Ден на независните музичките продавници

13 април 2019 МКЦ Скопје

Денот на независните музичките продавници ќе биде одбележан со целодневен хепенинг денес на пладне во Младинскиот културен центар во Скопје.

Record Store Day во светски рамки се одржува од 2007, а овде во Македонија, таа убава традиција годинава се одржува по третпат.

Следејќи го генералниот концепт на прославата и “Record Store Day Macedonia 2019” има свој Амбасадор, промотор на овој настан. Оваа чест, во светски рамки секогаш е наменета за музичари, кои со своите објави покажале несомнена почит и љубов кон физичките изданија, пред сè винилите како доминантни носачи на звук и на овој или оној начин несебично го подржувале опстојувањето на малите музички продавници. Водејќи се од овие основни начела, честа да биде македонски Амабасадор на овогодишниот македонски Record Store Day, му припадна на Стојче Цветановски DJ Stojche, најмногу поради два исклучителни факти со помош на кои го одржува винилот како релевантен носач на звук. Неговото име, во изминативе 10 години, се појавува на 30-ина винилни изданија објавени во Европа, а дел од нив и за издавачките куќи зад кои стои и самиот, Tangible Assets Records и Argumento Music Group. И токму на овој “International Record Store Day 2019”, DJ Stojche ќе најави два нови винила (12” EP) на кои е запишано и неговото име.

Годинава, на интернационално ниво се промовира уште една почест, “Worldwide Record Store Legend”, за страсно колекционерство и долгогодишна поддршка на физичките изданија како носачи на звук (пред сè на винилот) и континуирана поддршка на малите и независни музички продавници. Честа да биде промовиран во нова македонска “Worldwide Record Store Legend”, му припадна на сопственикот на култната скопска кафеана Пелистер – Бранислав Димитров-Бране, долгогодишен пасиониран колекционер на физички изданија, со особена страст кон винилите и редовен посетител на европските, но и на ретките македонски независни музички продавници. Во изминативе две години оваа почест ја добија Васја Ивановски (2017) и Владимир Мандичевски-Манде (2018).

На програмата ќе имаат настап Nastasja Kish од Скопски Грув, Бојан Чакра, Стојче и Божидар Јовановиќ Болекои ќе пуштаат музика исклучиво на винили.

На овогодишниот Record Store Day ќе биде промовирано и винилното издание на Александар Пејовски “Selected Works Vol.1”, во издание за PMG Recordings, која плоча ќе може да се набави на самиот настан по промотивна цена од 1000 денари.