ECM Records во фокусот на 38. Скопски џез фестивал

17-20 октомври 2019 МОБ, МКЦ, Епицентар

Скопскиот џез фестивал кој годинава се одржува од 17 до 20 октомври, со исклучително силна програма и специјален фокус - ECM Records, ќе ја одбележи 50-годишнината од постоењето на култната германска издавачка куќа.

Фестивалот ќе го отворат две легендарни светски гитарски појави: еден од најживописните и најимагинативни композитори и иноватори на гитарата во последните 40 години – Дејвид Торн, како и триото на ултимативниот гитарски херој, неприкосновениот иноватор, композитор и импровизатор Фред Фрит.

Неодоливите мириси на Ориентот и Медитеранот ќе прострујат низ музиката на Ануар Браем – волшебникот на инструментот ут, автентичниот визионер и една од најголемите ѕвезди на дискографската куќа ECM (Edition of Contemporary Music), кој со својот квартет годинава прославува 10-годишнина од објавувањето на прославениот албум “The Astounding Eyes Of Rita”, како и низ звуците на грчкиот мајстор на лирата Сократис Синопулос кој ќе настапи со својот уникатен квартет во чии дела се испреплетуваат фолклорните форми, византиската и класичната музика, како и бројните облици на импровизација и џез.

50-годишнината на ECM годинава се совпаѓа и со 50-годишнината на еден од најзначајните, највлијателните и најреволуционерните бендови на 20-от век – Art Ensemble of Chicago, кои, предводени од основачите Roscoe Mitchell и Don Moye, ќе го одбележат овој јубилеј со славеничка светска турнеја, чиј европски сегмент ќе финишира во Скопје. Едновремено, норвешкиот пијанист, клавијатурист, композитор, аранжер и перкусионист Јон Балке ќе ѝ го претстави на публиката на 38. Скопски џез фестивал својот исклучително интересен и оригинален проект Batagraf во едно специјално, есклузивно издание.

И конечно, последниот фестивалски датум е резервиран за настапот на најпоетичниот пијанист на денешницата, норвешката џез-сензација Торд Густавсен со неговото трио, како и за концертот на квинтетот на новата голема американска саксофонистичка ѕвезда Џејмс Брендон Луис и контрабас рециталот на француската басистка, импровизаторка и композиторка, една од најдоминантните фигури на современата европска музика Жоел Леандре.

Програмата на фестивалот годинава опфаќа и диџеј сет на италијанскиот иновативен џез ентузијаст Никола Конте, концерти на домашните ECM вљубеници Next To Silence и еклектичниот „магичен оркестар“ на Џијан Емин, филмска проекција на документарниот филм посветен на ECM “Sounds and Silence: Travels with Manfred Eicher”, промоција и презентација на книгата “Cloud Arrangers” на словенечкиот фотограф Жига Коритник, како и доделување на наградата „Златен Орикс“ за најдобар млад џез-музичар во 2019 година.

16 октомври 20:00 МКЦ Кино Фросина

SOUNDS AND SILENCE: TRAVELS WITH MANFRED EICHER · документарен филм

Овој документарен филм го следи славниот продуцент и сопственик на ECM Records Манфред Ајхер во неговата обиколка на светот посетувајќи неколку музички уметници кои ги застапува. Ајхер ја основаше влијателната германска издавачка куќа ECM (Edition of Contemporary Music) во 1969 година за да ја промовира музиката во којашто тој најмногу ужива. Швајцарските режисери Петер Гујер и Норберт Вајдмер го придружуваат Ајхер во период од пет години во повеќе земји создавајќи исцрпен документ за еден човек и неговата љубов кон музиката.

Режија: Peter Guyer, Norbert Wiedmer
Со: Manfred Eicher, Arvo Pärt, Eleni Karaindrou, Jan Garbarek, Dino Saluzzi, Anja Lechner, Anouar Brahem, Gianluigi Trovesi, Marilyn Mazur, Nik Bärtsch, Kim Kashkashian
Времетраење: 88 минути

16 октомври 22:00 МКЦ Кино Фросина

NEXT TO SILENCE · Македонија

Next to Silence е музички состав кој во својот репертоар вклучува исклучиво композиции од реномираната европска издавачка куќа ECM. Овоj состав е формиран пред десет години како резултат на истоимената емисија на скопското Jazz FM радио, чијшто водител беше еден од членовите на групата. Специфичниот карактер и автентичниот амбиент на ЕСМ композициите се основата од која Next to Silence го гради својот звук и понатаму го носи во правец којшто се разликува од оригиналната мелодија и структура. Реаранжирањето на ЕСМ композициите ѝ овозможува на групата да се движи во неизвесни музички насоки и да создаде поинаква звучна слика од изворната. Поради тоа, мотото од кое произлегува насловот на составот (...the most beautiful sound next to silence...) дозволува нивниот звук да кокетира со она што е најблиску до тишината, односно со галамата и хармонијата. Next to Silence умеат да бидат тивки и гласни, да ве однесат во спокојот на фантазмагоричните предели или да ве втурнат во прекрасниот хаос. Во своите настапи тие изведуваат неколку реаранжирани дела од богатиот опус на Енрико Рава, Карла Блеј, Џон Аберкромби, Дејв Холанд, Терје Рипдал, Шанкар, Јан Гарбарек, Џим Пепер, Гери Бартон, Art Ensemble of Chicago, Бил Фризел, Јон Балке, Томаж Станко, Нилс Петер Молваер и други. Неодамна почнаа да компонираат сопствена музика, којашто ќе биде, исто така, дел од репертоарот на овој концерт.

17 октомври 14:00 МКЦ Кино Фросина

CLOUD ARRANGERS на Жига Коритник (презентација на книга на фотографии) · Словенија

„Да се биде џез фотограф е исклучително интересна работа. Тоа е, всушност, мојот приоритет: да бидам блиску до музичарите, да се спријателам со нив… Емоциите се секогаш блиску до површината, особено затоа што музиката често носи позитивни или негативни пораки. Насловот на оваа книга, „Аранжери на облаци“, ми се појави пред неколку години додека лежев на брегот на Божињското Езеро, восхитувајќи им се на облаците над мене. Еден мој пријател од Шкотска помина веслајќи со своите деца во кану. Се поздравивме, и неговиот син праша: „Кој е овој?“ Тој му одговори: „Тој е аранжер на облаците“. Веднаш ми блесна врската со музиката, фотографијата и атмосферата присутна на фантастичните фестивали што ги посетував. Си реков, ова може да биде наслов на некоја идна изложба, или можеби наслов на книга... Начинот на кој ги гледам и слушам музичарите, тие се, на некој начин, исто така, аранжери на облаци, на атмосферата во нашите мисли. Секој слушател развива сопствени емоции на концертите, музиката ги усогласува овие расположенија и може сите да нè постави на иста бранова должина. Тоа се најубавите моменти, кога создадената енергија ме обзема, ме поттикнува, и токму тогаш можам да направам добра фотографија – момент на фотографска возвишеност.“
– Жига Коритник

17 октомври 20:00 Македонска опера и балет

DAVID TORN · САД
FRED FRITH TRIO · САД

Дејвид Торн е композитор, текстуралист, гитарист, импровизатор, филмски композитор и продуцент со извонредна светска репутација, познат по својот уникатен музички израз што опфаќа и воедно проблематизира низа идиоми и стилови. Неговиот карактеристичен и композиторски текстурален опус изврши сериозно влијание како врз филмската музика така и врз современата електрична, електро-акустична и електронска музика. Креативниот придонес на Торн ги збогати и облагороди делата на голем број познати музички уметници, како Дејвид Боуви, Лори Андерсон, Тим Берн, Мадона, Тори Амос, Руичи Сакамото, Мик Карн, Дејвид Силвијан, Јан Гарбарек и Еберхарт Вебер, Стив Роуч, Марк Ишам, Џеф Бек и Дон Чери. Покрај овие ангажмани, Торн првенствено се докажа како еден од најживописните и најимагинативни композитори и иноватори на гитарата во последните 40 години. Користејќи комплексен систем на сложени лупови и ефекти, тој гради звучни визии што асоцираат на отворени рамнини и шилести кањони, на поларни светлини и сиви мугри. Создавајќи волшебни, вонземски пејзажи и пасторални предели, преполни градски авении и океански длабочини, Торн доловува посебна атмосфера како што тоа им успева само на неколку современи музички визионери. Списанието Jazzwise го опиша неговото соло издание „Only Sky” (2015, ECM) како „вибрирачки колаж полн со треперливи звучни форми, мрачен, урбан електронски звучен пејсаж - моќна мешавина на џез, слободен рок и технологија којашто е едновремено комплицирана и благодарна“.

Aнглискиот гитарист, композитор, иноватор и импровизатор Фред Фрит е активен на авангардната музичка сцена уште од шеесеттите години на минатиот век. Три децении ја водеше легендарната група Henry Cow. Во доцните седумдесетти се сели во Америка и почнува да соработува со познати њујоршки експериментални музичари. По издавањето на влијателниот албум “Guitar Solos” во 1974 година, Фрит обезбедува извонредно значајно место на светската импровизаторска сцена, не само како признат соло изведувач, туку и во друштво на музичари како Бил Ласвел, Брајан Ино, Дерек Бејли, Хан Бенинк, Крис Катлер, Лол Коксхил, Роберт Вајат, Том Кора, Зина Паркинс, The Residents, Икуе Мори, Мајк Патон, Џон Зорн (во групата Naked City) и други. Неуморно работеше со поголем број состави, како Skeleton Crew, Massacre, Keep the Dog, Art Bears, Guitar Quartet, Eye to Ear и Cosa Brava, а компонираше музика и за ROVA, Ensemble Modern и Arditti Quartet. Неговото име се среќава на повеќе од 400 дискографски изданија. Од неодамна настапува со своето Fred Frith Trio, во кое членуваат две исклучително талентирани музички фигури од Сан Франциско: басистот Џејсон Хупс и тапанарот Џордан Глен. Триото има издадено два албума за Intakt Records: “Another Fucking Day in Paradise” (2016) и “Closer to the Ground” (2018). Критиката ги опиша како „тројца екстравагантно креативни музичари кои создаваат музика каква што досега никогаш не сме слушнале“.

18 октомври 20:00 Македонска опера и балет

SOKRATIS SINOPOULOS QUARTET · Грција

ANOUAR BRAHEM QUARTET · Тунис / Германија / Шведска / Либија

Сократис Синопулос е роден 1974 година во Атина. Тој уште како дете ја изучува византиската музика и класичната гитара. Во 1988 година почнал да свири лира и лејта, под менторство на Рос Дејли. Следната година е веќе член на групата на неговиот ментор - Labyrinthos. Оттогаш снима и настапува со композитори, музичари и пејачи од Грција и светот, во најразлични жанрови, од фолк музика до џез, учествувајќи на безброј концертни настапи и снимки низ целиот свет. Во 1999 година е одликуван со националната награда за млади уметници „Мелина Меркури“. Во џез водите се пробива, пред сè, благодарание на неговото учество во снимањето на ECM-изданијата на Чарлс Лојд, Марија Фарантури и Елени Караиндру. Во 2011 година го оформува Sokratis Sinopoulos Quartet. Деби албумот на квартетот под наслов “Eight Winds” (2015), продуциран од Манфред Ајхер за ECM Records, предизвика одлични критики на глобално ниво. Четири години подоцна, Sokratis Sinopoulos Quartet се враќа со својот нов албум “Metamodal” (2019, ECM). Станува збор за уникатен бенд, квартет што суптилно ги разоткрива различните музички влијанија, создавајќи дело коешто е резултат на спознанијата и искуството на музичарите во однос на фолклорните форми, византиската и класичната музика, како и бројните форми на импровизација, вклучувајќи и џез. “Metamodal”, снимен во Атина и повторно продуциран од првиот човек на ECM - Манфред Ајхер, претставува гигантски чекор напред за групата во однос на нивното деби издание.

Ануар Браем е волшебник на инструментот ут, автентичен мајстор кој успева да ја изнесе на површина сета акустична магија што ја носи оваа стара традиционална ориентална лејта во својата утроба: музичкото наследство на арапскиот и исламскиот свет. Браем е феномен, концентрирана мешавина на плодни парадокси: тој е крајно субверзивен класицист; осамен солист, недвосмислено отворен кон светот; човек склон кон поместување на сопствените и на музичките граници, не попуштајќи ни сантиметар од естетските стандарди ковани низ времето и калени со длабока почит кон традицијата. И бидејќи речиси четириесет години настојува да го вткае ова изобилство на влијанија и различни страсти во самата срж на своите дела и композиции, Ануар Браем денес создава музика водена првенствено од неговата лична, сопствена визија, ослободена од какви било познати традиционални влијанија. Од богатиот репертоар на џезот - Џон Сурман, Дејв Холанд, Јан Гарбарек и Џек Ди Џонет се само некои од врвните музичари што подлегнаа на волшебните мелодии на Браем – па сè до повеќето различни традиции од медитеранско и ориентално потекло (од родниот Тунис до границите на Индија и Иран), неговиот чувствителен, но сепак строг музички израз постојано го редефинира оној умно составен универзум на поезија и култура, секогаш балансирајќи меѓу дискретноста и сензуалноста, носталгијата и контемплацијата. Проектот “The Astounding Eyes of Rita” (ECM, 2009) е посветен на сеќавањето на палестинскиот поет Махмуд Дарвиш.

18 октомври 24:00 Клуб Епицентар

NICOLA CONTE /диџеј сет/ · Италија

Името на Никола Конте неизбежно се поврзува со nu jazz револуцијата од 90-тите. Како музичар, водач на група, диџеј, хиперактивен продуцент и стилски авангардист, тој е еден од најзначајните и највлијателните артисти во Европа кога е во прашање враќањето на џезот на подиумите за танц. Роден во 1964 година, Конте го формира уметничкиот колектив Fez во раните 90-ти во родниот град Бари. Оттогаш издава албуми за познатите етикети Blue Note, Impulse, Schema, Emarcy, Far Out и MPS. Овој иновативен џез ентузијаст неодамна повторно започна да биде активен како диџеј, презентирајќи го својот нов сет наречен COSMIC ECHOES - Cosmic Afro & Jazz & contemporary sounds - сончево, груви патување со стил низ афроамериканското и африканското наследство, од раритетниот фанк и соул музиката од 70-тите, преку афро-спиритуалниот џез, па сè до современите апдејтирани форми на deep house, nu disco…

19 октомври 20:00 Македонска опера и балет

JON BALKE BATAGRAF · САД
ART ENSEMBLE OF CHICAGO · САД

Врската на норвешкиот пијанист, клавијатурист, композитор, аранжер и перкусионист Jон Балке со дискографската куќа ECM датира уште од тинејџерско доба, кога се приклучува кон бендот на Арилд Андерсен за снимање на неговиот албум “Clouds In My Head” (1975, ECM). Подоцна, заедно со Андерсен и Јон Кристенсен, ја формира групата Masqualero. Учествува како водач / композитор / аранжер / клавијатурист во проектите Oslo 13, Magnetic North Orchestra и Siwan, а како соло пијанист во проектот Book of Velocities - низа афористични дела во манирот на Куртаг и Лигети. Автор е на обемни композициски дела за голем број најразлични ансамбли и проекти како балетски и театарски претстави, симфониски оркестри, пејачи и џез-ансамбли. Во неговата музичка биографија се запишани соработките со пејачки како Радка Тонеф, Сидсел Ендресен, Ане Ли Дрекер, Карин Крог и ТринеЛисе Варинг, како и живи и студиски сесии со музичари од типот на Арчи Шеп, Џон Сурман, Аирто Мореира/Флора Пурим, Мајкл Урбаниак, Енрико Рава, Џорџ Расел, Паоло Фресу, Нгујен Ле, Мерилин Мазур и др. Склоноста на Балке кон перкусивните инструменти, олицетворена во групата Batagraf, што ја формираше заедно со Хелге Андреас Норбакен и Сноре Бjерк, како своевиден „перкусивен тинк-тенк“ и „форум на идеи“, датира од периодот на неговата десетгодишна соработка со западноафрикански музичари во бендот E’Olen, во периодот меѓу 1978-1988 година.

Само неколку музички појави можат се споредуваат со Art Ensemble of Chicago кога е во прашање нивната влијателност, мајсторство и долговечност. Овој исклучителен колектив произлезе од музичката визија, истражувањата и авантуристичките соработки на основачот Роско Мичел и долго време служеше како заштитен знак и главен адут на Здружението за унапредување на креативни музичари AACM (Association for the Advancement of Creative Musicians), извонредно значајна и влијателна организација од Чикаго, заслужна за развојот на кариерите на своите членови: Мухал Ричард Абрамс, Ентони Брекстон, Хенри Тредгил, Вадада Лео Смит и многу други. Групата ја промени историјата на музиката и музичките настапи засекогаш, поместувајќи ги границите на џезот, експерименталната музика и изведувачката уметност, создавајќи свој посебен универзум, сопствено творечко кралство. За оригиналните концертни настапи на AEOC придонесуваа и уникатните звуци и инструменти. Покрај стандардните саксофони, флејти, труби, контрабас и тапани, групата користеше свирчиња, тропалки, ѕвончиња, гонгови, како и разновидни своерачно направени и импровизирани звучни предмети. Легендарните живи настапи на AEOC се спој од музика, театар, поезија и танц, своевиден аудио-визуелен спектакл што ги прави една од највлијателните групи на 20-от век. Предводен од саксофонистот, флејтистот и овогодинешниот NEA Jazz Master Роско Мичел и тапанарот и перкусионистот Фамуду Дон Моје, како копилот, бендот одбележува 50 години од своето постоење, одавајќи им, во исто време, почит на своите заминати членови: Лестер Боуви, Малакај Фејворс и Џозеф Џарман.

19 октомври 24:00 МКЦ Дансинг Сала

DŽIJAN EMIN & THE MAGICAL ORCHESTRA · Македонија

Џијан Емин, композитор, диригент, оркестратор и еден од најактивните македонски музички уметници, го претставува својот најнов еклектичен звучен пакет. Ако своевремено со акустичниот бенд „Проект Жлуст“ ја разби тогаш постоечката матрица за тоа како треба да звучат македонските музички состави, правејќи „чуда“ во поглед на стилските, естетските, интерпретативните и наративните траектории, сега, по повеќе од една деценија, таа идеја се враќа во едно поинакво, современо, но исто толку силно и впечатливо руво. Џијан Емин овојпат соединува симфониски оркестар и биг-бенд, умешно комбинирајќи ги грандиозноста на оркестарскиот звук и солистичката виртуозност, зачинети со суптилна електроника. Обединувајќи два оркестра во кои членуваат врвни музичари, Džijan Emin & Тhe Magical Orchestra создаваат вистинска музичка магија на која никој не може да остане рамнодушен. Хуморот, пак, како една од типичните состојки на творештвото на Џијан, и тука е прикажан на несекојдневен начин. Од позабележителните настапи на Џијан Емин во последно време се издвојуваат: концертот „Нурни длабоко“, во рамките на „Охридско лето“, гостувањето во престижниот „Ројал Фестивал Хол“ во Лондон заедно со светски познатиот диџеј Дерик Меј, потоа концертите „Филхармонија на отворено“ одржани во Градскиот парк, како и проектот „Гласот на Охридското Езеро“.

20 октомври 18:00 МКЦ Кино Фросина

JOËLLE LÉANDRE · Франција

Француската басистка, импровизаторка и композиторка Жоел Леандре е една од најдоминантните фигури на новата европска музика. Вооружена со искуства во оркестарската и во современата музика, членувала во Ensemble L'Itinéraire, Ensemble 2E2M, како и во Ensemble InterContemporain на Пјер Булез. Таа, исто така, има соработувано со Мерс Канингам и со Џон Кејџ, кој компонирал специјално за неа - како и Шелси, Феленон, Херсант, Лејси, Кампана, Јолас, Клементи и околу 40 други композитори. Покрај инволвираноста во современата музика, Леандре има настапувано со некои од најголемите имиња на џезот и импровизацијата, како Дерек Бејли, Ентони Брекстон, Џорџ Луис, Еван Паркер, Ирен Швајцер, Вилијам Паркер, Бар Филипс, Паскал Конте, Стив Лејси, Лорен Њутон, Петер Ковалд, Урс Лејмгрубер, Мет Манери, Рој Кембел, Фред Фрит, Џон Зорн, Марк Наусеф, Мерлин Криспел, Индија Кук и многу други. Има извонредно обемен опус за танц и театар, а учествувала и настапувала во голем број мултидисциплинарни претстави. Во 2002, 2004 и 2006 година, таа е визитинг професор за импровизација и композиција на Милс колеџот во Оукланд, Калифорнија. Нејзиното творештво како композитор и изведувач, без разлика дали станува збор за соло рецитал или во рамките на некој ансамбл, ѝ овозможи настапи на најпрестижните сцени во Европа, Америка и Азија.

20 октомври 20:00 Македонска опера и балет

TORD GUSTAVSEN TRIO · Норвешка
JAMES BRANDON LEWIS UNRULY QUINTET · САД

Пијанистот Торд Густавсен е роден 1970 година во Осло, но пораснал во норвешката внатрешност. Почнува да свири пијано на четири години, а компонира и импровизира пред воопшто да научи да чита музика и да изведува класични дела. На 19-годишна возраст се запишува на Универзитетот во Осло, развивајќи притоа особен интерес за џезот. Во 1993 година е примен на одделот за џез на Музичкиот конзерваториум во Трондхајм, каде што формира неколку состави со кои ја обиколува Скандинавија. Пред да ја започне својата соло кариера, Торд веќе неколку години е неодминлив актер на норвешката џез сцена. Неговото музицирање претставува клучна карика во проектите на некои од најдобрите норвешки пејачки: Солвег Слетахјел, Сиље Нергард, Сири Гјаре и Кристин Асбјорнсен. Поривот за индивидуално изразување соединет со интензивното внимателно слушање низ взаемна творечка интеракција, го прави Торд особено интересен и возбудлив, како солист и со бенд. Густавсен има издадено осум албуми за ECM со својот ансамбл и трио. Неговата музика доживува енормно позитивни критики насекаде во светот. Добитник е на норвешката награда Греми (Spellemannsprisen), како и на бројни други признанија и награди. Ансамблите на Торд откриваат уникатен универзум на лирика и суптилен фанк-призвук. Неговиот начин на комбинирање на џез-историјата со „нордиските“ медитативни расположенија и лирска убавина е вистинско освежување и провокација на денешната музичка сцена.

Џејмс Брендон Луис, роден 1983 година во Бафало, Њујорк, е саксофонист, композитор, студиски музичар и едукатор кој е на добар глас кај критиката. Ги комбинира госпел и блуз традициите со искуствата на фри-џезот, експериментирајќи со најдлабоките тонови на својот инструмент. Сето ова го сместува во друштвото на големите. Бележи заеднички настапи и снима со врвни музичари како Вилијам Паркер, Хамиет Блует, Хамид Дрејк, Рави Колтрејн, Џими Хит, Џамаладин Такума, Џо Ловано, Дејв Даглас, Марк Рибо и Крег Харис. Лидер е на бројни ансамбли и еден е од основачите на американскиот поетско-музички состав Heroes Are Gang Leaders, добитник на наградата “American Book Award” во 2018 година. Поседува диплома од универзитетот Хауард и титула магистер на ликовна уметност од Институтот за уметност во Калифорнија. Џејмс Брендон Луис, миленикот на Сони Ролинс, има извонреден звук кој се карактеризира со жестокост, но во исто време поседува и една лирска, сонувачка нишка. Овие квалитети се особено успешно нагласени и вградени во албумите “Divine Travels” (2014), “Days Of FreeMan” (2015) и “No Filter” (2016). На својот последен проект “An Unfuly Manifesto” (2019), Џејмс Брендон Луис и неговиот Unruly Quintet го истражуваат поимот слобода. Овој албум, посветен на Чарли Хејден, Орнет Колман и надреализмот, Луис го опишува како повик за акција. „Секој ден е шанса да ја откриеш твојата највистинската верзија, за потоа постојано да ја одржуваш, полниш и стимулираш.”

Билетите за претстојниoт Скопски џез фестивал можете да ги набавите на karti.com.mk.