Utah Jazz

Portfolio LP

После стандардната пауза од две години, Luke Wilson или повеќе познат под името Utah Jazz ни го претставува неговиот четврт долгосвиречки проект наречен Portfolio. Албумот содржи 14 траки спакувани во целина која го има неговиот докажан продуцентски потпис.

Подправецот во drum & bass музиката кој критиката пред нешто повеќе од една деценија го брендираше како “течен фанк” последниве години ја губи битката со подлабокиот звук на истата. Тоа се приметува и во поновата продукција на Utah Jazz. Ако порано неговите траки беа ставани во ист кош со останатите продуценти кои правеа “помек” но сепак адекватен drum & bass за на подиум, со овој проект тој ни ја покажува неговата подлабока страна која веќе не припаѓа на старото место.

Во првата половина од албумот превладуваат атмосферии длабоки басови, во кои не е тешко да се пронајде влијание од звукот на групата Blu Mar Ten. Тоа особено важи за емотивната “Live your life” со која Luke ни покажува дека сеуште знае да изненади со нови идеи и звуци. “Clarity of thought” е една од оние траки кои што звучат како да се есенцијални за еден сет на LTJ Bukem. Пет минути и четириесет секунди од кристално чист звук со возечка бас линија. Репетитивно но сепак интересно.

Utah Jazz (fabriclondon.com)

Втората половина од албумот го држи down tempo звукот. Главното изненадување претставува траката “M.A.M” која речиси нема значајна ритмичка позадина но надоместува со емоциите кои ги содржи во изобилство.

Траката која го затвара албумот е “Love everlasting”. Атмосферичен брејкбит со бас фрекфенција под 50 херци. Повторно се забележува влијание од Blu Mar Ten, поточно од нивната “Any time soon”.

Како целина, Portfolio остава впечаток за досега најсозреан звук на Utah Jazz. Албумот претставува квалитетно слушање кое ретко ке се случи надвор од звучниците за домашна употреба.Според глобално растечкиот број на drum & bass нумери кои се наменети стриктно за подиумска употреба, тоа и не е така лошо.