Sonny Rollins

Road Shows Vol.2

Се чувствувам непријатно, некомпетентно и на крајот на краиштата неблагодарно да коментирам, а камо ли да пишувам за било каква музика отсвирена од една џез и музичка величина каква што претставува легендарниот Sonny Rollins.

Затоа и нема да го направам тоа.

Но, ќе набројам само 10 причини зошто треба веднаш да го симнете и слушате овој албум:

  1. Најголем дел од албумот е снимен во живо во 2010та, на 80-иот роденден на Sonny Rollins;
  2. Човекот свири како да има 30 години;
  3. Екипата со која свири е interstellar, и брои гиганти како Ornette Coleman, Jim Hall, Christian McBride, Roy Hargrove, Bob Cranshaw и Roy Haynes;
  4. На песната “Sonnymoon for Two” се запишува во историјата првиот заеднички настап на остроумните Rollins и Coleman заедно, а дваесет минутната изведба е и повеќе од историска;
  5. Coleman ја прифатил поканата за настап, само половина час пред концертот и свирел на позајмен инструмент, при што на снимката е јасно дека има мали технички проблеми, кои до толку не пречат што дури прават и посебен штимунг;
  6. Далеку од совршени и многу валкани, сите изведби на албумов се моќни и возбудливи сведоци на еден момент и присуство, до коска;
  7. Музичарите свират како да не знаат дека некој ги снима и иако мелодиите се добро познати, вријат од спонтаност и живот;
  8. Тоновите на Sonny Rollins, кои некогаш звучеле многу остро и динамично, сега се истите но со поголема доза на сигурност и специфична емоција. Истото важи и за генијалниот начин на кој во повеќе наврати влетува со фрази од различни песни во своите сола;
  9. Секогаш е добредојдена дозата на оптимизам и охрабрување која се чувствува кога слушаш стари изнемоштени дедовци кои преку инструментите имаат единствена можност за младост и сила да си играат како дечиња;
  10. Ако ништо друго, ќе слушнете феноменални изведби на безвременски џез стандарди од Ellington, Gershwin, Strayhorn итн.

Задоволството ви го оставам тука.

Уживајте!