Ras G & The Alkebulan Space Program

Spacebase Is The Place

Има нешто прекрасно лесно во градот Pueblo de Nuestra Señora la Reina de Los Ángeles del Río de Porciuncula (Градот на нашата Богородица кралица Анѓела од реката Порсиункула), неговите просечни 25 степени целзиусови, бескрајните плантажи на лимони, нафтените полиња на секој агол, повеќе од стотина филмски екипи кои на дневна база го бркаат следниот филмски хит, туристите кои со насмевка оставаат преку 15 милијадри долари годишно, жителите на градот кои доаѓаат од 140 земји и зборуваат 224 различни јазици, автомобилите кои ги има двојно повеќе од жителите, интернетот кој е роден токму во Лос Анџелес. И да не ги заборавиме 65-те граѓани на L.A. кои легално го носат името Jesus Christ. И калифорниските вселенските станици. И Spacebase студиото во шупата во Leimert Park маалото на Ras G каде што се создавани 13-те парчиња од албумот Spacebase is the place. Не е малку.

RasG©TheoJemis
Би можело да се тврди дека L.A. е денешниот епицентар на комплексната електронска нова музика, а притоа да не се згреши дека е тоа конечно мит, вистински мит, а митовите се создаваат за да во нив се верува. Вистински верува.

Gregory Shorter Jr., или во народот познат како Ras G, не е само “уште еден од многуте хип хоп продуценти од L.A.”, напротив, едно мало друштво од L.A., колективот Brainfeeder, чии членови, покрај Ras се и Flying Lotus, The Gaslamp Killer, Daedelus, Samiyam и Matthewdavid, носат ново, и тоа во вистинската смисла на зборот ново видување на музиката на моментот, која, види чудо, е веднаш препознаена и закотвена како “последната свежа електроника на планетава”. Ras G е можеби последниот од последната свежа електроника на планетава, а албумот Spacebase is the place фрлен во лице доказ. Funkadelic би рекле – One nation under a groove.
Spacebase is the place е поздравен омаж на неговите олтајм музички идоли, пред сè Sun Ra (реферирањето на Space Is the Place албумот на Sun Ra е сосема намерно), а во тој вознесен омаж приказната ја заокружуваат и стројните, револуционерни во звукот, J Dilla и Madlib, би се рекло, последните чувари на вистинскиот хип хоп, колку и да терминот вистински хип хоп во новото време го загуби своето суштинско значење поради перверзната хиперпродукција и комерцијалното обезвреднување. Лесно може да се устврди дека ова е “тешка” blunt smoking плоча (да, плочите сè уште се печатат), создавана со 8-битни синтисајзерски патерни, семплови и field recordings-и. Омилено оружје? Roland SP 404. Ras едноставно го објаснува It’s pre-Maschine, it’s nothing to look at. It’s all based on ears and feelings. И тоа е така, бидејќи на Spacebase is the place “тешкото” звучи со леснотија, но злокобно дисфилхармонично. Па чекај, такво е и времето кое го живееме. Драма. Космичка. На албумот музичката територија се движи во распон од Charlie Parker , James Yancey, Steve Ellison, па се до деконструиран џез, древни ритми и наизглед неспоиви семплови, сето тоа забрефтано во еден здив како бескраен бит… и да не ја трошам тастатурата – мноштво beauty & the beat.
И уште една добра вест за крај: L.A. секоја година поради раседот Сан Адреас се помрднува околу 6,3 милиметри на исток. Доаѓа кај нас. Airhorn!