од неговата ДНК, чија контраверза е отворена, а не плод на научни согледби, чија опскурност е загубена некаде на патот чии натуралистичките толкувања и чие овозамско постоење не се разликува од сите оние чии животи и љубови ги заграбува и штити:

 

„Од скона ги гледам дивите орди како напаѓаат,

Ограбуваат и запленуваат се освен богатства.

Ги грабаат часкум убавите жени

За да не го изгубат семето,

Да не исчезне нивната крв

Да не се запусти нивното име,

Плашејќи с еод заборав, да не би ги покрил правот,

Пуст пепел и суви коски да не останат

Во нивните приказни да не испарат.“

 

Феноменолошката аспект на оваа поема лежи токму во тој никогаш недовршен дијалог на содржинската компонента на стихот и нејзината ритуална акупунктура. Вербалното ритуално staccato во неа го понира стихот во најдлабоките и најнеоткриени корени на народната инспирираност од овој гигантски митолошки лик откопувајќи ги и психолошките и книжевните прерогативи со кои далечното минато не го опсервираме како авторова инспирација, туку како крајна консеквенца вкалапена токму во тој претходно споменат метаактанцијален модел. Крале Марко на Славчо Ковилоски има животен вруток доволен да се справи со големите чудовишта на Толкин, а и многу љубов за да обљуби недоброј девојки. Но, тој Крале Марко си ја премерува силата и горчливо констатира дека и таа еден ден се истрошува. Се истрошува духовната сила на времето чија дистопија ја гледаме на хоризонтот и ни се накрева стравот дека новиот Крале Марко е навистина уморен. Низ овие констатации протекува сјајниот и богат стих на Славчо Ковилоски и оваа поема, конечно, најмногу импонира со својата достага, но и  со најважната компонента која народната песна чинам дека намерно ја одбегнувала, а тоа е интроспективноста на единецот на кралот Волкашин:

 

„Кога светот од мене ќе побара јунаци,

Тогаш ќе излезам од пештерата и ќе се јавам.

Дотогаш од мене ни викот, ни глас.

Во зловреме заминав, во зловреме дојдов.

Време е пак да заминам.“

 

Поемата „Крале Марко по вторпат“ е своевидна борба на надежта со деструкцијата, едно опонентно двојствие кое го одбележува овој век на модерна Содома и Гомора. Иако епска како и народните дела каде е опејан Марко Крале, таа својата лирска конвергентност ни ја пласира како рефлексивна преопсервација, како повторно осветлување на одамна затемнетите делови од животот на оваа огромна митска фигура. 

Оваа поема е бурен книжевен настан кој многу заслужено е закитена со наградата „Григор Прличев“ и која веќе го обезбедила своето место во антологиските дела на современата македонска литература.