Светата, скршената и успешната – од непознатост до сеприсутност

Годината е 1984. На топ-листите царуваат Принс, Мајкл Џексон, Мадона и Брус Спрингстин. Леонард Коен и неговиот тогашен продуцент Џон Лисауер го снимаат „Various Positions“. Издавачот Волтер Јетников од CBS/Columbia вели дека албумот е катастрофа и решава да не го издаде. Коен полни 50 години есента 1984. Секој од неговите три претходни албуми се продава полошо од претходниот.  Една од песните на неиздадениот албум е „Алелуја“.

Се разбира, не го знаев ова. За мене „Алелуја“ почнува со воздишката на Џеф Бакли во микрофонот. А како што дознав од книгата на Алан Лајт, која по сѐ изгледа и цели на читателите како мене, за многумина водени пред сѐ од музиката на Youtube песната почнува со изведбата на Џастин Тимберлејк на добротворниот концерт за Хаити.

Помеѓу 1984 и 2012, годината кога завршува ретроспективата во „Светата или скршената“ (Алан  Лајт, 2012, Атриа, ЊЈ) снимени се стотина преработки на песната. Две верзии има од Коен, потоа Џон Кејл, Џеф Бакли, Руфус Вејнрајт, к.д. ланг, Боно, Џастин Тимберлејк – од тие чии имиња ги запамтив, и барем дузина изведувачи на шоуа како „Американски идол“ кои во своите студиски албуми по победата на шоуто ја снимаат својата верзија на „Алелуја“.

L_CВсушност, флексибилноста на песната е извонредна. Безборј различни интерпретации се возможни поради нејзината отворена структура: Коен има напишано 7 строфи кои може да се комбинираат на различни начини. (Поточно има напишано околу 80, но 7 се објавени.) Строфите носат различни пораки: смрт, живот, љубов, очај. Коен ја пее со циничен нагласок, Бакли со копнеж по љубовта, Џон Бон Џови ја дополнува оваа повеќезначност: „Во Америка луѓето го знаат рефренот, во Европа ги знаат строфите“. А нема посилен рефрен од четири пати „Алелуја“ и песната дури се изведува или пушта на мисите на некои американски свештени служби олеснета од еротските стихови.

Споредено со друга безвремена песна – „Imagine“ на Ленон може да се пее само на еден начин. Песната губи секаква смисла ако макар и само еден стих, на пример, „no relligion too“ се преуреди како што тоа го сторил Сило Грин на некоја изведба во 2012 со „all relligion true“. Но, ова не е случај со „Алелуја“. Подеднакво силни чувства предизвикува и ако се пее како еротска химна за љубовта и како духовна химна за верата.

Лесните акорди и мелодија што се памти ја прават уште подостапна за изведувачи кои и не мора да ги имаат вокалните способности на Бакли. И Коен звучи како да мрмори споредено со Бакли. C-Am-F-G и секој што знае како да држи гитара може да сними верзија која што веројатно нема да звучи полошо од трип-хоп варијантата на Боно.

Но, колку што е книгата пофалба за песната, за безвременоста на стиховите напишани од Коен, едноставната мелодија следена од највообичаените акорди и за беспрекорната изведба на Бакли, толку е и пофалба за музичката индустрија од САД која успева да создаде безборј начини да ги монетизира сите овие работи.

Во филмот „Шрек“ исокристена е верзијата од Кејл, но на саундракот филмското студио одлучува да сними нова верзија за да не мора да плаќа тантиеми, а Руфус Вејнрајт е нивен артист и им должи песна. Потоа, американскиот ситком O.C. за секоја финална епизода од сезоната користел три различни верзии, а уште многу други серии во клучните тажни моменти користеле строфа или две од различни изведби. Шоуто на Сајмон Коуел ја имало песната во редовниот реперотар на натпреварувачите. Речиси секоја од тие верзии успешно се продавала на iTunes. Песната во различни години и во различни изведби е во Топ 10 листите на речиси сите држави од Европа.

Сето ова е добри вести за Коен кој бил доведен на работ на банкрот кога неговиот сега веќе поранешен менаџер го ограбил за милионски износи. Иако тој не ја изведува често оваа песна, и според многу музички експерти, таа не е ни во неговите топ 10 композиции, веројатно е дека таа меѓу првите по приход.

Успехот на „Алелуја“ се должи на композиторските способности на Коен и изведувачките на Бакли, но и на индустријата што успева да ги комодифицира сите чувства што ги нуди песната.

Алелуја.