Скриениот пулс на секојдневието

Кон збирката раскази „Класифицирано“ од Лилјана Пандева во издание на ПНВ Публикации, Скопје, 2020

Веризмот на секојдневието на некој начин ги отвора вистинските причини за следот на настаните во нашиот животен тек кои во многу наврати не зависат од нас самите. Но, ние не ја научуваме лекцијата затоа што тие причини не ги согледуваме онака како што треба и секојпат ги правиме истите грешки. Стануваме ли тогаш помудри? Дали нашите губитоци и нонсенси во животот нè прават послоевити како личности или сме само сенки во нечии туѓи животи без да оставиме некаква значајна трага во оваа цивилизација? Овие прашања се исцедуваат од деветнаесетте кратки раскази во книгата „Класифицирано“ на Лилјана Пандева.

А се поставува и прашањето: дали овие раскази се кратки? Физички да, ги има на неколку странички, но јас подобро би ги нарекол волуминозни и повеќеслојни. Приказни од настаните чиј проток никогаш не прекинува и еве, додека го пишувам сето ова, додека некој го чита сето ова, додека проверувам колкава прочит има оваа рецезнија, постојано се случуваат. Со нас, во нас, до нас, покрај нас, а што е најважно ќе се случуваат и после нас. И тие ситни случувања го ронат нашиот брег, ни ги ситнат годините и не менуваат толку подмолно, што сите наши промени ги согледуваме многу доцна, кога поминале оние возови на кои сме можеле да се качиме, а склопот на околности не премислил да го сториме тоа.

Лилјана Пандева говори токму за тој веристички проток на настани кои минувале низ нас, а ние сме се чувствувале резистентни, но никогаш не сме си го признале сето тоа. Секојдневието во овие раскази е раскажувачка метафора на долгоочекувани случки, на копнежи, на надежи, на неостварени љубови, на случајности, на опишани минати состојби, на бледи сеќавања на мали луѓе кои заграбиле голем дел од нашиот емотикон, на една епика која ја гледаме како збир на фрагментарноста која после читањето не сака да ни излезе ни од сонот ни од јавето.

„Класифицирано“ на Пандева се раскази кои немаат поврзаност еден со друг, но имаат една неореалистична нитка што сакале ние или не ја провлекуваме низ нашите дневни истории. Велам неореалистична затоа што голем дел од нејзините ликови се малите луѓе, нивниот горчлив и повремено сатиричен реалитет кој кога ќе се контекстуализира во нашата глава го доживуваме како цивилизација сама за себе. Оваа исклучително талентирана прозаистка го исткајува тој свет на „на нас“ слични луѓе успевајќи низ својот наратив да влезе во невидливите точки на нивниот нуклеус. Секако, тоа е и наш нуклеус, но ние го немаме целото време на овој свет за да ги согледаме сите горчливи и хуморни ситуации кои самите ги создаваме несвесни за последиците кои се несогледливи за нас. Пандева во тој судбински нуклеус открива мигови кои допираат во нашите секојдневни навики (Будилници), ни ја детектира онаа љубов која повеќе влече кон страст предупредувајќи на разочараноста сето тоа да биде фрлено на буниште (Артур Мартин), прави од елементарно опсерирна ситуација сјајна фарсична сцена (Дупка), но одделува и моменти кои се врежуваат во човековото паметење како невидени трауми (Чие е детето, Нора?). Овие ориентири не се технички, ниту пак остро одделени и претпоставувам дека тука е убавината на оваа збирка раскази – нејзината инспиративна преплетеност. Пандева го потонува својот духовен хабитус во филозофијата на секојдневните проблеми, трауми и чудни ситуации на кои, пак, ние се навраќаме после одреден проток на време правејќи свои приказни, свои урбани легенди, едно сеќавање кое го пакуваме како пластично цвеќе – колоритно и убаво, но не со оној мирис кој би го имало кога би било живо. И тука е разликата. Нашата егоцентрична инхибираност Пандева успева да ја избрише со тоа што од овие секојдневни истории прави мали книжевни дела кои, како што споменав погоре имаат своја уметничка волуминозност.

Во согласност со ужасната ситуација во која се наоѓа денес светот, сè повеќе се навраќам на легендарната „Чума“ на Албер Ками каде на едно место тој вели: „Никој не е во состојба да мисли на никого, дури и во најлошите времиња. Затоа што, да се мисли на некој е да размислуваме за тоа од минута во минута, без да се расејуваме за ништо…“ И мислам дека Пандева во своите дела го прави токму тоа – размислува за човекот „од минута во минута“, ги одмерува сите микроситуации, се премислува и таа како и сите јунаци од нејзините раскази, ги обликува ситуациите со оној гореспоменат „веризам“ за да постави уште едно камче во „големата слика“ која вооошто не е убава. Темна е таа, со повремени светли делови кои ни ја даваат надежта за да одиме понатаму, да не потклекнуваме и да продолжиме да се бориме.

Затоа, претпоставувам дека и насловот на оваа прекрасна збирка раскази е двосмислен. „Класифицирано“ е тајната во нашите „жолти минути“, тајна која нема никаква друга функција освен да биде откриена тогаш кога како што вели Мураками ние, како луѓе сме се промениле: „со секој залез и сме направиле овој свет да не биде ист, да биде многу поразличен од порано“.
Секако дека и функцијата на литературата е со својата порака да го промени светот, а „Класифицирано“ како сјајна прозна збирка ни пренесува пораки на кои ни оддалеку не можеме да останеме рамнодушни. Лилјана Пандева има стил кој, иако комплексен се залепува за духовниот хабитус на секој читател. Нејзината раскажувачка техника има чисти јазични формули и со секоја реченица расказите од оваа збирка не вовлекуваат во стории во чија едноставност си препознаваме наши одамна подзаборавени внатрешни и меѓусебни конфликти. Ние напати се подзамислуваме за она што сме го направиле но, имаме надеж дека тоа ќе биде длабоко закопано и во интимниот и во јавниот заборав. Но, не е така. И затоа „Класифицирано“. Затоа тајновито со назнака да се отвори тогаш кога најмалку очекуваме. И затоа консеквенци, кои облечени во талентот на оваа сјајна прозаистка постануваат наши покајанија, наши победи, наши тагувања.

Конечно, кога ќе ги затвориме страниците на „Класифицирано“, со целото книжевно искуство од овие раскази, помножено со нашето животно искуство, си поставуваме едно многу опасно прашање: Каде одиме ние? До кога ќе отчукува нашиот животен часовник? И она најопасното: Која е нашата вистина? Лилјана Пандева многу мудро во оваа збирка раскази нуди повеќе вистини и како секоја голема авторка знае дека доколку ние, како духовни суштества би имале само една вистина, нашата цивилизација би изумрела. Наспроти глобалните мастодонти кои нудат една вистина за сите, книжевноста, како уметност чии дела ќе останат после нас, не охрабрува да ја побараме нашата вистина, таа која ќе одекнува секогаш кога ќе се обидеме да воспоставиме нова и нова животна логика, кога сите секојдневни настани и помисли ќе го исполнат циклусот од кој со побелена коса ќе се разделиме само во оној момент за кој не знаеме кога ќе дојде. „Класифицирано“ со својата неореалистичен плаузибилитет не излегува надвор од нашето окружје за да ја побара маѓијата наречена живот, туку се нурнува во длабочините на малите – големи луѓе и малите – големи настани за да ја пронајде маѓијата која не одржува во живот, а ние, обичните смртници не можеме да си ја преведеме и да ја рационализираме. И токму затоа вертикалата на оваа прекрасна збирка раскази е многу висока, а и многу длабока.