Suns

Мојот сон е само мој [Corpus Delicti Records]

Веќе десеттина дена ме мачи несоница, поточно мачкина дремка. Прстиве ми се кочат, вампири излегуваат од моите ормани. Неколку жолти мравки се пентарат по мојот старински метален кревет полн со рѓа. Над главата ми виси портрет од Сталин, или тоа беше Тито? Медитирам на сите изгубени генерации и новородени ентузијасти, размислувам за земјотреси-поплави-атомски експлозии-за мојот свет-за твојот свет, за карпите што стојат исправени како споменици на гордоста од кенозоикот. Неколку комарци како дронови кружат околу мојата глава. Како тоа комарците се сè уште живи? Имаат ли камери наместо очи? Дали музиката е виновна за нивното прокреирање на оваа планета? Колку животи на комарци биле потребни за изградбата на вавилонската кула? Каква свест имаат комарците?

Веројатно за воскреснување на еден вампир се потребни зилиони животи од збиени комарци кои што се поврзуваат во едно тело слично на звуците што ги произведува гитаристот Ѓокица Зафировски. Имам два грамофони и по обичај кога треба студиозно да слушам музика се обидувам да ги поврзам. После неколку обиди конечно успевам: пффф-пффф-пфф овојпат се тоа Suns. Мојот сон е само мој… Повторувам, исто како да се работи за мојот сон, воедно тоа е името на албумот. Suns се Ѓокица Зафировски на гитара, вокал и клавијатури, Андреј Анастасов Еди на тапани и клавијатури и Саша Павловиќ на бас. Времето во кое е снимен албумот во 1993 година е полно со сенки, неми сведоштва за пост-распаѓање на една федерација и најава за некакво идно време кое никој не знае кога и како ќе заврши бидејќи иднината е секогаш нестварна и непозната. Интересно е што неколкуминава потпишани на албумот се нурнуваат во сериозна музичка авантура.

Албумот го отвара Двајца, енергичен вовед со акцентирано гитарско соло, „Двајца“ е сага за следење и внимателно дозирање на болот. Бр.2 Зборувам, песна за едно време во кое никој немаше визија за црнилата на нештата што треба набргу да добијат нијанси. „Зборувам“ е врв на едно напредно дружење полно со врвна компактност на еден состав од тие времиња. Басот е динамичен, ритамот убиствен а сепак има некаква вонвременска порака на претпазливост како во некоја шпиунска новела од минатиот век. Впрочем тоа и е: минатиот век. „Зборувам“ е композит со сложена структура, амбициозно сткаен и ритмички исчашен. Ми се допаѓа.

Ако некој нешто зборува тој и: мисли. Мисли. „Мисли“ е суптилна песна со предупредувачки текст, веројатно како предупредување на хероинската епидемија и нештата што умираат, а сите нешта умираат. Интересно е како никој не го есапел овој бенд? Целиот материјал е снимен аналогно на 24-канален Tascam MSR-24S снимач на лента и подготвуван цели две години. Композиција бр.4 Врне, оваа композиција има екстатичка суптилност, што јас лично никогаш не ја добивам додека врне. Басот е каков што не сум слушнал, гитарите се сензационални надминувајќи го периодот на записот. „Врне“ е еден врвен еклектички поп, иако некој тоа би го нарекол под псевдо дефиниција андерграунд. Навистина штета што вокалите не се избалансирани, сепак артефактот е важен.

Бр.5 Белег, веројатно најпросечната песна на албумот посветена на неколкуте накази неизбежно евидентни во тоа време. Бр.6 Обид, една од најсвингерските песни на албумот, со потентен грув и широк спектар на ритмика. Бр.7 Гајле е по хип верзија од самиот оригинал на Replacements ‘Careless’. O` I’m digging it! Композиција бр.8 како црн шабат или седмиот печат-ден-една недела-вселена претворена во Карпа. Ова е сигурно едно од ремек делата на македонската алтернативна сцена. Овдека се случува драмата на креацијата на вселената. Направена во манирот на спејс рокот и јадрата на експерименталниот грув. Гитарата не е толку потенцирана, басот е ритмички тајфун а ритамот стандардно измодулиран и младешки енергетски зденат.

Ова е инструментална композиција која изгледа како опиоиден шизоид навлечен на крек и најаден со криптонит во некое пештерско време. Самиот наслов ме тера да размислувам на каменото време, некаквa извртенa 21-st schizoid параферналија. Трае скоро цели 13 минути, мислам дека почнувам да станувам фан на Suns. Иако се обидувам каде да го сместам жанрот на групава, сепак тешко добивам рацио. На некој луд начин тие ми се најблиску до некаков скопски Cream, поради тоа што се трио. Сепак овдека има експеримент и сосема друга насока. Бр.9 Зум, ова е зум за една сконцентрирана музичка игра. Бр.10 Луѓе. Вдахновена надградба на „Сите обични луѓе“ од Бадминтонс, всушност подобра од оригиналот. Бр.11 Талог, потсетува на шарада на пинбол игри и космогониска енигма, некаков хиперболичен интеркурс меѓу басот и гитарата. „Секој пат кога те гледам сам – сакам да те видам насмеан“. Весела песна. Бр.12 Мој. Повторно тој тапан-бас грув и прскава гитара, овојпат со виолински глисанда.

Suns го наоѓаат конечно својот мир во – мојот сон е само мој. Не е првпат некој да го пронајде мирот и да остане неприметен во сопствениот напор да го оствари сонот. А сонот е само мој додека не стане и наш.