Таму, каде што националностите не постојат

Кон концертот на Dead Can Dance [Белград, 28 јуни 2019]

Да се пишува за музиката е како да се танцува за архитектурата. Вака одеше еден џингл на музичкото радио Канал 103 во деведесеттите. Да се пишува за музиката на Dead Can Dance е како да се соочиш со тежината на сите убавини на вселената и нив да ги преточиш во збор. А нашиот мозок и дух се толку мали и сиромашни. Оттука и стравот за пишувањето на оваа рецензија за концертот на Dead Can Dance кој се одржа на 28 јуни во Белград.

Веќе 30 години посетувам концерти ширум светот, а последните 15 години често пати пишувам и репортажи за нив. Безмалку сум ги видел и слушал сите најзначајни бендови и автори во оваа уметност. Но, првпат ми се случува да имам таква стравопочит за да напишам како помина еден концерт.
Dead Can Dance во Белград беше моето прво среќавање во живо со нив. Не знаев што да очекувам. Знаев само дека на оваа турнеја изведуваат теми од сите нивни музички фази, а гледајќи ја сет листата на претходните концерти задоволно се насмевнував заради изборот на неколку од моите лични фаворити.
Удобно сместен во еден од последните редови на Сава Центар, опкружен со фанови од целиот регион (мислам дека ние од Македонија заедно со хрватите бевме најбројни „страни посетиоци“) ја слушам една позната белградска радио водителка која седеше до мене, како им вели на повеќето пријатели кои застануваа да ја поздрават – „Шта има ново? Па ето, јуче се развела од мужа да могу на миру да одгледам Dead Can Dance“.
И тоа беше последното земско што го чув, последното што доаѓаше од овој нам познат свет. После тоа излегоа Lisa Gerard и Brendon Perry, ги пуштија нивните гласови и магичното патување низ светот, вселената и низ нашите чувства, од кои некои за прв пат ги откривавме, започна. А отварањето не можеше да биде повеќе симболично отколку со Anywhere out of the world.

Кога Brendon пее, вие знаете дека вам ви се обраќа некој кој ги знае сите чувства, тајни и помалку тајни. Кога тој ќе каже плаво, вие почнувате да гледате плава боја, кога ќе каже сенки, пред вас се материјализираат сенки. Кога ќе викне Love, вие се возбудувате и почнувате слатко да треперите, а оние посентименталните може и да заплачат. Xavier ја испеа како да ни раскажува бајка, а Amnesia, која е точна вивисекција на човековата колективна заборавеност и повторување на грешките, ја испеа на еден таков смирувачки начин, како за тоа да нема лек и треба да се помириме.
Неговиот длабок, сугестивен и моќен вокал, како да е пратен од некого за да не потсети дека оваа планета е убава, но и дека не сме сами, дека сите можеме да се споиме на некое нематеријално ниво. Таму, каде што националностите не постојат. А онаа блага меланхолија во некои од неговите песни како да е светилник кон самите себе.
Кога Lisa Gerard пее, околу нас летаат самовили и ангели. Патувавме до Африка, па не врати на Балканот. При изведбата на Bylar се случи колективно ежење, а веќе во следниот миг на Yulunga и пред се на Dance of the Bacchates, посакавме да танцуваме.
При секоја нова изведба пред нас се отвораше нов универзум. Знаевме дека се случува нешто несекојдневно, па оттука и повременото чувство на понизност или маленкост кога се наоѓате пред очите на оваа дружина која себе се нарекува Смртта може да танцува.
И, ако Аполон, грчкиот и римскиот бог на музиката, танцот, драмата и поезијата навистина постоел, тогаш дефинитивно Dead Can Dance се неговите директни потомци и денешни месии.


фото Hristina Panić

Но, Dead Can Dance не се само музичка големина. Се повеќе сум сигурен дека тие ја избрале музиката само како јазик преку кој ни ги соопштуваат најголемите тајни, како да знаат некои нешта кои ние не ги знаеме, но и отворено ни кажуваат за сето она за кое ние само шепотиме. Во исто време нивната музика е најдобрата психотерапија, и затоа втората половина од концертот го поминав лежејки на столот. Душевно целосно разголен, препуштен на нејзината езотерична моќ која на мистичен начин ми ги одзема сите грижи, немири и болки.
Истото чувство го имам и ова белградско сончево утро, зелепен пред компјутерот додека го пишувам овој текст. Исцелен, мирен и среќен.
Ја мислам и онаа белградска радио водителка. Дали утрово се вратила кај нејзиниот сопруг или и таа после синоќешната психотерапија си го продолжила животот во безгрижност, мир и со чисто срце. Скришум насмевнувајќи се на сознанието дека и смртта може да танцува.