Сите кул личности се квир

“На поминување”, со Joel Gibb, фронтменот на The Hidden Cameras
 

По концертот на The Hidden Cameras, како дел од промо настаните на фестивалот Таксират, оваа среда во МКЦ, се сретнавме со фронтменот на бендот Joel Gibb, кој за Критика одговори на шест наши брзи прашања.

 

JG
 фото Татјана Ранташа

 

Првпат си во Скопје. На концертот видов многу очи вперени во бендот. Како се чувствуваш по концертот?
Прекрасно, многу подобро отколку што мислев. Всушност, не знаев што да очекувам, знаеш. Публиката беше срдечна, направија точно тоа што обично го сакаме – до крајот да се загреат, да се опуштат, да се ослободат од своите инхибиции, да играат малку. Секогаш целиме да ги натериме луѓето да го направат тоа. Секогаш започнуваме со малку дарк звук, за малку да ги исплашиме, а потоа пробуваме да ги загрееме. И ни успеа.

 

Кога доаѓав на концертот некој ми кажа дека ве доживува како Joy Division и Belle & Sebastian во едно, што мислиш за оваа споредба?
Сееекако! Свиревме со Belle & Sebastian, бевме заедно кратко на турнеа. А Joy Division – не знам, можеби нашиот нов албум е малку повеќе дарк, па можеби оттаму и споредбата.

 

Мислам дека не постои човек кој ве слушал а не помислил “зошто за овој бенд велат дека свири gay church folk музика” бидејќи вашата музика, според разноликоста не може да се стави во ниту еден жанр. Дали сум во право?
Види, тоа повеќе би важело и подобро би ги опишало нашите први настапи во 2001 и 2002, тогаш настапувавме во цркви во Торонто. Но, не би рекол дека тоа може да се каже и за нашиот најнов албум.

 

Како успеваш да го најдеш совршениот баланс во атмосферата на вашите песни, притоа пеејќи за различни теми од политика и религија до сексуалност?
Како успевам да го најдам балансот? Па по однос на религиските алузии и референци би рекол дека истите се застапени повеќе на првите два албуми. На последниот албум ова го нема, но има референци на сексуалноста. Сите песни се различни, и сите реферираат на други, различни искуства, кои не може да се сумираат во едно, иако луѓето често имаат тенденција да го прават тоа.

 

Зошто The Hidden Cameras?
Па, не знаев како да го наречам. А ми се допаѓаат бендови чие име започнува со “The”, иако тоа е лошо бидејќи потоа луѓето го забораваат тоа “The”. Ќе кажат “Hidden Cameras” и не го изговараат “The”, а од друга страна имаш бендови во чие име нема “The” но луѓето сами го додадаваат; го мразам тоа. На пример, како со Pet Shop Boys. Тие велат “Не не викајте THE Pet Shop Boys, ние сме Pet Shop Boys.” Но, гледајќи наназад, мислам дека најдобрите имиња на бендови се оние со еден збор. Не можеш тоа име да го заебеш, еден збор и тоа е тоа. На пример Blur, Radiohead… Тука не може да има утка. А дополнително не ми се допаѓа кога се испушта “The” затоа што акронимот на The Hidden Cameras е THC. Знаеш што е THC, нели? Значи говориме за активната состојка во марихуаната…. Да не имаш нешто?

 

Не, за жал немам. Последно прашање. Знаеш дека штотуку свиреше во град кадешто Владата постави 22 метарски споменик на најпознатата бисексуална историска личност на сите времиња…
(Ме прекинува) Александар Велики, да знам. Не можев да прекинам да мислам на него за време на целиот концерт бидејќи тој е Големиот бисексуалец.
 

Како ти се чини тоа што, иако го подигнаа овој споменик, не сакаат да го прифаатат тој дел од неговиот живот и неговата личност?

Кога доаѓав тука не знаев како ќе биде. Имате и аеродром кој е наречен според него, а тие не го признаваат него… Но, сите кул личности се квир, сите добри артисти се квир, сета добра уметност е квир. Не нужно геј, но квир.

 

Ти благодарам многу за разговорот.
Не, ти благодарам јас тебе.