Nick Cave & Warren Ellis

The Assassination of Jesse James by the Coward Robert Ford

Пред да го гледам „The Assassination of Jesse James by the Coward Robert Ford“, го немав слушано саундтракот, така што ја воспримив и доживеав музиката баш како што треба, на филм. Што не значи дека после тоа не го ислушав уште сто пати.

Не ни очекував ништо помалку од Nick Cave и Warren Ellis, бидејќи ми се допаѓа речиси сè што излегува од нив двајца, особено кога творат и свират заедно. Да не се лажеме, Ellis нема никогаш да ми биде поомилен од Blixa и Mick Harvey, ама и тој допринесува кон музиката на “Nick Cave and The Bad Seeds”, можеби не подеднакво добро, но подеднакво оригинално. Иако, штом го бранам нешто смрди. Или пак, можеби другар ми Адо ме нахушка.

Како и да е, се фатив за Ellis бидејќи музиката од овој инструментален саундтрак е поблиска токму до него и до неговиот бенд “Dirty Three”, а нишката на Cave e длабоко врежана во секоја нота.  Велам саундтрак, бидејќи дефакто е саундтрак на филм, меѓутоа мислам на албум и ќе продолжам во текстов да го нарекувам албум, бидејќи може да постои потполно независно, иако секогаш кога го слушам ме потсеќа на филмот, кој патем е одличен. Впрочем во тоа е и разликата помеѓу саундтрак и оригинална музика напишана за филм, втората најубаво оди со самиот филм, а првата може да постои сосема самостојно, барем во повеќето случаи.

Албумот се состои од 14 песни кои звучат како една песна која влегува и излегува од една во друга сцена и емоција, нo сепак постојано се враќа на првата, изворната тема. А темата е полна со фолклор, меланхолија и мрачен сензибилитет каков и им доликува на двајцата музичари, но а и на анти-херојот опеан во филмот.

Композициите и аранжманите на целиот албум се на Nick Cave и Warren Ellis, кои на истиот свират и виолина, виола, пијано, гитара, целеста и триангл, придружувани од оркестар од дваесетина музичари.

Мои омилени песни од албумот се “Rather Lovely Thing”,“Another Rather Lovely Thing” и “Carnival”, иако никогаш не би ги слушал без да го ислушам цел албум од почеток до крај, бидејќи тоа би било како да изгледам само три сцени од еден филм.

Слушајте го на дождлив ден, со сончеви зраци. Или денес.