Pink Floyd

The Endless River

Вистинско изненадување беше информацијата дека Pink Floyd издаваат албум после цели 20 години. Иако имав некоја надеж дека со последното појавување на славната четворка на хуманитарниот Live 8  во Лондон тие сепак ќе успеат да снимат уште еден албум заедно, сепак тоа не се случи. David Gilmour во едно интервју пред неколку недели нагласи дека кога имале проби по повод тој настан несогласувањата со Roger Waters и после толку години сепак останале па решиле да стават крај на бендот во својата оригинална постава.

Да бидам искрен, за мене Pink Floyd реално не постојат уште од  1983 година кога после големите несогласувања  бендот продолжува без својот , според мене, нераскинлив дел, идеен творец и автор на безмалку 80% од нивниот репертоар – Roger Waters. Албумите The Momentary Lapse of Reason од 1987 и Division Bell од 1994 година иако се одлични музички приказни сепак се разликуваат од останатиот репертоар на бендот и ја немаат таа тежина и значение како претходните изданија.

Албумот The Endless River e прв албум на бендот кој е составен од надснимувани и ремастеризирани материјали кои останале од старите студиски сесии, најмногу од периодот на снимање на албумот The Division Bell. За потсетување клавијатуристот Richard Wright почина од рак во 2008 година, зад себе остава  многу снимки, кои David Gilmour и Nick Mason со многубројните соработници во текот на 2013 и 2014 внимателно ги селектираат, се надснимуваат останатите инструменти за на крај да добиеме околу 53 минути материјал, најавен од Gilmour и Mason како дефинитивно последен албум на Pink Floyd.

The Endless River e составен од 18 песни, од кои само една е со вокали, а сите други се инструментални теми. Wright се јавува како автор и ко-автор на 11 од 18 песни, Gilmour исто се потпишува како автор и ко-автор на дури 15 од 18, додека Mason на 3. Уште од првото преслушување може да се забележи дека не е концептуален поради тоа што парчињата се снимени во различни периоди. Албумот после краткиот увод со  Things left unsaid вистински го отвара темата It’s what we do, која звучи како да е бонус песна од албумот Wish you were here од 1975 година, еден вид на спој од Shine On You Crazy Diamond и Welcome to the machine, секако една од подобрите теми на албумот.  Тука препознатливиот звук на клавијатурата на Wright и фантастичната гитара на Gilmour прават оваа песна да звучи баш Floyd-овски, карактеристично за нивниот креативен периодот од средината на 70-тите. Албумот продолжува со амбиенталната Ebb and Flow, на која преовладува Gilmour со неговото препознатливо користење на ebow при свирење гитара, по што следуваат Sum и Skins, на кои доаѓаат до израз перкусиите на Mason, особено на втората Skins која дава некој амбиент од раниот Ummagumma период на бендот. На песната Anisina доминира карактеристичниот звук од албумот The division bell и веднаш може да се забележи дека е дел од студиските сесии при снимање на тој албум, додека на следните 3 песни The Lost Art of Conversation, On Noodle Street  и  Night Light доминираат клавијатурските секции на Richard Wright создавајќи една меланхолична атмосфера.  Интересен спој  се следните три песни Allons-Y (1) – Summer 68 – Allons – Y (2) кои создаваат една целина, фантастичната органа на Summer 68 е можеби еден од најубавите моменти на целиот албум а на Allons-Y (1) и Allons-Y (2) може да се забележат гитарски рифови и соло делници на Gilmour карактеристични за The Wall периодот од раните 80-ти. Цитати од познатиот научник Stephen Hawking се поместени на следната песна Talkin’ Hawkin, авторски потпишана од Gilmour и Wright. После интересните инструментални теми Calling и Eyes to Pearls, албумот продолжува со Surfacing и завршува со Louder than Words. Двете последни теми носат амбиент препознатлив за последните два албуми на бендот, особено Louder than words, единствена песна со вокал, текстот е напишан од сопругата на Gilmour – Polly Samson. Може да се каже дека единствено таа тема има можност за некоја комерцијална презентација на албумот, за радиско емитување  и слично, остатокот од албумот навистина не е за широки народни маси.

Искрено, иако не очекував ништо посебно од албум кој е составен од споени и надснимувани парчиња музика од различни периоди, сепак длабоко бев разочаран кога го слушнав за прв пат.  Ми звучеше како компилација од хаотично нафрлени кратки траки кои при тоа немаат ништо заедничко. Решив да го слушам континуирано овие денови и навистина почнав да уживам во него. Да се разбереме, ова не е албум за милионската Pink Floyd армија на фанови кои знаат 3-4 песни од бендот, знам дека тие ќе бидат комплетно разочарани, The Endless River не е ни албум, тоа е еден вид на омаж за Richard Wright, остатокот од бендот наоѓа начин како да ги објави неговите преостанатите снимки а притоа уште еднаш да направат ретроспектива на звукот на Pink Floyd од различни периоди на нивното постоење. Мислам дека ќе остане да виси прашањето – дали навистина овој проект мораше да го потпишат како нов албум Pink Floyd а не како некоја компилација од необјавени снимки? Од една страна се гледа дека сериозно работеле на овој проект и навистина го носи тој специфичен  психоделичен звук на бендот, дури многу повеќе од нивните два последни албуми кои доживеаа комерцијален успех, ама од друга страна сепак ја нема онаа карактеристика на концептуалност што ја носат скоро сите нивни проекти. Како и да е дефинитивно овој албум е последното нешто што бендот ќе го објави и е своевидно нивна лебедова песна. The Endless River не е ни оддалеку најдоброто нешто што тие го направиле, но ме радува фактот дека не ја завршуваат кариерата со комерцијален проекти, туку со нешто што навистина можат да го ценат нивните вистински фанови.