Трето издание на „Today it's all about jazz“

30 април 2019 МКЦ 15:00

На 30 април во Младинскиот културен центар ќе се случи третото издание на веќе традиционалниот фестивал „Today it's all about jazz“.

Годинава, фестивалот кој е во организација на Здружението на џез-музичари на Македонија (ЗЏМ), ќе се случува во текот на целиот ден почнувајќи од 15 часот. На сите љубители на џезот и на добрата музика, ќе им биде понудена разновидна, атрактивна програма во која се вклучени настани и за најмладите, за нашата идна џез-публика.

Фестивалот ќе започне со работилница посветена на најмладите, односно за деца од 3 до 6 години, насловена како „Џез за деца!. Проектот подразбира мини работилници чии носители се истакнатите музичари и универзитетски професори: Кирил Кузманов – саксофон, Гордан Спасовски – клавир, Кирил Туфекчиевски – контрабас и Благоја Антовски – тапани и удирачки инструменти, кои преку забава, игра и песна, ќе им овозможат на најмладите најпрвин да се запознаат со музичките инструменти, а понатаму и со џез- музиката и нејзиното влијание врз останатите модерни жанрови.

Во рамките на фестивалот ќе биде одржана и работилница посветена на творештвото на врвниот американски композитор Max Roach (1924-2007), пионерот на бибапот и еден од најдобрите тапанари воопшто во историјата на џезот. Работилницата носи наслов Drum talk, а ќе ја води тапанарот и композиторот Дамјан Даневски. Во рамките на работилницата се вклучени изведби на стандардни џез-теми, заедно со Гордан Спасовски на пијано и Кирил Туфекчиевски на бас.

Како дел од програмата предвидена е и проекција на документарен филм, како и врачување на награда за посебен развој на џез-музиката во Македонија. Годинава, наградата ќе ја добие почитуваниот Илија Пејовски, композитор, аранжер, еден од пионерите на џез-музиката во Македонија.

Годинашното издание на „Today it’s all about jazz“ ќе го збогатат и концертите на студентите од Џез-катедрата на Факултетот за музичка уметност, како и на Биг-Бендот на ЗЏМ со извонредниот Џон Илија Апелгрен како вокален солист.

Во рамките на фестивалот, концерт ќе одржи и новиот квинтет Проект 5, во кој членуваат извонредните Иван Иванов – тенор саксофон, Армент Џафери – гитара, Џијан Емин – клавијатури / електроника, Оливер Јосифовски – контрабас и Гоце Стевковски – тапани, а ќе изведуваат дела на Емин и Џафери во нови аранжмани направени специјално за овој состав.

Концерти ќе имаат и фантастичните македонски џез-бендови – Parussion quartet во состав: Дамир Имери, клавијатури, Зоран Костадиновски, гитара, Мартин Јосифовски, бас и Михаил Парушев, тапани, потоа Bopers, како и Sethstat, кои ќе го промовираат нивниот деветти албум 9IX издаден за PMG Recordings.