[рецензија] Bernays Propaganda

Втора младост, трета светска војна [Moonlee Records • Geenger Records • Ill in the Head • Поп Депресија • Балкан Велики]

Со своето петто долгосвиречко издание „Втора младост, трета светска војна“, најдобрите претставници на македонската современа (не само алтернативна) музика ја продолжуваат својата преобразба започната со „Политика“ која излезе во 2016. Дигитално создадени ритмови, нагласени бас-рифови зачинети со фолклорни мотиви на тарабуката и дувачите го сочинуваат скелетот на нивната музика. Со своите текстови, најчесто од Кристина Горовска, ја отсликуваат безизлезноста на постоењето во Македонија и воопшто светот. Се повикуваат на Џони Штулиќ (Сончевата страна на улицата) и во „Ќерка на гладот“ го обработуваат великиот Коста Рацин, чии зборови и денес звучат, за жал, современо.

Покрај главните двигатели Тина и Васко, Бернајс Пропаганда на ова издание се: Дени Крстев – соло гитара, бас, клавијатури и програмирање, Раде Јордановски – соло бас и Кристијан Лафазановски – тапани и тарабука. Да не ги заборавиме и Александар Ниниќ и Вилијам Бараковски задолжени за дувачки инструменти.

Плочата ја започнуваат со „Ретки билки“, возечки бас-риф и дувачи. Во „Дојде живот“ го критикуваат неисполнетото ветување на власта. Продолжуваат со носталгичната „Не сме фини еден со друг“ а во веќе познатата „Мојата Марија“ користат дувачка линија по рецептот на Горан Бреговиќ. Електронските ритмови тераат на играње а текстовите на размислување. Во „Вежбаат држава“ со иронија ја разоткриваат „стратегијата“ на светските центри на моќта кои мислат дека можат да манипулираат со луѓето по желба. Извикот „Никогаш северна, само Македонија“ стои како контрапунк на овие обиди. Во „Ништо нема да нè раздели“ гостуваат Mike Watt и Тони Китановски, ги семплуваат Крафтверк (?) и со тарабуката создават судир на две култури. Диџејот Стојче е од голема помош во техно песната со соодветен наслов „Злобен фанк“.  Замислувам како би звучел овој албум доколку го ремиксува Роботек.

Единствена замерка е слабиот рап на Васко во „НАТО влегува во Скопје“. Музички гледано, Бернајс Пропаганда би можеле повеќе да работат на вметнување на контра-мелодии кои аранжмански би ја збогатиле звучната слика. Ако може да предложам, повеќе диви, нескротливи дувачи и откачена гитара се насоки за натамошен развој на составот. Не дека на овие тврдокорни праведници им треба мојот совет. Тие не знаат да робуваат.

„Втора младост, трета светска војна“ на пазарот на Северна Америка е во издание на Ill in the Head Records.