The Drogerash Scienthific Degeneric World of Volchar & Coala

радио драма [014 Критика | Канал 103]

TDSDWOVAK

The Drogerash Scienthific Degeneric World of Volchar & Coala [58:32] радиодрама

Александар Станковски и В.М – автори и протагонисти
Протагонисти:
Јован Миовски Брамс – наратор
Горан Путица – уредник и учесник

продукција: Канал 103, 1992

 

Во далечната 1992/3 година, многу пред некој и да можеше да замисли некаква критичка мисла, се појавува „Дрогераш…“, радиодрама за првпат изведена на брановите на музичкото радио Канал 103.  Дистопијска научно-фантастична-политичка сатира која изобилува со антоними, сленг и скриено значење со, на миг вулгарна експлицитност и еретибилно (дебилни) девијантни мисли. Дрогерашот се јавува како прекогниција на сето она што ќе следи во некое идно време – терор, дрога, политика, криминал. Овој метапсихички трилер (или крешендо на шундот), и од денешна перспектива е квантен скок за средина како нашава во која осредноста доминира. Времето и дејствието се исти како да се случуваат и денеска. Императорот Минго и понатаму ги шири своите лаги. Лајнеријанците се помногубројни, следи падот на Скопје. Некаде пред крајот на емитувањето, радиоемисијата е забранета. Волчар и Коала во галоп ја завршуваат, успеваат да украдат една пита-лента, па истата драма е објавена како книга неколку години подоцна. Тука ги слушаме аудио исечоците од сега веќе историски озлогласената наказна драма: The Drogerash Scientific Degeneric World of Volchar & Coala.

2

 


 

разговор по повод изданието

МАГИСТРУМ МИЛТОН РОЗЕНБЕРГ 

Разговор со реномираниот Др. Милтон Розенберг, по повод објавувањето на радио-пиесата „Дрогераш“. Господинот Розенберг е долгогодишен член на друштвото на писателите на Џибути и почесен конзул на уметничката колонија од Магарево. Разговорот го води еден пензиониран разузнувач на некогашната ЈНА – Андо Стојаниќ Бензијски-Пензијски, во академските кругови познат под кодното име Др. Дарлишта

Др. Дарлишта: Докторе, чинам вие бевте директно инволвирани во издавањето на овој примерок, што би можеле да издвоите од вашите сеќавања, за таа чудна епизода. Времињата се малку инакви, но секако не се помалку турбулентни и денеска. Дрога, тероризам, ИСИС, НАТО, оргии, Обединети нации, педофили, богати-сиромашни, мачки-кучиња, црно-бело? Никогаш немало поголема дивизија а сепак слатко е да се живее од државна пензија. И секогаш некој живее добро, а некој лошо, времето е сега! Хе-хе… ?

-?

-?!

Др. М.Р. Розенберг: Хм… да, во далечните 90-ти работев на проверката на квалитетот во една печатница во близината на Бронкс (Њу Јорк), местото изобилуваше со мравки, секакви мравки: црни мравки, цревни мравки, мравки што летаат, атомски, сите видови на мравки. Во воздухот летаа муви, црни-гнојави, топчести зелени-жолти, реата беше тешка, како  милиони потни тела да беа  заглавени под подот, чувството беше слично на оние логори во Дахау, Треблинка. Добро се сеќавам на тие сцени во печатницата пред да ја добијам таа нарачка. Поголемиот дел од времето го минував со диспензерот в‘ раце, за сето време обидувајќи се да ги пренасочам колоните на мравки што како армии навираа од секое ќоше.
Едно попладне на вратата се појави еден ситен човек со триаголнесто лице и синометални очи, беше облечен како оние убијци од времето на прохибицијата. Мирисаше на лук и беше сиот згрбавен, со темна наметка и црн шешир, на мигови витален, но сепак пристоен. Приметив дека на едната рака имаше масонски прстен. Се претстави со некакво полско име, Џуберски-Келешки-Ка-ке лешки?! Да,токму така се презиваше. Кој ќе го знае… сите оние словенски: иќ-сквиќ-крќ-врќ, сите нивни презимиња ми беа: СК-и-сти. Нагласи дека изданието морало да биде готово за 24 часа, требало  да се изведе некаква револуција, па контрареволуција? Нова нација се раѓала? Таму некаде на балканот, па не била нова, па била античка; републиката всушност била во некоја котлина, па телевизија? Ме заболе главата, брбореше како навиен. Во меѓувреме пристигна и Климе Рајцингер, уредникот на куќата „Биволскиот Запчаник“. Тој вети бонус ако сите работи бидат завршени на време. Овој Какелешки на тоа промрморе негодувачки. Нацијата сè уште не била ниту нација а државата била далеку од држава, бесно нафрлуваше примедби, плукајќи на подот врз насобраните мравки. Непрестано чекореше со тежина на слоноубиец дигајќи прав по даските. Патувањето скапо го чинело, жалејќи се ги превртуваше  очите. А мувите стануваа сè поцрни и покрупни, облаци од муви се лепеа по нивните потни чела. Луди црни тавтабити излетуваа од секој можен отвор. Господинот Какелешки го објаснуваше овој жанр како литература за тоалети (некаква сатира за социјалистичките ново-буржуји). Тврдеше дека тие ќе располагале со капиталот на Балканите во следните 100 години,  биле лесно подмитливи, манипулативни од страната на странските служби. Во прилог дури прочита еден расказ од една збирка насловена како „Милв Р`чка во осилекот на Чу-тељ“. Па прочита на глас некаков бактериолошки расказ. Мувите сега започнуваа да напаѓаат со невидена страст, небаре наместо луѓе говореја лајна, низ етерот бруеше како во осило. Како во пештера зелените габи и понатаму висеја под пајажините од просторијата веднаш над печатарските машини, мравките грабеа долж подот лазејќи по нивните екстремитети, почнаа да влегуваат под нивната облека; набргу стана неиздржливо дури и за господинот Какелешки. Тој лично зеде еден примерок од Дрогерашот и го запали  како факел, се пробиваше газејќи врз неколкуте капитални гнезда, а ние по него излетавме на отворено. Надвор беше убав сончев ден, птиците сè уште пееја, тој ден низ улиците се јадеше тавче гравче, на CNN се рекламираше некоја античка земја: Fyromeja? I do not remember well… Како не? Се сеќавам: Д‘ Дрогераш Деџенерик Сајнтифик У‘рлд. Минаа години оттогаш и ете штотуку ја слушам првата изведба заедно со вас на ова злодело, автори: А. Станковски и некој В. М.? (првпат слушам за овој). Дознав дека првиов денеска станал некој вид на селебрити, таму кај вас? Фиромеја беше, така?

Др. Дарлишта: Да, треба да ни дојдете на гости, да видите убавина, Скопје 2014, сите работат во вашите фабрики за 200 евра месечно, немаме повеќе дрогераши, тие се минато хе хе хе. Цела нација е на „Хепи Енд“. Едноставно нели? Се присеќавам на зборовите на прекрасниот Бјутица – „Таа пиеса беше последната капка во чашата која се прели, т.е. доста допринесе да се решат да нè заќутат. Со сигурност знам дека емисиите се снимани и преслушувани на колегиумот во МРТВ и во МВР, меѓудругото заклучиле дека се рекламираат местата за продажба на дрога и се расипува младината“. Сега сè е поинаку…

Др. М.Р. Розенберг: …На полошо нели? Ајде да ја слушнеме драмата.

Др. Дарлишта: Ајде.

 

Од авторите: В. М. – А. Станковски: Голема благодарност до Горан Путица, нараторот Јово Брамс и Канал 103, за ова сè уште свежо и на мигови вознемирувачко недело.

Фотографија: Lady Zanet Vangelie
Критика благодари на Младен Павлески BPM Sound за мастерингот на радиодрамата

линк за преземање