SUSIJAT

Safety in Numbness

Меланхолично, но сепак со некоја мала доза на енергија во себе, мрзеливо темпо, но доволно за да ве мотивира барем нешто да правите со себеси, „Safety in Numbness“ е деби албумот на „новопечениот“ наш македонски нојз рок бенд, Сусијат. Формирани во 2013 година, пленат со едноставност и чувство на носталгија коиошто се стационирани во самата срцевина на нивниот прв албум, издаден во април 2014.
Од авангардните и зрели звуци, може јасно да се примети дека составот на овој бенд точно знае што сака од своите инструменти, а тоа и го добива, почнувајќи од првата па се до последната песна. На самото отворање на албумот, песната „Living on a Tree“ ни презентира комплетна едноставност и меланхолија, инструменталот помешан со мрзеливиот вокал може да ни долови мрачна атмосфера дури ако ги затвориме очите на сончев ден. P.T.S.D, односно втора песна по ред е лично моја омилена, иако повторно е присутна сестраната меланхолија. Оваа трака располага со некоја посебна енергија што плени и според мене ја издвојува од останатите.

Susijat

Следна на репертоарот е „Pigs“, релативно поенергична, раздвижувачка и мошне кратка, но доволно долга за да ве проголта со ритамот. Иииии повторно се враќаме назад на бавните мелодии со „Time for a Change“, вокалот тоне во инструменталот создавајќи мрачна атмосфера и чувство на збунетост, едноставна песна со доста интересен текст. Иако песните се монотони,сепак додека слушате имате некоја необјаснива глад за уште, без грижи се уште сме на петтата песна и „Тhe hunger is real“, дефинитвно, можеме да ја опишеме со сите погоре спомнати епитети. „Rising“ – почетокот буди чувство на смиреност и сталоженост, инструменталот се колеба дали да настапи покрај доминантниот вокал, стигнуваме до половина и доживуваме мала промена, инструментите сега доминираат и темпото е побрзо, вокалот се враќа, овој пат, усогласен со гитарата и бубањот. „Speak my Mind“ и „No Home“ ја делат истата судбина, скоро десет минути долги и го задржуваат истото темпо до самиот крај. Кај „No Homе“ посебно би ги издвоила морничавите шумови коишто избиваат на средината на песната, се губат, па повторно испливуваат на површината за некаде при крајот целосно да спласнат.

Како претпоследна ја слушаме „Haze“. Спојот на рецитирање на текстот и сталожените удари во позадина на почетокот ве опуштаат за набрзо да ја „нарушат“ таа атмосфера со релативно побрутален инструментал. Последна на листата за анализа е „Martin“, трака во којашто, покрај Сусијат, учествува и типче по име Ruben Goswell. Мора да се потенцира дека е поинтензивна од останатите и има поелектронска природа (посебно вокалот) и дава многу убав и јасен аутер спејс вајб. Можеби самата дескрипција за овој албум ви звучи досадна, но ако навлезете подлабоко во монотонијата, навистина ќе се заљубите во неговата едноставна уникатност.

 

 

Матеја Димовска
Македонска алтернативна музика