Скриените состојки на љубовта

Кон „Сон на летната ноќ“ на Вилијам Шекспир во продукција на НТ Лондон, во режија на Николас Хајтнер

„Сон на летната ноќ“ е најетеричен текст на Вилијам Шекспир. Најлелеав, најмалку лоциран иако тој не пропушта да назначи конкретно место на случување и, конечно е драмски текст со најчуден хумор. Трите групи на ликови и нивното вкрстување носат со себе водвиљски ситуации на недоразбирање, но оваа пиеса има една реторична, длабоко во поттекстот свиена хуморна паратакса од чии духовито склопени синтагми и фрази произлегува есенцијална комика привлечна за многу режисери и театри.

Најновата верзија на оваа Шекспирова комедија во продукција на Националниот Театар од Лондон низ режијата на Николас Хајтнер нè потсети на антологиската претстава на Питер Брук во далечната 1970 година каде овој голем театарски мислител ја пропагираше милтизначноста на празниот простор во театарот. Нè потсети најмногу заради просторната вертикала која во оваа верзија на Хајтнер ја има доста обилно и раскошно, а нè потсети и заради една друга иницијација која Брук ја продолжи понатаму и во другите негови претстави (Махабхарата, Хамлет), а тоа е националното и расното разногласие во самиот кастинг. Николас Хајтнер понуди еден театарски Вавилон и една топла комедија со сјајна реторички хуморна глазура која делува многу позитивно и во рационална и во емотивна смисла. Се чини дека оваа негова режија не е само во корелација со она, на почетокот револуционерно видување на Брук каде самовилите се горе во воздухот на скоро слични ленти, а на празната бела сцена – кутија останатите ликови ги преживуваат своите ситуации и недоразбирања низ една мизансценски многу едноставна, но многу логична и инспиративна партитура. „Сонот на летната ноќ“ на Николас Хајтнер се случува меѓу публиката, на неколку платформи кои по потреба се спојуваат во голема платформа, а одлично кореспондираат со платнените ленти врз кои совршено добро се снаоѓаат и Титанија, и нејзините самовили, а најмногу малиот андрогин Задрогаз. Хајтнер прави претстава која је една широкоградна апотеоза на љубовта која ја заслужуваат сите битија на овој свет. И мајсторите, и младите љубовници, но и великодостојниците парадираат во просторот од каде недоразборањата и одмаздите се само инспирација за она што е најголемата цел на секое човечко битие, а тоа е повторно љубовта. Затоа и ситуациите (секако осовременети) звучат помалку видвиљски. Затоа го имаме и тоа двојство во улогите во кои актерот кој го игра Тезеј го игра и Оберон, а актерката која ја игра Хиполита, ја игра и Титанија. И секако, овој вид на двојство го антиципира и она што многу од режисерите го занемаруваат, а тоа го има и во самиот наслов: „сонот“. Оваа верзија ја отвора приказната токму како сон на Тезеј и Хиполита, но во своите скриени катчиња има една многу посакувана мултикултурна нитка, погоре наречена како Вавилон, а  овде би ја нарекле цивилизација. 

Меѓу најдоминантните улоги се оние на Оберон и Титанија. Извонреден пар со сјајно одиграни улоги овде се Оливер Крис и Гвендолин Кристи. Физички наочити и двајцата се вистински актерски корифеи на оваа комедија вмрежувајќи ги и двата лика кои ги играат во две антитези на владетелите кои ете, во своите најдлабоки соништа всушност мечтаат за таа љубов која ја имаат тие да биде глобална и вечна. Ѕвездата на „Игра на троновите“ Гведнолин Кристи прави една намерна дистинкција меѓу Хиполита и Титанија (баш како што е и кај Шекспир), за после сите перипетии и конспирацијата со Задрогаз за наведување на Оберон да се вљуби во Коле Мотало претворен во магаре сосема да го промени ликот на самата Хиполита и од овие два лика да направи еден. Гвендолин Кристи внесува сензуалност во ликот на Титанија која е сосема поинаква од сите досегашни Титании што овој лик помалку го третирале како маѓесничка. Кристи во оваа нејзина интерпретација се потпира на нитките на нејзината желба за вљубување, па по тие патеки го води ликот за чија оригиналност допринесува и нејзината контрастна визуелна доминација. Наспроти неа Оливер Крис гради еден респектабилен, но прилично трапав великодостојник кој исто така се пресликува и во ликот на Оберон. Крајно реторичен, но доста незграпен, овој лик исто така има еден уникум кој Крис одлично го доловува. Како појава совршено одговара на Гвендолин Кристи, а неговата скоро патетична реторика е добра подлога за еден кревок млад човек чија доминација не е видлива ни оддалеку. Сјаен лик на овој наочит и стасит актер. Наспроти овие две улоги, една од најинтересните и најдинамични е онаа на Дејвид Мурст. Неговиот Задрогаз е андрогин кој од својата амбивалентност прави вистинска парадигма. Овој лик драматуршки е најрасплинет и можеби најнедефиниран. Тоа е во принцип едно од маѓичните суштества од ковот на сатирите и џуџџињата, но Дејвид Мурст вметнувајќи во својата интерпретација некаква Моглиевска карактеристика прави еден карактер кој и покрај тоа што е имагинарен, потсетува на сеприсутно суштество во нашето постоење. Акробациите на овој актер кој не ја заборава хуморната компнента се неверојатни така што целата таа партитура е вредна за секое воодушевување. 

Двата вљубени парови, Елена, Хермија, Лизандер и Деметар ги играат две млади бели актерки (Ајзис Хенсфорд и Теса Бонам Џонс) и двајца млади црни актери (Кит Јанг и Пол Адеефа). Тука, во оваа фасцинантна поделба лежи таа сјајна интеркултуралност која совршено ја спојува љубовта. Оваа прекрасна четворка чија жизнерадосност опива и мотивира го носи јадрото на недоразбирањето, но со себе ја носи и веќе многу повторуваната поента, а тоа е дека љубовта е насекаде и секој има право да ја почувствува. Извонредна е сцената во која некаде при крајот на претставата кога конечно стариот Егеј се согласува неговата ќерка да оди со оној кој и го бара срцето започнува веселба во која преку целата сцена, а и преку публиката се протега и знамето на божилакот. Секако, Хајтнер оваа непресушна енергија и полетноста не ја концентрира само во овие четири лика, туку таа се прелева и кај легендарноте мајстори кои како трупа која треба да настапат пред Тезеј самите се нарекуваат „Беобразни механичари“, трупа која како режисер ја води Петре Шајка, но во овој концепт тоа е жена – сјајната актерка Фелисити Мотагју чија незапирлива енергија преминува само кај главниот лик од трагедијата за Пирам и Тизба, а тоа е мајсторот Коле Мотало што одлично го одигрува црн актер, а тоа е Хамед Анимашон. Неговата фасцинација од ликот на Пирам ја прекинува шегата во која Задрогаз го претвора во магаре, а Оберон главечки се вљубува во него. Овој крупен актер е еден од оние кои имаат  многу изострен смисол за хумор и неговите појави се секогаш пропратени со салви смеа најмногу заради неговата духовитост и комичност. 

Се чини дека вљубувањето е најчистата енергија која оваа претстава ја води многу компактно и многу моќно. Николас Хајтнер одлично ја предвидел силата на вљубувањето и таа сила ја оставил како сокриената маѓична констелација врз која стојат темелите на оваа одлична претстава. Визуелниот момент е ингениозно решен преку сцената која во најголем дел се одвива вертикално преку креветите кои се креваат и се спуштаат, преку зелените платформи кои се спојуваат и повторно се одделуваат меѓу кои убликата може да биде заедно со актерите, чудна и разиграна сцена креирана од Бани Кристи, на која совршено добро одговараат и разиграните по бои костими на Кристина Канингем. Кога сме веќе кај разиграноста, одличната музика која изобилува и со многу интересни ефекти е онаа на Грант Олдинг кој потпишал доста театарски претстави за НТ Лондон.

„Сонот на летната ноќ“ на Николас Хајтнер ја доградува кулата на разбирање и толеранција, на љубовта и среќата во една констелација во која тајната состојка на љубовта секогаш лежи во почитта и разбирањето. Токму затоа сметам дека она што Брук го започнал пред точно педесет години, со оваа претстава Хајтнер на некој начин го продолжил и го дооформил.