Судбинските обриси околу „Карл Либкнехт“

Кон збирката раскази „Кога си заминав од Карл Либкнехт“ од Лидија Димковска во издание на Или-Или, 2019

Големиот Вилијам Шекспир во еден од своите бесмртни стихови кажал дека: „Не е на ѕвездите да ја чуваат нашата судбина, таа е во нас и останува ние самите да ја чуваме“. Првата збирка раскази на Лидија Димковска „Кога си заминав од Карл Либкнехт“ е парадигматична симбиоза на несреќната судбина на еден од круцијалните европски германски левичари Карл Либкнехт, (инаку голем соработник на Роза Луксембург) со судбините на хероите на дваесет и седумте раскази поврзани со адресите и местата кои го носат името на овој голем пацифист и мислител. Димковска оваа извонредна симбиотична збирка многу мудро ја поврзува со ововременските страдања на ликовите кои низ својот живот минуваат како наспроти виулица, обидувајќи се да ја најдат вистинската логика и смисла за опстојување во време кога отуѓеноста е лична карта, а суровоста единствен начин на комуникација.

Читајќи ја оваа, би рекол, иновативна и пред сè, единствена збирка раскази од ваков вид во македонската литература, ми се наметнува една помисла која многу често ми ја оптоварувала главата, а тоа е: колку овие луѓе кои поминуваат покрај мене, кои седнале до мене, кои случајно проговориле со мене, кои побарале нешто од мене, кои се потпреле на мене, кои ме погледнале попреку, кои некако срамежливо се насмевнале кога сум ги погледнал, кои случајно ме згазиле и се извиниле, кои ме замолиле да ги пропуштам во редот во некаква институција, кои застанале на улица покрај мене сокривајќи си ги солзите и потоа продолжиле гледајќи со истите тие насолзени очи пред себе, кои ме поттурнале и не им било грижа дали ќе се налутам или не, кои гледале низ мене преокупирани со своите проблеми имаат ист именител? Кои се тие луѓе што поминале покрај мене на аеродромите, железничките и автобуските станици, кои се оние кои престојувале во другата соба во хотелот, кои се тие на масата пред мене во ресторантот или оние десно од мене во театарската сала? Колку нивната судбина, нивниот животен тек е поврзан со мојот или колку ние некако необјасниво сме поврзани макар со еден миг од нашите животни патишта и колку сето тоа нè наведува мене и нив да застанеме, да подадеме рака еден кон друг и да се замуабетиме, да си ги раскажеме своите болки, своите недоразбирања, своите страдања? Дали кога ние плачеме по своите нејмили во моментот кога ќе се присетиме дека се далеку од нас, плачат и некои други со иста судбина на илјадници километри од нас, дали кога се радуваме на свадбата на нашите деца се радува и некој друг можеби северно од нас правејќи иста таква свадба ама далеку побогата и дали тие што се младенци на таа свадба ќе бидат посреќни од нас…

Заминувајќи дома секој од нив остава обриси од своите судбински поместувања, од времето кое се забраздило на нивните лица живеејќи го своето парче живот на истото место каде што некој друг се радувал, тагувал, се родил или можеби умрел. Лидија Димковска напишала збирка раскази токму за тие судбини кои се поврзани со местата кои го носат името на Карл Либкнехт, кои на некој начин делејќи ја неговата судбинска апологија ги одживуваат своите саморегори и своите среќни мигови точно на местото кое го носело името на овој голем мислител. 

Расказите во „Кога си заминав од Карл Либкнехт“ се случуваат на 20 улици, две гимназии, стадион, село, плоштад и фабрика кои ги носат имињата на Карл Либкнехт. Тие се случуваат на сите земјини меридијани, во Италија, Романија, Полска, Германија, Словенија, Швајцарија, Франција, Австрија, Албанија, Холандија, Русија, САД, Јапонија, Јужноафриканската република, Велика Британија, Руанда, Естонија, Украина, Хрватска, Грција, Чешка. Им се случуваат на млади и стари, среќни и несреќни, вљубени и оставени, болни и здрави, навредени и пофалени, живи и мртви, на сите кои судбината како што кажал Шекспир погоре ја зеле во сопствените раце и се обиделе од тоа да направат филозофија, да остават трага по себе, да се одживеат, да се надживеат. Лидија Димковска создава галерија на различни ликови и со својот препознатлив и семантички богат стил таа овие кроки студии ни ги нуди како книжевно засолниште во кое влегуваме тивко и на прсти, но возбудата која ја чувствуваме нé наведува внатре да станеме вревливи и од тоа засолниште во својата фантазија да создадеме хабитат од ЛУЃЕ. Да, луѓе кои сепството си го прегрнале како да им е новороденче кое го чекале со години, едно, единствено. Овие луѓе се Вавилон на човечкото страдање и евидентен, и за секој респект е нивниот напор тие луѓе да се метаболизираат во ЧОВЕШТВО каде злото ќе избега „низ прозорец“ или „низ врата“ како што ни велеле старите кога имаме големо чувство дека тоа зло е тука до нас. 

Неизбришливи траги оставаат потресните приказни на 36-годишната Кристине од Франкфурт на Одра, Германија, и несреќното недоразбирање со кутриот Јулијан, лектор по полски јазик кој завршува со самоубиство после самоубиството на неговата мајка, ужасната приказна за неверојатно насилниот Борис која ја раскажува 72-годипниот Јордан од Софија, кратка сага за немоќта на неговото семејство да му вдахне љубов на човек во кого по сè изгледа влегол оној „нечестивиот“, семејството кое со тешко срце го напуштаат своето дете за да не станат негови жртви, па приказната на Јакуб, Лужички Србин за неговиот неколку години помлад брат Михаљ кого од нежен и благопријатен човек војната направила монструм. Судбинските обриси во овие кратки стории се како што вели Салман Рушди: „Целокупност на сè она што одело пред мене или она што сум го видел да се направило или ми било направено мене. Јас сум секој и сечие битствување на овој свет било под влијание и на светот и од мене. Јас сум сè што ќе се случи откако ќе ме нема, сè она што не би се случило, ако јас не би дошол на овој свет.“ Она што во овие дваесет и седум раскази се случило сè свиена болка за која нема лек, но има преображение, има надеж, има ново утро. Лидија Димковска влегува во овие судбини како книжевен исцелител, или ако сакаме, како филозоф кој левичарот Каарл Либкнехт го сфаќа како непоправлив алтруист чија судбина, заедно со онаа на Роза Луксембург била ужасно несреќна: и Либкнехт и Роза Луксембург биле сурово убиени, но нивното дело останало бесмртно. Овие раскази имаат чудна импактност – го тераат читателот кришум, во оваа хаотично време на бесчувствителен информатички апсурдизам да си ја повика доблеста и да се преиспита себеси пребарувајќи ги во своите дамари хуманоста и благонаклоноста. На сите овие херои од сите страни на светот благонаклоноста и љубовта им бегаат како балон полн со хелиум и тие гледаат нагоре беспомошни и очајни. 

Фредерик, 29-годишниот затвореник од Шнеберг, Германија, исто така има своја приказна која е посветена на ужасниот моментум што му ја завртува судбината во несакана насока инспирирана од склоп на околности предизвикани од човечката недоделканост и ирационалност. Оваа приказна е извонреден монолог кој открива и една друга категорија која Димковска ја анализира и во други свои раскази, а тоа е огорченоста. Се чини дека огорченоста е пострашна и од очајот, и од гневот. Фредерик не верувајќи дека судбинското недоразбирање ќе го доведе во затвор, зборува за него како за место каде што можеби подобро се чувствува отколку на слобода. Едно лудило кое е апликативно на она што се случува надвор, на глобалното недоразбирање кое ние, како смртници си го преведуваме како судбина, како нешто што не зависи од нас, нешто што е донесено во одредено време и на одредено место каде не би сакале да бидеме, не би сакале да се сретнеме, не би сакале да проговориме или да чувствуваме. Затоа, овие раскази ги нареков обриси, траги од животи кои започнале со надеж, а навлегле во вртлогот на несреќните и апсурдни општествени конструкции.

„Кога заминав од Карл Либкнехт“ е збирка раскази која нè води на патување каде досега сме биле, а сепак не сакаме да го пропуштиме. Нашиот животен тек има чудни патишта и Лидија Димковска е сосема свесна за тоа. Затоа, сите овие приказни кои се нечии, туѓи, ние ги доживуваме како свои, како доживеани и на некој начин за нас, катарзични. Ние како Дантевиот Вергилиј, повторно влегуваме во мракот на животната неизвесност за да најдеме лек за своите непромислености и несреќни животни определби, повторно да им погледнеме в очи на оние кои сме ги унесреќиле, или можеби тие не унесреќиле нас. „Кога заминав од Карл Либкнехт“ е заминување од светот по кој сме копнееле, а никогаш не ни се случил, на патување од кое можеби за момент сме помислиле дека враќање нема. Тоа го помислиле и Алина и Арина од Русија од селото кое е наречено по Карл Либкнехт. Го помислила тоа и 76-годишната Анастасија од Екатеринбург која го вкусила горчливиот вкус на омразата од сопствената сестра, и Јуриј и Остап од Украина, и сите оние чии нераскинливи врски бурата на осаменоста сепак ги раскинала и ги оставила да се изгубат во толпата несреќници кои минуваат по патот чиј крај не се гледа на хоризонтот. 

Оваа збирка раскази ќе остане запаметена во времепловот на македонската книжевност не само по својата иновативна форма, туку и по својата круцијална посветеност на човештвото, по својот стамен космополитизам и по оригиналноста на стилот кој е типичен само за Лидија Димковска. Пет од овие раскази го добија специјалното признание „Европско културно наследство“, па понатамошните преводи на оваа необична и возбудлива збирка раскази ќе ја облагороди и светската книжевност. Лидија Димковска, како голема авторка (и прозаистка и поетеса) на македонската книжевност му подари уште една голема возбуда, уште едно фантастично литерарно патување кое носи прекрасни впечатоци, уште едно книжевно дело достојно за секоја почит.