Sethstat, Мирко Попов, Никола Коџабашија

Се плашам од Македонци

Кој ли ќе помислеше, до пред неколку месеци, дека во еден ред одделени само со запирка ќе стојат Sethstat, Мирко Попов и Никола Коџабашија? Во ред, Sethstat и Коџабашија и некако одат природно заедно – по трилатералната соработка Фолтин/Коџабашија/Стевковски, не е изненадувачки да го видиме (чуеме) нашиот истакнат автор-гастарбајтер и во еден друг џез идиом. Ама Мирко Попов?

Па, зошто да не? Текстовите на Попов се совршена програмска платформа за музичкиот израз на Sethstat. Обете иконокластички на сопствен начин – едните кон она што се нарекува „современ џез“, другиот кон она што се нарекува „современа Македонија“. Иако е познато дека вокалот и текстовите влегуваат последни во целата приказна (тие се напишани и снимени посебно од групата) нема никаков дискорд помеѓу нив. Јасно е дека авторски ова е соработка на три еднакви чинители, со Sethstat како најгласен партнер. Всушност во многу погледи ова е албум на Sethstat и како таков го доживувам. Музичката основа на овие 7 композиции е карактеристичната Sethstat-овска разиграност помеѓу темите донесени во дувачите (Владан Дробицки и Васко Бојаџиски) со експлозивната, психоделична и најчесто дисторзирана ритам секција (Панче Бујуклиев, Павел Дробицки, Дино Милосављевиќ) , оплемента со деликатните пиано делници на Коџабашија. Над сето ова, или подобро кажано во средина на сето ова е гласот на Мирко Попов, кој на моменти звучи како баритон-саксот на Матс Густафсон, шаманските арко моменти на Вилијам Паркер и конечно ослободениот бас-кларинет на Ерик Долфи на десниот канал од колмановиот Free Jazz. Исто така звучи и како вокалот на ПиЕмЏИ.

Се плашам од Македонци е текстуално провокативен и музички контроверзен (поради учеството на МП) албум кој сигурно ќе ги поларизира слушателите. Ама овие момци ионака тоа го прават и кога не се на едно место, зарем не?

ПС: Рецензијава ја пишувам неколку часа пред концертот на Мирко Попов и Sethstat и како што често бива жив настап знае да фрли друго светло на снимениот материјал. Можеби за некое време албумов да го подложам и на подетална анализа. Засега, чесно е да се каже дека ова е едно од врвните остварувања на алтернативната сцена, барем во последниве неколку години.