Bijelo Dugme

Uspavanka za Radmilu M.

Горан Бреговиќ е една од оние екс-ју фигури кои од секогаш придонесувале за зголемено чувство на гадење кога неговата музика била во моја близина. Роден сум 1978 година, време во кое ју критиката веќе го има измислено терминот аграр / чобан рок за да ја опише музиката на Бијело Дугме. Пуно хипи инспириран хард рок со 3 – 4 лопати рефрени инспириран од фолк наследството, зачинето со крајно дегутантен имиџ: голи мушки од појасот нагоре, а на долниот дел од телото плав џинс. Во времето пак кога е сниман Успаванка… сум имал само 5 години и сеуште не сум бил свесен за животот, вселената и се останато. Првата свесна средба со Брега беше со мегахитот Хајдемо у планине…. Воопшто не бев импресиониран. Нити пак со неговата соло кариера од деведесеттите, ниту со тоа што следеше. Брега = анкул.
Пред пар години налетав на Косовска и бев обземен од нејзината современост: цврст ритам, бас кој е во функција на грувот и воопшто не остава рамнодушен. Потоа следеше рефренот ко од некоја албанска фолк песна – печатот на Дугме, нешто што тогаш не го разбирав доволно јасно. Не како денес. Го спуштив целиот албум, го преслушав, но повторно не се снајдов најдобро.

Bijelo_Dugme_studio

По интензивното слушање на одредени песни од творештвото на Дугме (виновник Мирко Попов) колегите од работа за роденден ми одбраа пар плочи, меѓу нив и Успаванка…, плоча што непрекинато ја слушам во последниве пар недели.
Отвора со Polubauk polukruži poluevropom, песна во која јасно се даваат музичките насоки: има хард рок, но има и обиди за приближување кон њувејв стилот. Овде би морал да го споменам неспорниот талент на Брегa, музичар кој доколку израснал во друга средина, опкружен со друга музика неговите крајни продукти веројатно би биле неколкупати поинтересни. Drugovi i drugarice е опасна композиција во секој поглед: мал увид во општеството кое се распаѓа, а ретко кој е свесен за тоа: drugarice mamice, a gde sum vam erkice / eno ih po haustorima, ljube se za mangupima / al izlaz ima do devet…/…../ne brini kad dođe u devet, biče več pet minuta trudna /…/ tatice mladiči, gdje sum vam sinčići / tatine junačine, smotale džointčine / al izlaz ima do deset…/ ne brini, u pet do deset več je tu / uozbiljio se, od večeras je na fiksu/…
Следи Косовска, првата рокенрол песна на албански јазик, напишана и снимена во Скопје (ко автори Зија Бериша, Агрон Бериша и Шпенд Ахмети), факт што само го зацврстува Скопје како еден од главните културни центри на албанците кога зборуваме за нивната национална култура низ вековите… Опасна рокенрол композиција, фантастичен мрдни-го-газот ритам, нешто што доколку !!! го отсвират денес, сите ние ќе бидеме презадоволни. У време отказаних летова веројатно е мојата омилена песна на оваа плоча. Класичен југословенски рок од осумдесетите, на моменти блиску до Боа, на моменти блиску на Катарина II, на моменти блиску на Брена… Некој спомна носталгија? Мх.
Од Б страната почнуваме со Ако можеш, заборави класика на Дугме толку многу присутна на радио станиците и денес. Во основа силна љубовна песна со еден стих кој целосно ме освојува: evo porodi me, kako srna na snijegu / i zaboravi, ako možeš.
Стигнавме до Ovaj ples dame biraju, една од моите омилени во целокупното творештво на бендот, песнса без трунка народна музика у неа, laid back атмосфера, заразна бас линија отсвирена на контра бас и како никогаш досега опуштена боја на гласот на Бебек. Ник Кејв и Том Вејтс би ја продале душата оваа песна да е на некој нивни албум. По Не плачи, песна која целосно не ме интересира, албумот го затвора насловната Успаванка… единствениот интрументал во творештвото на Дугме, одлична композиција, што се почесто ја слушам така сум посигурен дека ова парче музика е врежано длабоко во мојата потсвест од времето на детсвото исполнето со програмите на радио Скопје. На оваа песна свират и Влатко Стефановски и Баже Моротов.
Не знам дали споменав, албумот е сниман во Скопје, во јануари 1983 година. На плочата има ко никогаш порано концизен special thaks: хвала Скопљу на гостопримству. Во име на Скопје: за вакви песни, во секое време.