Светот не е луд, лудо е сè околу него

Кон монодрамата „Дневникот на лудиот“ од Н.В. Гогољ, режија на Ѓорѓи Ризески, а во изведба на Бобан Алексоски

Гогољ скоро најголемиот дел од своето творештво го посветил на малиот човек, на оној чиј живот виси на конец, на злата судбина наметната од контраверзите на општетсвените струења, на сатиричните навеви и црниот хумор на неодминливата и долгоопстојувачка репресија во Русија во деветнаесеттиот век. Аксентиј Иванович Попришчин е модел на лудак кој е без сомнение сосема „свесен“ за своето лудило и тоа е дел од уникатниот стил на Гогољ во кој и Хлестаков е свесен за својата хипокризија, како и Чичиков за својата измама. Гогољ во ова дело гради една еклатантна сторија на човек кому социјалната и општествена средина му стануваат еден вид на лудница, па така и самиот себеси се нарекува лудак. Изместената љубовна романска со ќерката на шефот Софи, комуникацијата на двете кучиња и на крајот поистоветувањето на Кина со Шпанија во за тоа време далечната, а денес за нас толку блиска 2000 година се состојки на еден свет кој денес не е ни најмалку туѓ. Лудилото во контраверзните политички конструкти станува инспирација и Гогољ од сето тоа прави епохално дело кое лудилото го декларира како надеж и амбиција.

Младиот актер Бобан Алексоски на улогата на Аксентиј и приоѓа од еден досега неистражен агол, а тоа е френетичноста. Не оставајќи ни еден миг на публиката да го сфати ликот како класичен лудак, тој едноставно ја раскршува оваа улога на најмали делови и сите нив повторно ги собира синтетизирајќи ги во својот духовен хабитус, во своите лични страдања и проблеми. Аксентиј секако, го има оној адреналински полнеж препознатлив за тој вид на улоги, но Бобан неа ја компримира во мешано чувство на гнев и страст. На тој начин овој актер во оваа комплексна улога навлегува на начин кој е совршено ризичен за еден актер, а тоа е континуирано високиот емотивен напон. Фасцинантно е тоа што таа висока волтажа на ликот тој не само што ја издржува до крај, цел еден час, туку многу вешто ги презентира и сите валери на тој начин на игра – шепотот, физичките конвулзии итн.
Една од најблагородните компоненти на оваа монодрама е актеровата блискост со публиката која за време на претставата станува релевантен дел од нејзиното дејствие. Минувајќи низ редовите во таа клаустофобична просторија која е лична карта на френетичниот Аксентиј, Бобан на еден егзистенцијалистичен начин ја споделува својата мака со сите нас отворено барајќи наше мислење. И покрај тоа што и тоа е мал ризик на кој се става самиот актер, симпатичкиот мост на сите нас ни намекнува една ситуација на соживот и прифаќање на неговите молби, наредби и барање за време на целото дејствие. Френетичноста на ликот на Аксентиј е можеби она што во неколкуте изведби во Македонија не се обраќало многу внимание. Овој Аксентиј се разликува од другите досега одиграни по многу нешта: има современо толкување (што е и режиски успех), има емоционална шема со досега невидена специфика и една мнпгу чудна свесност дека е тоа само лик што е интерпретација на секој оној кој чувствува дека почнува да го преминува прагот на логиката и реалноста.
Да, токму таа небулозност на „реалното“ е есенцијалната конвертираност на овој лик и Бобан Алексоски од овој антологиски лик на Гогољ прави суреален прототип од кого делови чувствуваме и самите ние како директни реципиенти на претставата.
Динамиката на овој Аксентиј е фуриозна и сметам дека и тоа е еден од големите квалитети на оваа монодрама. Бобан Алексовски не е класично луд, тој е лудо вљубен, лудо очаен, лудо инспириарн со адреанлин кој избива и надвор од просторијата. Сатиричниот реализам на Гогољ кој е без остаток присутен и во ова дело овој млад актер го сфаќа како дистанца која повремено не „поттурнува“ во она што театарските теортеичари го викаат „театар во театар“, а практичарите го играат непотребно рационално без некое големо чувство.
Оваа верзија на „Дневникот на лудиот“ ја краси еден актерски силогизам кој овој млад актер го чувствува како предизвик, а тоа е компримираното и измешано чувство на гнев и очај, една луцидност која возбудува приследењето на претставата. Токму затоа контактот со публиката кој морам да признаам е невиден досега за една монодрама е потполн и публиката тој Аксентиј го чувствува како своја несреќа но и како несреќа на едно време каде ништо не е свето.
„Девникот на лудиот“ е реквием за неспокојот на млад човек (иако во сите досегашни верзии го играле постари актери) како плод на некомплементарноста со општествените симулакруми кои никој од нас не ги чуватвува како свои, еден бунт против реалитетот за кој иако свесни, сакаме да го сокриеме како не би постанале втор, трет, четврт или илјадити Аксентиј. Режијата на Горѓи Ризески го склопува тој енергетски полнеж во убава и иновативна концепција која ветува интересна претстава. Поставена во несекојдневен простор и одиграна насекаде околу публиката, дури и надвор од просторот, „Дневникот на лудиот“ е монодрама која ќе има свое доблесно место во македонскиот, а се надевам и театарскиот простор на Европа.