I, Daniel Blake

режија: Ken Loach

Од нигде никаде, добивам мејл дека мојот работен стаж брои толку и толку години, месеци и денови. Уф, си мислам, државнава администрација конечно почнала да работи нешто за што сите граѓани ја плаќаме. Сепак, нешто не ми штима. Забележувам дека фалат година и некој месец стаж. Одвојувам време и влегувам во бирократскиот државен лавиринт. И бидејќи е нивна, а не моја грешка, еден ден не е доволен. Едноставно, велат, при преселбата во новата зграда којзнае каде им се архивираните документи, и сето ова го кажуваат со насмевка на лицето. Океј, навикнат сум уште од студентски денови да висам на шалтер. На Правниот факултет имаше една службеничка пред пензија кај која ти беше страв да се обратиш, а камоли да средиш нешто. Дури на крајот, кога дипломирав, ја начекав во добро расположение и релативно брзо и без нервози ми ги среди документите. Но, да се вратиме назад. Од шалтер на шалтер, приказната ме врати кај книговодителот, па повторно назад во зградата на институцијата. Доколку не беше љубезна една од службеничките и реши случајот да го истераме до крај, кафкијанскиот процес ќе си потраеше. Колку, не знам. Но нејсе. Мојот случај е ситен во однос на приказните за кои слушам од пријатели и за кои одвреме-навреме читам во весниците. Има граѓани, наши сограѓани, чиј работен стаж е преполовен, некому фалат три, некому пет, некому десет, некому дваесет години. А фирмите затворени. Кому да се пожалат, каде да се обратат? А требало да си уживаат во заслужената пензија. И не е само оваа приказна со работниот стаж. Што да кажеме за лихварските банки кај кои пола луѓе во државата се задолжени и се на работ на егзистенција? А извршителите, работат ли работат. За проклети 190 денари за националната телевизија која константно сервира партиски вести се блокираат трансакциските сметки. Што да кажеме за катастарот? По повторното мерење, 20%-30% од земјиштето со сопственост преминува во рацете на Република Македонија. И оди докажи го тоа. Со години ќе играат пинг-понг со тебе. А ти си само чесен граѓанин кој плаќа данок и сака да има пристоен живот. И ништо повеќе.

IDB1
Поприлично големиот вовед наведува на мислење дека работите кај нас воопшто одамна не функцинираат. Па, држава во транзиција сме, е лесниот изговорот, нели. Но, одважни филмски автори како Кен Лоуч ни покажуваат дека кога се работи за ригорозен државен апарат, особено како британскиот во неговиот случај, нема никаква разлика од држава во држава. Таа е Кралството кое владее со граѓанинот. А доколку се дојде до ситуација која е малку посложена, системот и неговите бирократи нема да се потрудат да ја решат, бидејќи, едноставно, тоа не е така запишано во правилата за функционирање на апаратот. И крај на приказната. „Јас, Даниел Блејк“, неговото последно остварување, лани ја доби „Златната палма“ во Кан за својата отвореност и бескомпромисност токму во разголувањето на системот кој го „тортурира“ поединецот. Десет години по „Ветрот што го ниша јачменот“ кој исто така ја освои канската Палма во 2006 година, британскиот „социјален реалист“ се врати на Кроазета и ги воодушеви сите со својата нова драма, која како и неговите претходни остварувања, е силно социјално и политички ангажирана, не штедејќи никого и раскажувајќи без влакна на јазикот. Секако, тимот што победува не се менува, па Лоуч (1936), кој со децении и’ одолева на холивудската машинерија, и овој пат соработува со сценаристот Пол Лаверти, чии дијазлози се сржта на приказната.
IDB2
Сторијата за граѓанинот Даниел Блејк, чие име и презиме е смислено ставено како наслов на самиот филм, со потенцирано „Јас“ за да се истакне личноста, не може да не ве вознемири, а истовремено и разнежни поради човечката добрина која со тони истекува од филмот. 59-годишниот витален „старец“, кој поради проблеми со срцето не може да добие финансиска помош од државата, влегувајќи длабоко во пеколниот лавиринт на државниот апарат, сепак не ја губи својата човечност, и дури се спријателува и со самохраната мајка која, интересно, ја доселуваат од Лондон горе на северот, во индустрискиот Њукасл, како обратна тенденција на миграција вом која сите се стремат кон метрополата како „ветена земја“. Столарот Блејк, со уште безброј други работни способности и искуства, се ужасува од сложеноста на системот (мора да научи да работи на компјутер, да направи си-ви…), но тој истиот не го одбива, туку се обидува да се прилагоди. И додека чека по час и половина да ја добие службата, слушајќи глупава музика од телефонската слушалка, тој им вели истата што поскоро да ја сменат, но и се обидува да размислува рационално, постојано прашувајќи зошто да биде така, зарем вака не е поедноставно? Цар!
И после овој филм, не можам да одлучам кој е поголем филмски мајстор, Кен Лоуч или Мајк Ли. Сепак, тешко е да се одлучи, ги сакам филмовите и на обајцата, бидејќи истите ни раскажуваат приказни за луѓе кои во светот ги има милиони, и честопати нема кој да ја слушне нивната приказна. Затоа, Даниел Блејк зборува во името на сите. Со спреј на ѕидот. И не е фејк како Бенкси, тој е вистински, од крв и месо. И жена која ја сакал. И пријатели кои достојно се збогуваат од него. Даниел Блејк зборува и после смртта. Тој вели: „Јас не сум клиент, муштерија, сервисен корисник. Јас не сум изнудувач, просјак или крадец. Јас не сум број на национално осигурување, ниту пиксел на екранот. Јас го плаќам данокот без да фали денар, на тоа сум горд и соседите ги гледам директно во очи. Не прифаќам ниту давам милосрдие. Јас сум Даниел Блејк, и јас сум човек, а не пес. Како таков, си ги барам своите права, и барам да ме почитуваш. Јас, Даниел Блејк, сум граѓанин, и ништо повеќе, ништо помалку. Благодарам“.