Треба да бидеш подобар од локална конкуренција за да добиеш место на бината | Интервју со Марко Николовски ME.N.U.

 

Марко Николовски aka  ME.N.U. веќе 10 години живее во Амстердам. Последнава година негова песна беше издадена на една од најдобрите текхаус издавачки куќи 8Bit. Еден е од сопствениците на амстердамската промотерска организација Morgen AM, која може да се пофали дека веќе неколку години организира одлични журки и фестивали во Холандија. Оваа година пушташе и во легендарниот берлински клуб Watergate.. Пред петочниот настап во скопскиот Капан ан му поставивме пет брзи прашања.

A_V
Како е да си македонски DJ во Холандија?
Одлично е. Амстердам е еден од поголемите центри за електронска музика и различни културни настани. Има фантастични клубови со одличен звук и публика која е сон на секој DJ. Всушност, тоа е најдобриот дел од музичката сцена во Амстердам. Публиката што ја прати електронската музика тука е многу отворена за нови искуства, нова музика и пред сé квалитет. А фактот што сум Македонец во странска држава има свои добри и лоши страни. Прво, треба да ги убедиш дека не си криминалец хахаха. А потоа треба да бидеш подобар од огромната локална конкуренција за да добиеш место на бината наместо нив. Секој трет е DJ во Амстердам има братучед што организира журки. Затоа како Македонец морам да вложам многу повеќе труд за да, како прво бидам прифатен, а потоа и да добијам букинг.

Што според тебе е највозбудливо на холандската електронска сцена.
Фактот дека ги имаш перфектните услови за настап и можеш да се изразиш музички баш како сакаш. Поголемиот број од клубовите имаат супер звук и ако се наполни клубот… е тогаш за мене станува возбудливо. Тогаш сé зависи од DJ-от и каква музика ќе пушта. Секогаш пред настап имам трема сé до моментот додека не стиснам play и контролата е во мои раце. Кога ќе осетам дека целиот подиум игра на мојот ритам тогаш возбудата станува забава која секогаш прекратко трае.

Каде повеќе сакаш да работиш, во клубови или на фестивали?
Клубови дефинитивно. Звукот во клуб е многу подобар од фестивалскиот. Нивото на енергија и тензија која може да се постигне во клуб не е можно да ја постигнеш на фестивал.

Што е најлудо нешто што си направи во клуб?
“Генерално” не правам глупости додека пуштам музика. Но, пред 2 месеца го затворав Watergate Berlin и наместо 3 пуштав 6 саати. Звукот беше фантастичен, имаше интимна атмосфера со огромна енергија и кога заврши последната песна го добив најголемиот аплауз во мојот живот. Цели 15 минути. Првпат во мојот живот се качив на бина и се поклонив.

Твоите очекувања за петочниот настап во Капан Ан?
Конечно едно лесно прашање. До сега пуштав четири пати музика во Капан ан и секој пат беше преполно до затворање. Секој пат имаше одлична енергија и публика, не се сомневам дека овој пат ќе има разлика.