Watter

This World

Како и луѓето, така и музиката заведува. Често знае да биде политичарска. Не да држи лекции за скапаноста на општествениот систем туку – да лаже. Да суши од замајување, да блокира со замелушување. Верувам дека членовите на Watter се чесни како и секој комшија (океј, како по некој), но на деби-албумот This World најпрво градат претстава за себе дека се бенд што шепоти за по одредено време ова да го иситнат во брашно со дробилката од инструменти. Тие не пеат. Ниту врескаат. Повремено само се лелеават со своите или со гласовите на гостите врз фундаментот од тапани и гитара што се проширува со клавијатури, акустика и со електронски семплови. Општо, групата може да се дефинира како пост-рок, но не е грешка и ако се нарече безвокална медитација со јаки филмски мотиви.

Watter

Шумолењето почнува со маглата што се распостила по амбиенталното интро на Rustic Fog, меѓутоа, таа полека се раскинува на одделни облачиња – не се губи – со јасниот удар на добошот. Интеракцијата на овие две крајности, надградена со тонови од шест жици филтрирани низ педали, продолжува да билда состојба на сигурност до кусата Lord I Want More. Тука, Вангелис, современата класика и јужњачката реднек-акустика изгледаат како да го делат генетскиот материјал без разлика што се оддалечени како културолошкиот кратер меѓу Македонија и цела Скандинавија. До оваа точка, материјалот е измислен за седечки концерт, но втората половина од Small Business експлодира во риф којшто е соодветен да поттикне парчосување на тесните столчиња. Во Универзална сала, секако.

Во оваа точка се кристализира оти двојката од Луивил, која што на бина расте во трио, не е исклучиво кршлив ентитет којшто внимава да не згази на мравка туку во прашање е суштество и со лута, нервозна, страна кое нема намера сè да чува во себе. Како и повеќето гневни Американци, кантрито е тоа што најдобро ги разбира, па затоа Bloody Monday со него е темелно испреплетена. Потоа, на Seawater, составот со џиновски парчиња атмосфера крева кула што од својот врв емитува средноисточни мелодии, а под нив кодира напнат метал-риф кој врие до компресираното финале. Одјавата следува со This World, чија што игра меѓу пијаното, дрвената гитарска школка и нејзините пластични жици се заокружува во смирувачка, природна, прегратка. А да, на тапани е Брит Волфорд од Slint, на остатокот од симфонијата свири Зек Рајлс од Grails и заедно звучат спротивно од овој наш свет на неразбирање – како вода што тече од изворот до океанот.