Ex Hex

Rips

Ако се земе предвид оти музиката вирее 4.000 години (гледано од античката ера – од предисториската се 40.000), тогаш гитарата се користи во микрофрагмент од нејзиното развивање. Доколку се гледа во контекст на рокенрол и поп-звукот, таа се применува одвај шест децении. И покрај овие две перспективи, првата со екстремно широк, втората со прилично тесен опфат, јасно е дека инструментот е ситен детал во огромната слика, а сепак, за него повеќепати беа чатени зборови вообичаено резервирани за погреби. Изгледа дека „рокот е готов“ и „гитарите се мртви“ се изјави по кои повремено се посегнува за одредени индивидуи да си го пополнат кратерот што зјае на местото на нивната вредност. Истовремено, ниту жанрот, ниту жиците исчезнаа во хоризонтот туку продолжија да јаваат по нови, стари и тековни простори.

Ex-Hex

Ex Hex не се каубои, Индијанци или вестерн-опсесивци, ама пукаат како едните, сечат како другите и притоа будат ослободувачко чувство како што само можат отворените, природни, терени. Во нивниот звук нема премногу руралност – баш спротивно, однадвор тој е особено урбан – меѓутоа, ритамот со којшто се движи го прави моќна асоцијација за насмевки изнудени од денови минати на сонце, во трева или фрлајќи фризби во вода до колена. Инспиративни и позитивни, овие шаренолики слики и разнобојни впечатоци се резултат на насушната потреба за режење на гитарата што лидерката Мери Тимоти нескриено ја демонстрира на бендовското деби Rips. Игриво скокајќи од рокабили и сурф преку алтернатива и панк до ситни хеви-проблесоци, таа ја топи мелодијата и овозможува истата да тече елегантно преку шесте жици во овие 12 блиц-композиции.

Во поглед на влијанијата, Ex Hex посегнуваат до рудиментарни панк-величини како The Ramones, Buzzcocks и Cheap Trick, но пуштени низ модерната, малку подзабрзана, призма на артисти од типот на Алисон Мосхарт и нејзините The Kills и The Dead Weather, како и на Blonde Redhead или Sleater-Kinney. Тимоти, сепак, оваа основа ја превзема целосно во свои раце со певливиот, исполнет со ехо, топол вокал, како и со запаметливите акорди и соло-фрази на гитарата. Со овој пристап се запознаваме 30 секунди по почетокот на Don’t Wanna Lose, кога рефренот се искачува во умот како сурферка на висок бран, а минута подоцна дисторзираните жици се впуштаат во матурски танц изваден од средношколски филм од 80-тите. Всушност, освен за кревање замислен инструмент во воздух, ова е издание за денсање во особено развеселен твистиген манир.

Такви песни за мрдање лево-десно и гласно пукање со прстите се Beast, You Fell Apart, Waterfall, Radio On и New Kid. Тие го забрзуваат пулсот, забите ги тераат да се изложат на светлина, а духот го исполнуваат со енергија која што најсилно надоаѓа при последователни сончеви денови, ама и која растерува облаци кога е потребно. Нивен контраст се Waste Your Time, How You Got That Girl, Hot And Cold, War Paint, Everywhere и Outro. Со темпо што комотно левитира во некоја безгрижна средина, мелодии кои се помалку јужњачко-блузерски и со поттик за земање здив, тие го динамизираат материјалот и помагаат да не биде безличен иако самиот е горделив на фронтално разголената едноставност. Овој пристап во преден план ја исфрла зрелата, самоуверена и начитана авторска вешина на Ex Hex. Токму поради неа, бендот на Rips не ги омалаксува чистите идеи и не ги заморува слушателите, туку распорува. Или по модерно – кине!