Театар, почеток или крај, (се) едно!

14_Koncepcja_akustycza_Acoustical_concept

Пред многу, многу години (така обично почнуваат приказните, а ова е една приказна за театарот, па редно е така и да започне), човекот својата потреба да раскажува приказни и да ги игра, ја начнал во идејата тоа да го прави пред публика. Лутајќи од место во место, водени од природните потреби за претставување, посветувајќи ги игрите на некој бог или богови, луѓето театарот го прикажувале онака како што знаеле – со текст, песна, игра. По некое време, барем така велат легендите, се задржале на едно место. Тогаш авторите, оние надалеку познати писатели на драми се натпреварувале кој помоќно ќе го прикаже сето она што луѓето го знаеле. Било дел од нивниот начин на живот. Некој моќен властодржец тоа го препознал како одлична идеја и решил да го поддржи. Зашто му било важно да има медиум каде ќе може да се каже/прикаже она што е важно за човечката заедница, односно, она што и нему како водач на народот, ќе му биде важно да го каже. Така почнува другата страна од приказната за театарот. Онаа што не е романтична, што не се затскрива зад митовите и ритуалите, онаа што човекот го поставува исправено пред предизвикот да се каже и прикаже својот став. Сакајќи да пишувам за театарот, решив да почнам на ваков начин. Почувствував искрена потреба да се потсетам на тоа зошто и како или што е тоа театар низ историјата и што е тоа театар денес. Бидејќи на театарот, осоебно на театарот во Македонија денес, потребни му се јасни и силни претстави кои ќе понудат ново видување и своја вистина, која ќе биде препознаена од публиката. За жал, тоа не е така. Од неколку причини.

Театарот е моќен медиум. Еден од најмоќните, долго време. Сé до појавата на печатот, електронските медиуми, а најмногу до појавата на интернетот, театарот беше местото каде се говореше и играше, прикажуваше сето она што беше важно за животот на една заедница. Театарот по дефиниција треба да предизвика катарза, прочистување, емотивен климакс кој треба да се реши со помош на тоа што се гледа пред нас. Дали тоа се случува денес со театарот во Македонија? Дали треба да се случува тоа денес со театарот во Македонија? Тоа се двете клучни прашања кои си ги поставив откако некое време го одмолчувам театарот.

Кога станува збор за театарот, а не само за него, туку и за голем број на уметнички и општочовечки феномени, имам впечаток дека забораваме на денешната отвореност на светот. Македонски феномен е да мислиме дека нашето е најдобро, без да сакаме да се споредиме со другите. Некои наши претстави се декларирани како најдобри, без да се води сметка за тоа што го гледаме. И тука почнува проблемот со нашето самобендисување. За да може да се оквалификува некоја претстава како добра или лоша треба да има мерен систем, кој вообичаено се прави со принципот на споредба. Компаративниот метод кај нас некако не сака да профункционира.

Сакајќи го театарот, како што ја сакам музиката и редица други уметности, постојано го следам на кој начин се носи со новото време. Она што ме инспираше да пишувам беше ограниченоста на нашиот театар и непостоењето на желба да се споредува со светскиот театар. Сепак, не ми доликува генерализирање, ниту пак го сакам. Затоа ќе се фокусирам само на клучните прашања од почетоков на текстов.

Некои од моите најдобри учители по театар, ме учеа дека е најважно да се видиш себеси откако ќе отпатуваш надвор, откако ќе имаш можност да се споредиш со тоа што се случува надвор од нашата затворена средина. Со појавата на интернетот светот го имаме во близина. Додуша, не е директна, непосредна, туку сепак со помош на медиум кој тој свет ни го приближува. Со самото тоа, театарот сега може да го истражуваме и од другата страна на екранот. Пред неколку години, на фестивалот во Салцбург имав прилика да ја гледам претставата Мера за мера од Шекспир, во режија на еден од најпознатите европски режисери Томас Остермаер, во продукција на познатиот берлински театар Schaubühne. Претставата, како што само тоа го може овој инвентивен, луциден режисер, како дел од сценографијата има голем кристален лустер, кој се користи како клучен елемент во актерската изведба. Лустерот доминира во стилизираниот простор, давајќи им на актерите можност и тој да стане нивен партнер во играта. По некое време истиот тој лустер го видов во една македонска претстава. За жал, не беше игран како во германската, ниту имаше функција која го оправдуваше неговото постоење. Не знам дали беше реферирано кон германската претстава, меѓутоа, не беше оправдано неговото постоење. А во театарот, нештата како што искусил и напишал многу години пред мене, познатиот руски режисер Станиславски, треба да течат во причинско-последична врска. Оваа мала илустрација само ја покажува големата слика на немањето однос кон тоа што е светски театар и на кој начин ние реферираме кон тој театар.

Македонскиот театар има своја историја. Како и секој друг театар, својата иницијална форма ја зачнал од етнотеатарот и битовата драма. По логиката на нештата, театарот се развива во корелација со својата публика и времето во кое се создава. Креаторите на театарот, најпрвин актерите и драмските автори, потоа режисерите и продуцентите, создавале и создаваат свој театар или своја визија на театарот што го сакаат. Сакам да напоменам дека театарот има повеќе различни – ајде да ги наречеме – струи, од кои доминираат две: мимичарската/патувачка традиција, која е водена од инстиктивната потреба на човекот да прикажува/игра/создава и онаа институционална, професионална која се темели на идејата за национална театарска институција и другите паралелни жанровски разнородни феномени (драмски театри, поетски, музички, танцови и сл.). И македонскиот театар не им избегал на овие номинални општи корелации, само што некако ја подзаборава својата историја или своите темели. Намерно го споменав Остермаер, кој својот театар – современ, технички напреден, естетски совршен го темели на својата традиција. Пишувајќи за разните театарски феномени треба да се напомене и потребата театарот да се врати на својата суштина (ритуален театар, сиромашен театар) и театарот да се прикажува како спектакл. И двата доминантни феномени имаат свој водечки режисери кои го креирале театарот на ХХ век, а нивните наследници тоа одлично го користат денес. Имајќи го сето ова предвид, моите размисли се водат кон суштината. На каде оди македонскиот театар? Кои се феномените што го дефинираат? Дали сме ги поминале сите „детски болести“ на еден национален театар и сега можеме да се координираме со светскиот театар? Притоа, не заборавајќи на својата основа. На своите почетоци.