Un Tuned

Неколку години поминаа откако бев на  CTM фестивалот за последен пат. Првиот пат го посетив, воедно и настапував на фестивалот, кога беше во самиот зачеток, пред повеќе од 10 години. Тоа е фестивал кој диктира што е добро на електронската музичка сцена; фестивал кој истражува и открива што е следното големо нешто во доменот на современиот звук и уметност. Токму затоа поднасловот на фестивалот е: festival for adventurous music and art (фестивал за авантуристичка музика и уметност). По неколку години се вратив на фестивалот и се запрашав дали е сѐ исто, особено во време кога сцената во која CTM беше пионер, стана навистина популарна или подобро кажано, мејнстрим, а Берлин стана комплетен хајп. Дали фестивалот сѐ уште се лизга по острицата на музиката и уметноста, сѐ уште диктира што ќе стане популарно во текот на следните години и ги промовира надоаѓачките квалитети. Секоја година фестивалот се обраќа со различна тема, а ова 16-то издание го презема тематскиот чадорот ‘Un Tune’ како свој гравитациски центар, претставувајќи многу различни проекти поврзани со оваа тема.

 

UT

Програмата оваа година беше составена од повеќе подпрограми како отворачката изложба ‘Un Tune Exhibition’, серијата дневни предавања, разговори и презентации под името ‘Discourse’, ‘CTM 2015 Radio Lab’ проектот, MusicMakers Hacklab, инсталации, дополнителни средби (ICAS Speed Dating), презентации (SHAPE Meet & Greet), радио емитувања (CTM 2015 X RBMA Radio), конечно концертите и секако вечерните клупски забави околу кој беше концентрирана програмата.  До 2009 година фестивалот се одржуваше на една локација, клубот Maria, а по неговото условно затворање, сега веќе на повеќе клупски и концертни простори, галерии и сали, што само го отежна движењето и следењето на и онака преисполнетата програма. Сепак одличната организација и прецизното започнување на настаните беше соодветно темпирано за да настаните малку или воопшто не се поклопуваат.

И како програмата на CTM да не беше доволна, некаде кон средината на десетте дена интензивно шпартање по различните простори и силно впивање на CTM програмата, започна и Transmediale – Art and digital culture фестивалот, кој е фокусиран на теоријата и уметноста. CTM и Transmediale се практично два различни фестивали, едниот ориентиран кон звукот и музиката, а другиот кон уметноста и теоријата, но сепак условно споени како еден, а се одвиваат и во приближно исто време, зголемувајќи ја тежината и на концептот и програмата, но и на можностите да опфатите повеќе настани во текот на денот. Сепак тука сте за самиот фестивал, сепак сакате да опфатите што е можно повеќе настани. Не ве интересира само музичкиот дел или само концертите. Дури можеби многу поинтересни оваа година беа самите предавања отколку клупската понуда, но тоа можеби значи откажување од дневните предавањата во рамките на Transmediale фестивалот или пак од забавите во клубот Berghain кои траеа до рано наутро. Евентуален компромис не е можен, останува само да излезете рано наутро и да се вратите навистина доцна навечер, поточно рано наутро. Исцрпувачката програма колку што беше куриозитет, толку беше можеби и сериозен проблем и недостаток за ентузијастите.

Што се однесува музичкиот и програмскиот аспект, како и секоја година на едно место беа собрани најзначајните артисти, артисти кои нешто значат на сцената во моментов или оние кои наскоро треба да го доживеат својот подем. Различни по сензибилитет, по стил и звук, жанровски дијаметрално спротивни, во зависност од тоа дали се концептуални вечерни концерти во театарот HAU 1 или HAU 2, или се клупски концерти во Berghain, Panorama bar YAAM (бившата Maria), Astra или Urban Spree, сите настапи имаа да понудат различна перспектива на современиот електронски звук или A/V концепт. Сите се обидуваа да понудат нешто инвентивно, возбудливо и ново. Единствен проблем беше дали тоа денес воопшто може да се постигне? Во ова доба на хиперпродукција, кога е сѐ веќе видено и чуено, дали може некој да понуди нешто ново дотогаш невидено и доколку може, дали тоа нешто ќе биде доволно возбудливо да ми го задржи вниманието. По 16 години третирање на оваа сцена преку овој фестивал, каде поминале поголем дел од артистите на сцената што нешто значат, веќе не сум сосема сигурен и дали самата сцена има капацитет тоа да го понуди и не сум сосема сигурен дали развојот на музиката генерално оди во вистинската насока, или сѐ е само повторување на нешто веќе чуено, копирање на претходното или навраќање кон минатото. Во сето тоа мора да се додаде и хајп контекстот на градот каде сѐ ова се случува, и интензивираното меинстримизирање на сцената и културното милје воопшто, во услови на хиперквантитет, кога сите се уметници и кога одредувањето на квалитетот е сѐ потешко. Секако дел од настапите беа вистинско исчекување и уживање, но дел од нив беа само повторување на звук кој веќе сте го чуле, или нешто што веќе не е возбудливо во денешен контекст.

Настапите на The Bug (presents “Sirens”), Klara Lewis и Lawrence English беа можеби највозбудливи концертни настапи во експериментален контекст (иако албумите не се највозбудливото нешто кое би го слушнале денеска), додека концертите на Philipp Gorbachev & the Naked Man, Born in Flamez и Nisennemondai понудија свежина во пристапот и беа можеби најголемото изненадување. Секако во ова група мора да го додадеме и E.E.K. feat Islam Chipsy кој со својот концерт направи вистинско шоу. Аудио-визуелните концепти на Frank Bretschneider и Pierce Warnecke (“SINN + FORM”), Robin Fox и Atom TM (Double Vision) и посебно на Gert-Jan Prins и Martijn van Boven (Black Smoking Mirror) беа технички , аудио и визуелно најцелосните настапи, најинвентивни според пристапот и највозбудливи да се погледнат и чујат. Сепак се работи за ветерани на сцената чијашто досегашна работа и пионерски пристап претставувал подлога за она како музиката изгледа денес. Ulf Eriksson докажа како е да се биде ДиЏеј во 21-от век, како е да се има  стилска и техничка свежина, додека  младиот продуцент Palms Trax иако беше интересно да се види како напредува како млад талент, само го докажа правилото дека да се биде одличен продуцент не значи и да се биде и подготвен ДиЏеј. Во целата констелација имаше голем број настапи на артисти чиешто значење е добропознато во минатото, но навистина не знам што имаа тие да понудат денес, освен навраќање кон она со кое станале некаква вредност, па така концертите на JK Flesh, Alek Empire и Carter Tutti Void, иако делумно интересни, не сметам дека денес понудија нешто ново, иако сиве овие артисти ги поставиле темелите на она како изгледа музиката денес. Сепак премиерата на концертот на дваесет години стариот материјал на Empire ми беше сосема нејасна, иако за мене, како некој што го прател неговиот материјал и тогаш, беше само фина реминисценција. Голем дел од младите артисти кои настапија очигледно беа инспирирани од целата оваa сцена, но можеби само на ниво на мода. Многу беше очигледно дека  копираат некој веќепостоечки звук и дека ја поминале границата на инспирацијата, избегнувајќи ја средбата со инвентивноста, возбудливоста и својот автентичен пристап. Настапот на познатион Funкtion One саунд систем во Berghain, не го правеше нивниот настап возбудлив, туку само дополнително претенциозен.

Наспроти музичкиот аспект предавањата навистина имаа што да понудат. Можеби е сето тоа поради поместувањето на фокусот на мојот интерес воопшто, но сепак предавањата за Археоакустиката или за археологијата на звукот, за 4D технологијата, психоакустиката, археоплогијата на приватноста, ги доживеав крајно инспиративно и едукативно, за разлика од музиката која беше репетиција на нешто веќе доживеано. Па прашањето кое си го поставив е: дали сцената на нова музика се развива во вистинскиот правец или фестивалот третира аспекти кои веќе не ги доживувам како возбудливи. Можеби и двата аспекти на прашањето се валидни, иако веќе електронската музика денес се разгранува во толку правци што едноставно во сѐ можете да најдете нешто што ќе ги исполни вашите критериуми. Сепак останува фактот дека многу што е веќе постигнато на сцената на нова музика, многу што е исто така и надминато, и се согледува повторување и извесен умор во отсуство на свежината на почетоците кога овој звук беше нов и започнуваше да се гради една сосема нова сцена, со своја естетика и концепт.

Истото може да се каже и за Transmediale фестивалот, кој оваа година се одвиваше под девизата Capture All. Гломазен настан кој за среќа се одвиваше на една локација, но со страшно набиена агенда на предавања, дискусии, дебати, проекции, изложби, каде големи имиња од теоријата и уметници ги изложуваа своите дела од областа на дигиталната уметност или ги држеа своите предавања од областа на трите подтеми кои оваа година ги одредуваа насоките – work, play и life. Говорниците од типот на ѕвездите McKenzie Wark или Bruce Sterling, Jussi Parikka или надоаѓачките имиња како Georgios Papadopoulos, меѓу другите, се обидуваа да погледнат во тоа како секој од овие одредени области се трансформира, претставувајќи нераскинливи компоненти на забрзаниот капитализам, воедно се обидуваа во целата таа логика да проценат дали во тие услови се сепак можни нови форми на живот. Сето тоа е во ред, се теоретизира и сите сме свесни за решенијата и излезот од курентната состојба, но од позиција на удобната фотелја на академизмот. Сепак, Transmediale има доста повеќе простор за маневрирање. Уметноста има повеќе простор за манипулација, комбинации, а поткрепена со теоријата има бесконечно можности за разгранување третирајќи ги проблематиките на современото доба. Наше е само дали ќе ги примениме решенијата за кој дискутираме.

8

Конечно, ова не е само место за забава. Фестивалот е место и каде се запознаваат нови артисти, место каде тие можат да се претстават, каде оние кои не настапуваат имаат прилика да се запознаат со координаторите на големите европски фестивали, каде можат да се вмрежат, да ја понудат својата музика. Ова е еден голем саем кој ја слави музиката, каде се продава и купува, каде уметноста е доведена скоро на ниво на бизнис.

За крај, повторно да го опсервираме прашањето кое се провлекува низ овој осврт. Дали сме во период на една голема културна криза, deadend кој изискува промена на културната парадигмата која ќе не изнесе од орбитата на репетитивно навраќање кон минатите вредности. Нови текови кои ќе ја донесат свежината на иновацијата, наместо на критиката на постојното. Дали нѐ очекува нов почеток? Кризата на постојното како да најавува нешто. Засега, сѐ уште на ниво на критика, но со предвкус на нешто сосема ново.