Сјајот на компримираната импресија

Кон збирката раскази „50 раскази“ од Жил Менар/Живко Гроздановски [Бегемот, 2019]

Жил Менар напишал десет збирки со кратки раскази. Одблесоци од неколку животи полни со желби, копнежи, матни и таинствени страсти, интерпретации на класични модели, чудни прераспределувања на книжевната енергија и едно секојдневие кое исчезнало со авторот зад кого останале некакви предмети, спомени, достаги и што сè не друго.

Зад писателите кои се слизнале низ своите теми и станале жртви – заклучоци на своите дела останале растурени кревети во хотели, отворени врати од багажници во автомобили, растурени плочи пред полици полни со книги, недојадени парчиња бурек во малите бурекџилници на крајот од градот, две влечки во отворено сина боја на брегот од езерото, една недојадена праска на терасата од викендичката и… кога сме веќе кај праските, големиот автор Влада Урошевиќ во предговорот пред сите други предговори ќе каже: „… ми остана можност за уште една претпоставка: дали тој е некаде тука, меѓу нас, едноставно замаскиран под обвивката на наупадливост, прикриен под преземената маска на анонимност и дека го чека само својот миг за да се појави и да рече: Еве сум! Сте ме барале?“ Алчноста на Влада Урошевиќ по праските е слична со мојата алчност кон кратките книжевни одблесоци на Жил Менар, како што ја имав и кон расказите на Рејмонд Карвер, Дино Буцати… Во збирката раскази „50 раскази“ уживаме во неговата отсутност, всушност во метафоричната присутност кон која нè рефлектираат предговорите на Искра Донева, Ѓорѓи Крстевски, Мане Манушев, Душко Крстевски, Жарко Кујунџиски, Александар Василиј Станојков, Сања Михајловиќ Костадиновска, Иван Шопов, Николина Андова Шопова и Владимир Мартиновски. Десетте збирки раскази се етерични концентрични кругови околу теми кои ни го заграбуваат духот и ни ги претресуваат илузиите, нè наведуваат класичните модели да ги поделиме со оние што сакаме да се овде, но никогаш нема да бидат со нас, нè тераат да ѝ објавиме војна на љубовта на начин на кој никој друг не може и конечно, кога ќе се префрлиме од предговорот кон расказите, да помислиме на една совршено естетска алузија: како да пишуваме против пишувањето? 

Жил Менар и изборот од неговите десет збирки раскази извиваат бел чад над зовриената иновативна книжевност допирајќи многу цивилизациски коти од нашето искачување кон вечноста: од апотеотичното секојдневие, преку урбаната симптоматика, па сè до клечењето под ниските ходници на превртените Едипови модели и ширењето прегратки на една силогистична љубов. Збирките раскази, поточно изборите компримираат впечатоци и нè тераат да се вратиме назад на речениците, на буквите. Зошто, си велам? Затоа што Живко Грозданоски потајно, под поттекстот на многу од нив води симултана препирка со Жил Менар и Едип, Дедал, Икар, Рубиначи, Адриана, Жоао, Лилиен, Клод, А.Б., В.Г., Д.Ѓ. и со мене, со тебе, со сите тие, со сите оние … Овој автор (и двајцата) со овие раскази ни нуди една стилска конвулзија чија амбивалентност ни откорнува дел од премислувањата и за баналните теми, но и за книжевните воспеани ликови. Читајќи ги овие раскази се пресметуваме, но и се наведуваме. Се пресметуваме колку денови сме изгубиле, а не сме зафатиле муабет со некој како Хамлет, како Дон Жуан, а се наведуваме да го посакуваме оној/онаа што е до нас, а до нас нема никој. Живко Грозданоски потајно, да не забележи Жил Менар, подметнува и „архаика“ завиткана во извикан „постмодернизам“ не само во интерпретациите на Дедал и Икар, не само во зачинетата егзотика на „Чинка“ да речеме, туку и во книжевните колоратури со урбани теми. Ние како читатели некаде назад, во метафоричната сценографија на овие тематски дијаметрално различни збирки раскази забележуваме дека Жил Менар не се предава во битката над стилската превласт. Тој го пакува секој расказ во конечност, а Живко Грозданоски го распакува со еден вид на квази – coda, не за онаа стилистика „сите овци да се на број“, туку за да се проблематизира она што останало недопрено од фуриозото на Жил Менар. 

Кратката форма е и стилска фантазмагорија. Тоа ми е помислата кога ќе се сетам дека Данил Хармс својата динамика ја барал во извиците и директниот говор, а Рејмонд Карвер во описите што личат на липтежи. Жил Менар секогаш започнува оптимистично, за Живко Грозданоски да го заврши расказот како ноќ по напорен ден – со згаснување, со сивило. Превртувајќи ги впечатоците и прелистувајќи ја необичнава книга не можам да се приклонам кон ниедна збирка посебно: ниту кон „Друга книга“, ниту кон „Град“, ниту кон „Against the sun“, ниту кон „Ненадејно“, ниту кон „Сите судбини на Едип“, ниту кон „Мојата нова девојка“, ниту кон „Чудесни земји“, ниту кон „Чинка“, ниту кон „Мост-сложувалка“, ниту кон  „Надвор од лавиринтот“. Имам неопишливо чувство дека сите збирки раскази (сите избори) се вмрежуваат во една сторија која тргнува од крутата метафора на урбаниот концепт и преку воскреснатите легенди стигнува до црна бајка со смрт во безброј варијанти. „50 раскази“ на Жил Менар/Живко Грозданоски е стилски флерт со литературата и изборот што тој/тие ни го наметнува/ат е полн со претпоставки, со креативни тензии кај читателот и оваа книга конечно има една чувствена гама што ние како читатели имаме голема желба да ја препишеме во своите промисли. Да ги испишеме оние раскази кои не влегле во изборите, да испишеме дел од своите љубовни авантури кои никој не ги знае и не сакаме дури да си ги прекажеме самите на себе, но еве прилика… Харуки Мураками за кратката форма вели дека „еден краток расказ кој сум го напишал одамна, ќе се втурне во мојата соба на сред ноќ, ќе ме затресе и ќе извика: „Еј, ова не е време за спиење! Ти не можеш да ме заборавиш, има уште многу да се пишува!“ Поттикнат од тој глас јас се наоѓам себеси како пишувам роман. Во таа смисла, моите кратки раскази и романи се исто така поврзани внатре во мене на еден природен, органичен начин!“ 

Чинам дека Жил Менар нашол најконкретен и најдинамичен начин да се поврзе со читателот. Токму на тој органичен начин како што вели Мураками. Препрочитувањето на кратките раскази ни го препорачува Живко Грозданоски затоа што Жил Менар цврсто стои на ставот дека расказот се прочитува и потоа неодложно се метаболизира. Се преработува во духовниот оброк што го земаме секој ден и ние го преформулираме на друг начин иако сме само читатели. Живко Грозданоски со овие 50 раскази вели дека и читателите се писатели. Тој круг овие „двајца во еден“ автори го вртат како да е маѓепсан и оваа авантура наречена „50 раскази“ нас читателите нè води од себе кон себе. 

„50 раскази“ е книга со која вашата книжевна импресија е компримирана исто онолку колку што се екстензирани вашите намери да сторите нешто со себеси и тоа да е најкреативното нешто што сте го направиле во животот. Жил Менар и Живко Грозданоски овие десет книги ги напикале во корици кои не можат да ги издржат сите стилски честички и наративни струи. Тие излегуваат и како инспирации и како впечатоци во исто време и дружењето со оваа збирка на избрани раскази од книги е патување од кое не сакате да се вратите. Тоа ќе остане во вас како иницијација не само за пишување, туку и за друг вид на креативен израз.