Медеја е улога која се игра во висок тоналитет и нема оддишки. Скоро да нема пауза. И затоа оваа партитура е една од најтешките за актерките, но истовремено и најголем предизвик. Хелен Мекрори ја донесува оваа современа, крајно несреќна, но храбра Медеја токму во една силна емотивна гама. Фасцинанто е кога ќе ја видите на просцениумот оваа актерка со образи влажни од солзите кои постојано и течат за време на одигрувањето на својата ролја. Да, во тие силни емоции се крие она храбро и неутешно самосожалување затоа што оваа Медеја знае дека нејзината емоција не е нешто што „доаѓа ете така“, туку таа незапирлива река од тага и гнев е длабоко фундирана во нејзината мака да го донесе крајното решение. Хелен Мекрори во оваа улога донесе вулкан во чија лава пливаат сите други ликови. Оваа бескрајно талентирана актерка на сцената заживува Медеја чија мисла тече толку предизвикувачки, но толку редундантно за другите ликови што повремено ја тера да се поигра со нивното незнаење, нивната индолентност. Оваа Медеја на Хелен Мекрори има силен грб и цврст хабитус на чии коски натежнуваат сите нејзини одлуки, па и онаа најхрабрата и најтрагичната. Јасон на Дени Сапани импонира со својата трапавост, со недоумицата која тешко може да ја сокрие. Јасон во овој концепт го игра црн актер и тоа му дава една егзотична нота на целата претстава во која Јасон, Дадилката и хорот се црни, додека Медеја, Креонт, Егеј и гласникот се бели актери. Дени Сапани со една сосема оправдана и одлично одиграна конвулзија која расте од сцена во сцена донесува лик на лаком овек кој никогаш не постанал она што најмногу посакува – владетел. За разлика од него, Креонт на Мартин Тарнер и Егеј на Доминик Роуан се две лица на двајца репресивни владетели од кои едниот и одмогнува, а другиот и помага на Медеја. Едниот се расфрлува со моќ, а другиот промовира разбирање и благонаклоност, но ништо од тоа не останува за несреќната маѓесничка. Мартин Тарнер сосема пристојно се справува со емотивно исушениот лик на Креонт донесувајќи на сцената еден сувопарен ретор што би се рекло дека е сосема ново видување на овој лик кој обично е интерпретиран во една поконвулзивна варијанта. Доминик Роуан со Егеј гради епизода која во режисерка смисла носи сосема поинакво расположение, една позитивна атмосфера која Медеја ја прима со голема резерва. Оваа Медеја, на Кери Кракнел. Во актерка смисла и овој лик е реторички позициониран, но со една поголема жизнерадосност. Мрачниот контекст на претставата во себе го носи Дадилката која на накој начин е и претскажувач на целата катастрофа и како што наметнав погоре, Михаела Коел одигрува една сосема поинаква емоција, всушност целата нејзина ролја ја претвора во тажаленка која дава уште една димензија на целата претстава, а тоа е погледот од другата страна, кога веќе се е готово, кога трагедијата сосема се исцрпува.
Визуелниот момент во оваа претстава е дело на Том Скат, кој одлично ги споил костимските и сценографските решнија каде тој свет на „надвор“ и „внатре“ отвора многу дилеми на ниво на „варваризам“ кој пак од друга страна давајќи му предзнак на американскиот југ во деветнаесеттиот век ги одредува модерните координати на оваа интерпретација на Медеја. Најимпресивните моменти се во рацете на композиторите Вил Грегори и Алисон Голдфреп чија музичка илустрација ја потенцира внатрешната напнатост на главната хероина, но и грозоморната атмосфера на целото нејзино окружје. Сјајната кореографија на Луси Гверин говори за еден ригидитет кој е зачин на кој безрезервно сметала и самата режисерка.
Медеја е вечно неистражен модел кој во ингениозните стихови на Еврипид носи уште многу неосветлени корени. Оваа Медеја на Кери Кракнел и на Националниот театар од Лондон е видување кое го извлекува на површеина токму меѓесничкиот концепт на живот кој, пак, од друга страна е нешто што во принцип нема рационална согледба, но е оправдан во уметничка смисла. Оправданоста на дејствијата и на драматургијата на Еврипид има уште предизвици и интерпретации. Оваа на Кери Ктакнел е една од најоригиналните и најинтересните.