Соголување на страста

Кон претставите „Ромео и Јулија“ и „Дантоновата смрт“ на режисерката Џете Стекел / Талија театар, Хамбург

Есенцијата на страста е, се чини, она најнедопреното во промислувањето на секој драмски текст. Концептуалното врамување е ориентир за читање на слоевите меѓу репликите, меѓу сцените и меѓу ликовите. Емотивните гами се склопуваат како врзни ткива со секоја нова инсценација. Но, страста... Повторно ќе се навратам на славната „квинтесенција на правта“ во Хамлетовиот монолог предупредувајќи на интенцијата за преорганизање на човековиот емотивен „конструкт“. Имено, Шекспир, а и Хамлет заедно со него го одвојуваат човекот од неговото Божјо наличје, алудирајќи оддалеку на “ashes to ashes, dust to dust”, не заради присутноста на самата фраза (збор), туку заради несреќната опипливост и вовлекувањето на духовниот корпус како нешто што заминува во неповрат после физичата смрт. Овде никаде ја нема страста.

Таа се игра во инсценацијата, но не се формулира, ниту пак анализира. Емотивната траекторија не е место каде што се практикува јазикот на страста, таа е во неизбежното преконцептуализирање на скоро се: драмтургијата, ликовите, мизансценот. Џете Стекел е млада режисерка која низ својот режисерски ракопис навлегува во тоа јадро на страста проблематизирајќи го en general интерпретирањето на историските референци во современиот начин на живеење. Соголувајќи ги желбите и копнежите на ликовите, таа го реформулира драматуршкиот механизам и конципира претстава во која иреверзибилно си помислувате дека авторот совршено кореспондира со оние ликови кои всушност ги нема меѓу страниците, туку тие се таму на сцената и играат некое друго време во иста приказна.

Ромео и Јулија“ на Талија театарот од Хамбург во режија на Џете Стекел се движи по тие остри рабови на соголени ликови чии страсти се неистражен простор и конфликтите кои заискруваат од нив стануваат цивилизациски фатални, а историското именување само доказ дека сите љубови и омрази имаат еден заеднички именител – човекот. Нејзиниот концепт ја регенерира љубовната аура како хабитус кој нема ниту историска, ниту антрополошка одредница. И двата лика припаѓаат на некаква денешница, но се флуидни онака како што може да се насети од поттекстот на Шекспир каде Јулија сака „Ромео да не биде Ромео“. Овде се проблематизира и самиот конфликт на двете семејства, но горенаведениот поттекст има и емотивно значење. Џете Стекел се зафаќа токму за тие многу длабоки значења и релациите меѓу ликовите и нивната типологија ги сведува на „тукашни“ така што „конфликтот“ има значење на недоразбирање и ововременски анемозитет поттикнат од погледите на светот, а не од некаква генетички трансфер на омраза. Затоа и Ромео и Јулија, и Бенволио и Меркуцио и Тибалт, а и Парис се необични во својата приземност, а страста и привлечноста се генерира најмногу од младешкото лудило, т.е. од длабоката нејасност на тинејџерството. Претставата ја соголува матрицата на страста до нејзијната интактност и режисерката, чинам, дека целиот концепт го гради токму врз погоре споменатата алогичност на тинејџерските години. Таа не заборава дека Ромео и Јулија ги имаат токму тие години и дека трагедијата е голема најмногу заради недоразбирањето што го продуцира тоа лудило и дека семејниот конфликт е многу помалку релевантен од нивната неможност да се сретнат и покрај тоа што тој конфликт подземно го индуцира трагичниот момент. 

ф: Armin Smailović

 

Дантоновата смрт“ оваа многу мудра режисерка го конципира во насока на преформулирање на политичкиот флерт на кој другите режисери многу малку помислиле. Поставувајќи ја претставата на кружна сценографија каде што главните ликови се соѕидуваат, но и од каде што се обраќаат, таа и овде инсистира на страст чие отелотворување има цинична контекстуализираност каде Дантон и Робеспјер, но и Камиј Демулен се навлезени во интригантен вртлог налик на денешните капиталистички инасталменти. Џете Стекел ги наметнува тие споредби со денешните политички струења и низ зборовите на Бихнер, но и со други текстови го поставува прашањето: „Дали и е потребен капитализмот на Европа?“Една од најинтересните компоненти на оваа претстава е говорот на музиката. Режисерката судскиот процес и драматуршките конфликти ги префрлува на музички план, па така Дантон и Роберспјер достигнувајќи го врвот на страствените говори се префрлаат на музички делници. Овде страста звучи многу поинаку. Режисерката за разлика од „Ромео и Јулија“, во оваа претстава се служи со многу пароли и ликовни решенија. Ликовите и во овој концепт ги соголува до прототипови како граматиката глаголите до инфинитив. Секако, и во двете режии околностите и атмосферата се трансферирани во денешно време, но историската и легендарната припадност се сублимирани до ниво на парадигма. Тркалото кое актерите (ликовите) на почетокот на претставата ги вртат неколку кругови потсетува на Атлас, но тежината која ја понесуваат сите како жртви на револуцијата ја отвора страста за која пак, од друга страна сите ликови знаат дека не води никаде. Политичката глазура на целата претстава е силна инспирација исто како што е силна инспирација и љубовта во „Ромео и Јулија“ и тоа е легитимно. Тоа го пишува и во текстовите на двајцата автори. Но, страста е таа што таа мотивациска покриеност ја раскинуваат отворајќи други причини и други последици.

Џете Стекел преку аналогијата на страста и преку опструираноста на драматуршкото јадро гради два исклучително оригинални концепти кои сосема аргументирано го поместуваат начинот на живот на сите ликови и ја превртуваат ракавицата на драматургијата и на Шекспир и на Бихнер. Таа својата анализа на страста ја излачува од тоа триење на еросот и танатосот, од тоа чекорење по тенката жица на копнежот и желбата, но и од вртоглавиот поглед надолу каде што смртта зјае со отворена уста. Да, тука би требало да заврши нејзиниот режиски концепт, но тоа е само навидум така. Таа поетиката на смртта ја гледа метафорично и токму затоа музиката во овие две претстави има голема важност. Таа низ музичките парчиња им ја враќа назад на Шекспир и на Бихнер легендарноста на приказните, а за гледачите ги сочувува пораката и отворените прашања. 

„Ромео и Јулија“ и „Дантоновата смрт“ се претстави-студии за соголените прототипови кои служејќи се со модерни средства на изразување заговараат и други прочити на овие класици. Оваа извонредна режисерка со својата оригиналност ја отвора таа врата на театарско истражување низ која ќе влезат и други талентирани режисери со нови режиски промисли.