Molokai

Rack Attack 2.0

Ако првиот албум на инструменталното сурф трио Molokai насловен како You Surf, We Send Piranhas (2011, Направи заедно)  во основа беше фуриозна колекција од сурф-панк песни, вториот албум на младите битолчани е фуриозно парче панк-сурф музика. Слично, ама далеку од исто… Rack Attack 2.0 претставува успешна реализација на потребата на бендот од проширување на совладаните и истражување на нови музички територии. Овојпат таа потреба е артикулирана преку не тенденциозно, туку напротив, сосема природно оддалечување од ортодоксниот сурф рок концепт. Да нема недоразбирања, звукот на Molokai и понатаму гравитира околу wet reverbот на гитаристот Дамјан Маневски, но сега веќе изостанува инсистирањето на исклучиво сурферскиот сензибилитет. Бидејќи по неколку преслушувања станува сосема јасно дека, како долгосвиречко издание, Rack Attack 2.0 почива на извонредно осмислен албумски концепт, можеби најдобра слика за него ќе се добие ако овој приказ се изведе најконвенционално – со обид за осврт песна-по-песна. Помакот на бендот на добро може да се насети уште во првата The Beast of the Bottomless Lake: типичен Molokai punk surf драјв, овојпат збогатен со garage и само назнака на psychobilly – идеален продолжеток на интрото на песната и плочата во безмалку noir манир. Совршено за отворање на албум. И нормално, од врата – право во “цевката” на бранот. Втората John Travolta in the Castle Revolta, единствениот чистокрвен олд скул сурф рок на овој албум, е како сурфање по стакло – инстант surfhead хит и ултимативно сведоштво за познавањето на жанрот. Дик Дејл расте како квасец.

molokai

Double Rack Attack  е типична Molokai композиција, нешто над двеминутна борба на живот и смрт помеѓу масивните панк рифови кои гризаат уште од првиот такт и нежното галење на препознатливото тремоло на Маневски. Следуваат две песни кои би биле сосема нетипични за “You Surf…” периодот на Molokai, да не беше двеминутниот формат и целокупниот псеудосурф филинг: мегаситифоровската Grujo #1 и искулираната мини math-rock вињета Stanich #1. Имињата на песните се индикативни за процесот на нивото настанување, можеби креативниот излет завршува тука, на половина плоча? А можеби и не. Creepy Heap from the Deep, повторно non-surf Molokai песна (добро, се до пркосната вибрато завршна кода). Непостоечкиoт вокал лебди како панк готски дух над оваа crossover композиција повеќе отколку на која било друга, многу погласно отколку татнеж на бран на хавајската плажа. Побавно темпо, солидно изработен аранжман и вешто исконтролирана изведба. The ClockTower Experiment и Planet of the Оd не носат кон затворањето на албумот со својот, веќе препознатлив, калифорниски панк-рок манир од 1980-тите, втората со поизразено емотивна мелодиска линија. И конечно, за фајронт, егзистенцијално насловената The End of Time: molokraj 1.0, своевиден tour de force сублимат на целото творештвото во кусиот досегашен живот на Molokai, во пакет со (трогателно прекомотно за бендот) четириминутна 2.0 верзија на истата песна, која делува уште поеклектично од оригиналната. Вториот албум на Molokai е дефинитивно позрел и поразновиден како од авторски, така и од свирачки аспект. Сега веќе ритам секцијата (Дамјан Грујо – бас и Бојан Станиќ – тапани) е постабилна и индивидуално покарактерна, што само го инспирира фронтменот Дамјан Маневски да го надгради – првично поизразеното – комбо од сурф-рок тремоло бравури и цврсти панк рифови со остри math-rock акорди и мелодиски прогресии. Истовремено, групата останува верна на форматот од 2-3 минутни фуриозно распичени песни, чија возбудливост расте паралелно со тензичната спрега меѓу сировата изведба и внимателно конструираните композиции, вклучувајќи ги тука и типично инвентивните, па на моменти дури и минуциозно осмислени премини. Уште од првиот албум на овие навистина млади момци, а особено по првата свирка на Molokai, стана прилично јасен нивниот потенцијал како полнокрвен бенд кој е доволно сигурен во својот идентитет да биде целосно отворен за музички авантури и целосно затворен за компромиси кои се канцерогени за автентичниот рокенрол израз. А овој албум, заедно со промотивниот концерт во Скопје во втората половина на август 2014, послужи само како потврда дека не биле само субјективна илузија на нивните фанови оние недофатливи, но супервозбудливи проблесоци типични за бендови со посебен талент кога зазвучуваат истовремено како да се на работ на распаѓање и како инстиктивно да ја знаат магичната формула за (повторно) ловење на оној еднаш-во-животот бран што го чека секој прав сурфер. Кога знае дека: е, сега може да биде буквално сè.