Milo

Things that happen at day/ Things that happen at night

Дали можете да си претставите како би звучел Канје Вест ако по некоја навистина чудна и извртена случајност на свои десетина години би завршил како посвоено дете на Бјорк? Нашиот јунак од оваа рецензија ја „закрпувал“ првата деценија од животот кога поп-дивата од ледениот Исланд ја филувала збирката од приспивни езотерии, која во музичкиот свет е позната како петтиот албум Vespertine (2001).
Milo или Рори Фереира денес звучи како да израснал слушајќи ја оваа музика на транзисторот во купатило додека пред огледало стискал бубуљици и броел влакна од тинејџерскиот брк. За волја на вистината, не знам дали раперов од Висконсин навистина ја слуша и ја почитува госпоѓата со многу тешко презиме, меѓутоа Milo е роден и израснат во нетипична средина за еден хипхопер, во крајниот северен дел на САД и на приближно исти меридијани со Бјорк, во сојузна држава каде што предоминантно е белото христијанско население и каде што младите, наместо во Холивуд, тежнеат да се вработат во гигантот од автомобилската индустрија „Џонсон контролс“.

Rory Ferreira

Milo и изгледа прилично неконвенционално за еден хипхоп-артист и со неговата појава повеќе потсетува на индиски софтвер-инженер вработен во Гугл, отколку на модерен поет, каков што навистина е. Во оваа нетипична рап-слика влегуваат каверите на неговите музички остварувања, кои може да се поврзат со многу жанрови, ама најмалку со хип-хопот. За да биде тотално различен од раперите што се китат со златни заби, кимкардашијани и со мат црни мерцедеси, Milo во своите текстови ја осудува хомофобијата, не посегнува по мизогамија и повеќе сака да филозофира отколку да плука.
Ако талентот и посебноста можеа да се насетат на претходните неофицијални албуми, потврда за неговата креативност се дефинитивно двете EP-изданија од 2013 година, кои концептуално се поврзани и многумина ги перципираат како еден албум Things That Happen at Day / Things That Happen at Night.
Покрај глич-хоп атмосферата, суптилните рефрени и минималистички Morcheeba гитарски семплови, Milo на Things that happen… повеќе од сѐ освојува со лириката. Тој е гласноговорник на новата интернет-генерација, која иако открива речиси сѐ за себе на социјалните мрежи, парадоксално повеќе е интровертна од која било претходна младина. Milo рапува токму за работите што ги окупираат неговите врсници, открива нов свет во кој повеќе се почитуваат странците на интернет со кои се делат истите вредности отколку луѓето од околината во која се живее. Се исповеда дека е обврзан да не ги разочара тие што преку пејпал дале барем долар за неговата музика, меѓутоа гласно размислува како млад човек кому му скурчиле фејсбук-дебатите и се обврзува никогаш повеќе да не бара признание од интернет-фриковите, кои, исто така, не ги познава.
Како што му доликува на еден рапер-бубалица, Milo во своите текстови ги референцира поетот Пабло Неруда и филозофот Ниче и во тој стил рапува за луѓето со тетоважи „кои мислат дека и самите ќе траат вечно“.
Тука е и сарказмот кога Milo ги советува своите фанови да си ги бараат парите назад ако случајно животот не им се допаѓа.
Ако нешто е најтешко кога човек рецензира уметничко дело, тоа е моментот кога треба да се даде оценка. Затоа овој проблем го решавам со едноставната дилема – дали вреди да го купите овој албум, да дадете пари за него или врши работа и ако го „скинете“ од некој торент.
Во овој случај, нема да зажалите за парите што ќе му ги дадете на Milo преку пејпал. А тој знае да го почитува тоа, а можеби и некогаш ќе ви се заблагодари во некоја рима. До толку е фин!