Тихувај (и слушај без предрасуди)

кон албумот „Тихувај“ на Chalgia Sound System

Секогаш беше така: една работа спонтано водеше кон друга, барем кога зборуваме за групата со интересно име Chalgia Sound System. Затоа ќе ја започнам приказната од првите почетоци.

Прво, пред повеќе од дваесет години, скопската група String Forces го издаде својот прв албум (1998) со музика во која јасно се испреплетуваа најразлични влијанија, од прог до фанк до класика до рок до рап… и може уште многу да се набројува. Ова ги отсликуваше разновидните интереси и различните музички происходи на членовите на групата. На својот втор албум Изохронија (2002), групата недвосмислено нагласи друга компонента на својот карактеристичен звук – поврзаноста со македонскиот (и генерално, балканскиот) фолклор. Песната Каде бегаш беше пример за нивните амбиции: транслација на традиционалната урбана македонска музика во модерни рамки. Членовите на групата во наредниот период се посветија на изучување на чалгијата како специфичен стил на интепретација на староградски традиционални песни, со соодветниот класичен инструментариум: ут, канон, деф, виолина, дајре и други инструменти. Посебниот проект посветен на чалгиската музика е документиран на албумот Калдрма (2004). Како последица на сево ова, музиката на следниот албум на String forces наречен Silky Way/Свиленкаст пат (2006) може најпрецизно да се опише како електронска чалгија, илустрирано во темите како Јас сум ти, Ако никој не свири, Еден здив. Овој албум беше триумф на тој концепт, а по него групата заплови во други и различни води, одбирајќи го патот на константни стилски промени и истражувања што успешно го следи и ден денеска.
Оваа промена на стилот спонтано доведе до формирањето на Chalgia Sound System пред десетина години. Два члена на String forces, Дориан Јовановиќ (ут) и Александра Кузман (виолина), заедно со Добрила Грашеска (вокал), Бошко Мангаровски (канон) и Филип Крстевски (деф, тарабука и други удиралки) почнаа да настапуваат заедно, изведувајќи познати (и помалку познати) староградски македонски песни во традиционален чалгиски манир. Публиката воодушевено ги прифати карактеристичниот вокал на Добрила и страста и посветеноста со која групата им вдахна нов живот на класичните песни; со тек на времето, се создаде еден круг на фанови кои не пропуштаат ни еден од настапите на групата. Логично, на својот прв албум (2011) групата ги изведуваат традиционалните песни од својот концертен репертоар, како Ајде дали знаеш, паметиш, Милице и Дафино, вино црвено и други.
Затоа беше своевидно изненадување дека новиот албум, Тихувај, содржи исклучиво оригинална музика, напишана во духот на традиционалната чалгија. По едно преслушување на албумот станува јасно дека се работи за уште еден спонтан чекор во развојот на оваа група -би додал, многу одважен и значаен чекор. Излегувајќи од строгите рамки на класичниот чалгиски репертоар и инструментариум, а во исто време и од специфичниот звук што се поврзува со String forces, членовите на групата нудат нов, модерен звук, на места зачинет со гудачки квартет или со дискретни електронски интервенции и сообразена светла и смела продукција. Очекувано, гласот на Добрила е во прв план, а таа е автор и на сите текстови и на дел од музиката. Спојот на несекојдневна енергија на Добрила и на нејзината префинета емотивност обезбедува разнообразност во расположенијата присутни во песните – постојано поддржани од долгите инструментални пасажи. Бавните и елегични љубовни песни доминираат на албумот, но недостасувват и побрзи и подинамични теми. Во сите песни комплената група фукционира како швајцарски саат, со даден простор на секој инструменталист да даде свој придонес.
Музиката на овој албум е беспрекорно отсвирена и испеана. Досега Chalgia Sound System ги препознававме како чувари на традицијата, а сега имаат преземено уште една улога- да ја осовременат таа традиција и да ја приближат до сите оние што сакаат да слушнат без предрасуди. Им посакувам многу успех во таа благородна мисија!