Сите очи на синтисајзерот: Synth Britannia

Кој друг ако не BBC4? Од нивниот серијал одлични музички документарци ни доаѓа и овој бисер – Synth Britannia на продуцентот и режисер Benjamin (Ben) Whalley  Тој во својата филмографија го има и одличниот “Krautrock: The Rebirth of Germany”. Но, за него во некоја наредна Добра струја. Во оваа – сите очи на синтисајзерот!

Режисерот Whalley, поддржан од социо-културната анализа на Simon Raynolds – авторот на “Rip it Up and Start Again: Postpunk 1978-1984”, раскажува за времето кога немаше гитари и тапани, туку само синтисајзери. Првиот дел “Alienated Synthesists” ќе ви открие што имаат заедничко синтисајзерот, краутрокот, J.G. Ballard и Mute Records, и се разбира – кои се the alienated synthesists? Како од панкот, невработеноста, првите “поефтини” синтисајзери, бетонизацијата на викторијанските предградија, и дистопичните визионерски погледи за иднината на J.G. Ballard се изродија бендови и артисти како The Normal, The Human League, Cabaret Voltaire, OMD, Joy Division, Ultravox и Gary Numan. Вториот дел “Construction Time Again”, пак, ги претставува и семплерите и емулаторите, како и приказните за развојот или раѓањето на бендовите и артистите од 80-тите: Depeche Mode, The Human League, Heaven 17, Cabaret Voltaire, Soft Cell, Yazoo, OMD, Eurythmics, Ultravox, Kraftwerk, Pet Shop Boys и New Order.

Приказната за синтисајзерот кој засекогаш ги промени Британија и светот e раскажана низ ретки аудио и видео снимки, настапи во живо и видео спотови, кои беспрекорно се надоврзуваат и ги надополнуваат приказните за златното време на поп музиката, раскажани лично од synth-пионерите  John Foxx, Chris Lowe, Gary Numan, Midge Ure, Susanne Sulley, Chris Carter, Joanne Catherall, Martin Gore, Vince Clarke, Richard H. Kirk, Bernard Sumner, Philip Oakey, Andy McCluskey, Martyn Ware, Daniel Miller, Paul Humphreys, Andrew Fletcher, Dave Ball, Alison Moyet, Neil Tennant, и други.

Каква врска имаат Star Wars и The Human League,
Кој бенд вежбал во стара напуштена фабрика за фармерки,
Како членовите на Depeche Mode, кои во тоа време немале коли, патувале со воз натоварени со своите (тогаш габаритни) синтисајзери за да стигнат на снимањето на нивниот прв Top of the Pops настап,
Кој за малку ќе настрадал во паб затоа што имал налакирани нокти,
Како се сретнале Alison и Vince (Yazoo),
Кој бенд новинарите воопшто не го сакале, а еден новинар дури и рекол дека може да им се допадне само на “alienated youth everywhere… and Germans”,
Каква врска имаат Chuck Berry и The Normal,
Кој го имал првиот LinnDrum во Британија,
Зошто дуата од 80-тите беа толку многу успешни,
За која песна клучниот семпл е направен снимајќи го звукот на каменче кое се тркала по решетка,
За денот во 1976 година кога Martyn Ware (The Human League, Heaven 17) си ја поставил дилемата дали да си купи кола и да се научи да вози или да си купи синтисајзер, и зошто и ден денес не знае да вози,
Видете и слушнете во Synth Britannia.
 
Деведесет минути никогаш не биле пократки.