Романтизирање на минатото | Интервју со Јан Немечек

Јан Немечек е млад перспективен артист од Србија, кој креира современ електронски звук кој може да варира во различни перспективи, од минимал техно и хаус па сé до дабстеп/пост дабстеп и амбиент. За прв пат во Скопје настапи 2009 тата година и од тогаш е редовен учесник во сите најзначајни настани поврзани со современиот звук. Покрај биографијата која ќе ја прочитате во продолжение ќе имате прилика да проследите и негово интервју, како најава за следниот негов настап, кој ќе се случи во рамките на претстојниот BTKRSH фестивал.

Jan_NemechekЈан Немечек се издвојува како еден од најинтересните млади артисти на клубската електронска сцена во Србија. Неколку години поминува работејќи амбиентална музика, како и на разни мултумедијални проекти. Во 2006 ги запознава Марко Настиќ и Марко Милосављевиќ кои ги поддржуваат неговите први чекори во техно и хаус музиката и со кои соработува во студио, но и “на терен” со свои настапи во живо. Така, настапува на Егзит, со неполни седумнаесет години, што го прави најмладиот артист во историјата на фестивалот. Истата година потпишува и ремикс на синглот U Are The Reason на Настиќ и го издава соло албумот Afterimage, а настапот на Егзит е објавен како специјално издание со списанието Yellow cab. Заедно со Данило Томиќ го основа и првиот српски нет-лејбл Norbu, каде под псевдонимот Kalope се осврнува на поексперименталната страна на електрониката, минимал и хаус звукот. 2008 издава 12″ за Traffica Records, а наскоро, следуваат неколку други изданија и ремикси за Traffica Records и Recon Light. За разлика од многу диџеи и продуценти на локалната сцена, Јан повеќе сака да настапува во живо, презентирајќи го на тој начин развивањето на неговите траки на подиумот.

 

Веќе неколку пати беше во Скопје и публиката веќе знае за твојата работа која е прилично еклектична. Со која перспектива на звукот сега се бавиш и со која перспектива ќе се претставиш на овој настап?

Овој пат презентирам AV лајв за својот најнов албум “Fragmented” кој се осврнува на малку по експериментален амбиентален звук кој за мене во последно време е интересен. Последниве години тој “грануларен” пристап кон правење музика доста ме заинтересира и ова е една од целините кои произлегоа.

Во едно интервју тврдиш дека српската сцена не постои. Во одговорот го кажуваш истото она што и јас го заклучив за македонската сцена, што значи дека и таа е заразена од истите симптоми – поделеност на кланови кои работат само за себе и за својата публика од 20 луѓе, изолирани од другите. Која е причината за сето ова и како тоа да се реши?

Мислам дека причина за сето тоа е што секој верува дека неговиот пристап или жанр е “најдобриот” и сé друго е ирелевантно и за потсмев. Да не говорам за тоа дека истите тие кланови се и музички затворени па со тоа и јазот се проширува. Секако тука доаѓа и проблемот на мала средина, мал број на клубови и сериозни продуценти.

Речиси на ист носталгичен начин се раскажува и за македонската сцена од 90-тите години, како што се раскажува и за српската, што значи дека развојот бил донекаде сличен. Кажи ми нешто за твојата перспектива на гледање на таа историска фасцинација, дали навистина сé било толку различно од денес или тоа е само носталгија на постарите членови на сцената? Зошто е тоа така?

Се разбира дека било поинаку. Не можам да негирам дека во доцните 90-ти ми беше потешко отколку сега, или дека пред десет години не беше поинаку. Сé се менува и тоа е неизбежно, но тоа романтизирање на минатото го пренасочува вниманието од вистинскиот проблем односно непостоењето на сцената.
Повторно, далеку од тоа дека е се црно, мислам дека музичката состојба во последните три или четири години драстично е подобрена, особено во Белград. Дојдовме до фактот дека footwork забавите се по посетени од house забавите на истата локација, гледаме дека експерименталните артисти се на лајнапот рамо до рамо со диџеите. Таквата соработка и промени се потребни за да не исфрлат од таа затвореност и кланскиот пристап.

Можеби најзначајните двигатели на новата електронска сцена во Белград и Србија како фестивалот Dis-patch престана да постои, Share конференцијата исто така прекина со својот континуитет… Што се случува во моментов на српската сцена? Дали има квалитетни случувања? Дали има продуценти и артисти кои би ја предводеле новата српска сцена и кои би можеле да се споредат со светските?

Навистина ми е жал што таквите настани престанаа да постојат, но до тоа дојде поради недостаток на разбирање за ваквите настани од страна на спонзорите и на државата. Мислам дека сме сега оставени на поединечните настани што ќе ги задоволат нашите музички желби. Што се однесува до фестивали, прилично сум горд на Resonate, кој дојде до многу сериозна музичка програма.

Што се однесува до артистите, искрено мислам дека имаме талентирани луѓе, но ни недостасува малку хиперпродукција тоа да се притисне подалеку. Мислам дека сум делумно пристрасен што се однесува до продукцијата и би издвоил луѓе со кои сум соработувал досега како Piece of Shh… (со кого работев на проектот Brickwall Brigade), HETEM, Lukatoyboy, Данило Томиќ (со своите милиони алиаси), Feloneezy и Mystic Stylez екипата.

Од диџеј аспектот, мило ми е што ја имаме Drugstore екипата која претставува поалтернативен техно звук на домашната публика, а таму се неизбежни Mystic Stylez кои се повеќе од адекватни претставници на светската footwork сцена.

Кажи ни нешто за твојата уметничка работа. направи инсталација за Resonate фестивалот. Кажи ни нешто повеќе за тоа, дали планираш нешто слично во иднина.

На Resonate се занимавав со звук за инсталацијата Line of Sight, која ја работеа Андреас Мулер и Елиот Вудс. Целта беше на посетителите да им претставиме како изгледаше поставката и работата на самата инсталација, за да се дојде до некое споделување на информации. Мислам дека резултатот е многу интересен, но исто така ми е и жал што немавме уште неколку денови да реализираме сé.

Уште една работа која е доста значајна за тебе и твојата работа е употреба на најразлична опрема која постојано ја менуваш. Од техничка страна на звукот каква опрема и сетап користиш сега, како од хардверски аспект, така и од софтверски?

Во сите случаи како извор на звук користам Ableton Live и во зависност од настапот, дали е клупски или експериментален, додавам друга опрема. За клупските настапи во живо користам на Evolution UC33 како контролер и Maschine за секвенционирање ритам, додека за настапите без ритам користам APC40 и ексетрни ефекти како што се Eventide Spacea. Секако не којзнае колку технички спектакуларно, но мислам дека е најважно да се организираат доволно различни звуци и можности за импровизација. Сепак се “борите” против диџеите.