Ете така некако со половично ликовни термини би се формулирал слоевитиот концепт на режисерот кој, зачудувачки се подигрува со сè, токму со сè она што се случува како дејствие, како драматуршка предлошка, како лингвална и карактерна партитура. Овој начин на промислување се однесува кон приказната како негатив кон фотографијата – има приказна и ликови, но таа е затемнета и прошверцувана во новото прераскажување, новото „поимање“, но и новото доживување пред сè на ликот на грбавиот и куц владетел кој зад себе остава море крв. Нуњез целата гарнитура ја доживува како циркуски клан, група на ликови кои имаат историска позиционираност per excellence, но со еклатантна дистописка отуѓеност. Глостер е онака како што го нарекла и неговата мајка, Војвотката од Јорк: „смрдливо, искривено свинче“, чудна појава која зрачи со одбивност, но на која грбата и кривењето и е потполно ирелевантно најмногу заради глобалниот контекст на тој „зомби“ стил. Една од најинтересните сцени е заведувањето на Леди Ана (Лиза Хејгмастер) каде тој, Глостер (Јорг Пол) прави еден микро суицидален перформанс надоврзувајќи се на клетвите на дамата која само што го закопува својот сопруг, жртва на неговите комбинаторики. Се чини дека во оваа сцена се зарекува тој „зомби“ стил каде нејзиниот сопруг за момент ја подигнува главата и се зачудува на она што го гледа, а тоа е гротескното заведување на неговиот убиец. Од оваа сцена започнува целата таа сатирична грозничавост која ја прави оваа претстава совршено оригинална отворајќи нови димензии, или можеби се уште непрочитани значења на оваа трагедија.
„Ричард Трети„ и „Дон Џовани“, се еден вид на театарско откровение кое ја распукува самата сцена по нејзините шевови и низ бездните во кои пропаѓаат сите ликови се насетуваат сенки чија карактеризација станува прашање на определеност: ќе продолжиме ли да веруваме на површноста или конечно ќе направиме напор да прочитаме меѓу редовите. Филозофијата на Нуњез е кондензат од констатации прочитани меѓу редовите на репликите, на отфрлање на канонизациите, на премолчано прифаќање на делови од карактерите кои не сме ги виделе во други инсценации, но таа самата по себе е и уметнички амалгам кој (повторно со ликовен израз) би го нарекле „театарска графика“ – создадена од сенки налик на скици.
И, она што е најважно, овие две театарски претстави (како и другите претпоставувам) на Анту Ромеро Нуњез носат црна порака која не сакаме да ја отвориме за да ја прочитаме, но сепак ќе мораме. Тоа е пораката дека светот е непоправлив колку и да му се нуди можност да научи од своите искуства. „Ричард Трети“ е и како драматургија пример за тоа. Нуњез не го отфрлува првиот монолог на Глостер каде самиот се опишува пренесувајќи ја токму таа констатација на големиот Вилијам Шекспир дека и овој злосторник не е првиот, а нема да биде ни последниот. Нуњез, низ своите црни гротескни пораки го ослободува јадрото на цивилизациската вистина која не е воопшто пријатна и го наведува гледачот да гледа во неа како да гледа директно во сонцето – со замижани очи. Затоа и ја споменав фатвата на почетокот. Судбината никогаш не е розова, таа е црна, непријатна и горчлива, тоа се „анархоидните“ констатации на овој исклучителен театарски уметник.