Green Out

Рапаноја

Малкумина се хип хоп обожавателите во Македонија што не ги знаат наизуст имињата и биографиите на луѓето кои стојат позади динамичното и инвентивно трио Грин Аут, а веројатно такви што првпат слушаат за нив преку овој напис, не постојат. Она што просечниот слушател го добива со Грин Аут не се само две емсија и еден продуцент, туку цела екипа артисти, бреме на продуценти кои замешале прсти во многу интерстилски правци, досетливост, но и оган и лутина. Пеше, Тонио Сан и Брус во нивното ново издание „Рапаноја“ нѐ носат на шеесетикусур-минутно патување низ нивните проекции, размислувања, стравови и ставовои. Жустро и без влакна на јазик, проследено со многу трпки на кожата, извици на воодушевување кажани во себе и скоро непрестано раперско климање со главата во текот на целто преслушување на ова албумско остварување.

GO

Она што може да се забележи на прво слушање е дека триото е музички и лирски позрело од било кога. Секој од нив поеднинечно експериментирајќи во соло проекти, истородни но, неретко и комплементарни краеви од човековата потсвест и секојдневие, успеава да биде многу поразлична верзија од себеси во моментот кога, раперски кажано влегоа во оваа игра.

„Рапаноја“ се состои од 16 нумери, придружен е со два официјални видео записи и неколку видеа со интерпретации во живо. Од гостите на овој албум најзначително е гостувањето на Дон Дада, соработка која, според мене ја дава една од поинвентивните нумери во последно време во македонскиот дел од хип хоп небото. Нумерата е насловена „Тема“ и е своевидена полемика на Тонио Сан и Дон Дада за избор на тема на која би рецитирале и создале заедничка нумера. Од емотивен аспект провејуваат нумерите со приткаен гнев и меланхоличност како „Сеуште“ и „Ќор сокак“, но и такви кога тој е нескриен и е директно во вашето лице како насловната „Загуби“ и „Пази што правиш“. Грин Аут не бегаат ниту од темите кои го тиштат нашето секојдневие, па и од политиката и од муабетите кои се одвиваат секојдневно на скопските улици кои се совршено отсликани во „Жутки Час“. За оние тврди хип хоп глави, што би рекол Нас, оние кои се заглавени во 90-тите одлично ќе дојдат теми како „Крвна група“ и „К.Г.Б“. Реминисцентните теми со длабоко изрезбана социјална критика, кои најдобро се доловуваат во силно пуштени слушалки, се исто така присутни и олицетворени во „Куќичка на дрво“ и „Распад“ (на која исто така гостува Дон Дада).

Низ целиот албумски опус неретки се и духовитите моменти како и референци за кои ќе ви треба да следите англиско (и италијанско) фудбалско првенство, да знаете барем неколку работи за збиднувањата во Арсенал. Можеби тотално небитно, но ова е една од поавтентичните работи кои може да се сретнат во текстовите на Грин Аут. Делува банално, но ова е совршено отсликување на излез од рамката на темите за рецетирање карактеристична за американските рапери. Она што можеби го имаат задржано како каракеристика од првиот ден кога стапија на сцена (и е секако интегрирано во овој албум), а дел од некоја глобална хип хоп рамка и е својствен за добрите хип хоп изведувачи е нивната вештина и умешност во креирањето на досетливи „punch lines“ и непоколебливост кога е момент за „battle“.

Продукциски и музички овој албум звучи многу побогато. На моменти лепливи, а на моменти тврди битови кои се совршено конгруентни со тематитката која се обработува во дадената нумера. Можеби се приметува дека Брус главен музички фокус во моментов му се други музички стилови, што во однос на овој албум се рефлектира во музичка свежина и аудибилност и е крајно позитивен момент.

Оставам да ви одѕвонува во ушите дел од еден реферн: „Од зори па до самрак, сме пак рап, се уште сме Грин Аут банда сé до сандак…“.