Премостувањето на пораката

Кон „Олга“ од Бернхард Шлинк во издание на „Или-Или“, Скопје, 2019

Многу се ретки автореплицирањата на писателите преку своите дела. Ретки се асоцијативните литерарни конвулзии кои нè наведуваат да се навраќаме на сторија чија комплексност оставила траги во она време кое се појавила, но имала и свои други интерпретации, тангенцијално, со лесна алегоричност повеќе во композитна смисла.

Олга“, последниот роман на германскиот автор Герхард Шлинк е кондензат од повторното премислување на неговиот епохален „Читачот“ кој се здоби со светска слава. Првото читање на овој прекрасно исткаен роман секако, многу наведува на атмосферата на „Читачот“ и се чини, дека Шлинк намерно го направил тоа. Сторијата на постарата жена и многу помладиот љубовник овде функционира од една чудна, малку порационализирана дистанца. Ја нема страста на Хана Шулц, но ја има достагата и емотивниот вриеж на Олга. Она што фасцинира во ова акнига е апокрифната индикативност која прави „Олга“ да биде еден крајно тажен исцедок од полнокрвноста што ја носи „Читачот“. Додека читате, овој извонреден роман ве потсетува на копнежите и достагите во „Погледни го домот свој ангеле“ на Томас Вулф или на придушената Џејн Ејр од истоимениот роман на Бронте, но неговата специфика говори дека Олга е жена која знае како да живее со задушеноста на нејзините емотивни артерии. За разлика од Хана Шулц, таа го живее својот сопствен живот како да е предодреден за неа. Нејзината сплотеност со Херберт, нејзин сосед, исто така осамена личност, но прилично амбициозна, блеска со својот платонизам и станува идеал околу кој се исткајува целата сторија во чија едноставност Шлинк внесува блага ероика која опчинува. Херберт е инспириран од вистинскиот лик на германсиот офицер и авантурист Херберт Шредер Странц кој изчезнува на Шпицберген архипелагот во 1912.
Шлинк овој роман го поделува на два дела од кои првиот дел е самата приказна за Олга и Херберт, а вториот дел е епистоларен каде што ги читаме писмата на Олга кон него, љубовните писма кои говорат многу за меланхоличноста на личноста на Олга, за нејзината идеалистичка љубов кон тој човек чија отсутност совршено добро ја оправдува за и самата да си ја оправда својата меланхолија како предодреденост во животот кој го живее по тие ноти, но не со полни гради. Овие писма се „алката која недостасува“ во првиот дел додавајќи некои деталји на цалата приказна. Би рекле, дека епистоларниот начин на раскажување е еден вид на книжевна дистанца која преку својот специфичен наратив наведува на „прераскажување“ на она што се случило натопено со извесни коментари. На тој начин Бернхард Шлинк како да го раскажува она што во „Читачот“ не успеал да го раскаже иако ова е сосема друга приказна. Најзините формални сличности се еден вид на спојници кои говорат за цикличноста на историјата во која сите ние живееме исти судбини, каде што тагата и радоста, копнежот и разочарувањата се исти, само интерпретацијата е поинаква. Во „Читачот“ се прави рекапитулација на ужасите од Втората светска војна, а во „Олга“ на Првата светска војна. Разликата се неполни три децении, принципот е ист, а нијансите се само пренесувачи на нови таги и цивилизациски погубности.

Преку „Олга“ Шлинк отвора дилеми и полемики кои се престројуваат и низ овоременскиот, до крај порочен дваесет и први век каде секоја филозофска дистанца раѓа индолентност од која, за жал ние никогаш не можеме да избегаме.Читајќи ја „Олга“ се поставува прашањето: како авторот го премостува цивилизациското лудило за од сржта на човечките судбини да испрати порака која има голема опасност да биде истата како и во претходното дело? Олга е лик какви ги има многу во светската книжевност и тука Шлинк не открива топла вода. Неговиот бравурозен книжевен стил компонира комплексен и инспиративен лик, но она „зошто“ е вистинската дилема која наведува на размислување. Шлинк со ова дело потсетува на ненаучената лекција на човечката цивилизација. Секоја ненаучена лекција носи крв и солзи, а во уметничка смисла носи меланхолија и очај. Затоа Олга е меланхоличен лик, затоа Херберт ја задушува својата амбиција некаде во екстремното студенило меѓу глечерите, затоа се она што овој прекрасен женски лик ни наметнува е тоа дека за вистинската љубов може да се сонува и конечно, затоа пораката која повторно ја испраќа овој фантастичен автор е дека после сето ова нема повеќе шанса и дека лекцијата за човечката бестијалност дефинитивно не може да се научи.

 

Олга има референци во многу ликови во светската литература, но по својата автореференцијалност таа наликува на оние кои никогаш не се напишани. Тоа, претпоставувам уште една причина зошто Шлинк се зафатил со епистоларен третман на овој роман во неговиот втор дел. Општата констатација дека писмата пронајдени по извесен (обично голем) проток на време разјаснуваат многу работи, во овој роман имаат друг призвук. Иако, како што споменав погоре овие љубовни писма отвораат некои деталји на ниво на приказна, тие се една Џојсовска интерпретација на време кое е само почеток на некое ново страдање. Тоа страдање скоро сто години после дејствијата во „Олга“ веќе е сосема ирелевантно затоа што историјата е најподложна на прекројување, а со неа и човечките судбини. Релациите на Хана Шулц и Олга, на Херберт и Михаел Берг се една временска трансверзала која е водена од нихилизмот на Бекет и опишана во тешките фрази на Херман Хесе. Тука се движи таа феноменолошка пургаторија која е многу тешко да се продолжи. Шлинк се одлучил за една исклучително тешка автореференцијалност од која излегол како победник, или барем тој самиот може да си ги види сите естетски и флозофски недоследности. Ние како читатели не ги гледаме. Гледаме две совршено компактни и органични дела кои наведуваат на различни промислувања. Исто така, тука ми се наметнува една библиска референца најмногу затоа што траголникот и во двата романи е: жена, маж и војна. Кај „Олга“ војната е неминовност, додека кај „Читачот“ таа има голем емотивен предзнак. Дали тоа носи цикличност или иреверзибилност? Дали вечните војни меѓу јудеизмот и христијанството, Христос и Марија Магдалена влегуваат во една конвенционалност во која, пак, ние препознаваме извесна надеж иако човечката историја се повторува и носи се повеќе жртви со себе? Неминовноста во времето на Олга и емотивната катарза во времето на Хана Шулц, пак, од друга страна наведува на тоа дека можеби некоја трета војна ќе не натера да прекинеме да се убиваме затоа што веќе се исцрпени сите причини и сите судбини се веќе одживеани? Тогаш некој можеби ќе напише некакво прозаично дело кое ќе се занимава со војната која е само производ на страв и напнатост. Нашиот виртуелитет има многу можности, но многу малку допир и емоција.

Како и да е, новиот роман на Бернхард Шлинк има големи референци внатре во нас, во нашите судбински недоречености, во нашите таги и страдања иако неминовноста со која Олга се помирува има и лице и наличје. Шлинк со овој роман отвора многу филозофски преиспитувања и на мотивите и на ликовите и на сторијата која овде е раскажана со едноставност која плени и восхитува. Олга, конечно, е лик кој стои во плејадата на многу антологиски ликови на светската книжевност, а се надевам дека и овој роман ќе го најде истото тоа место. Најмногу заради неговите подземни сонди со овоременските митови и конструкти.