Vermilion Deviate - промоција на винил

28 март 2019 Кино Фросина МКЦ

27 години по неговото оригинално создавање, овој исклучително значаен музички артефакт од автохтоното скопско подземје ќе биде промовиран на 7-инчен винил во лимитиран тираж од 40 примероци.

Vermilion Deviate 7” е уште еден бисер од архивите чиешто изнесување на виделина ја потврдува македонската инвентивност, често засенета од подобро промовираните погони на субкултурните звучни експерименти од бивша Југославија. Двете песни се ударни, химни кои го пренесуваат духот на пост-панк и готикот од 80-тите во сочниот максимализам на раните 90-ти. „Криза“ е бавен 7- минутен манифест, исполнет со глацијално чувство на пропаст – нихилистичкиот вокал на Златко Трајковски потсетува на раните Borghesia, додека чувствителниот, прониклив глас на Нора ја отелотворува песната. “The Vision is Lost” започнува со Bauhaus-овски галоп, извртен бас и врескачки гитари, а завршува со епски дует од семплувани гласови и нервозни тапани.
„Но најзачудувачки кај овие песни е колку отворено политички делуваат денес, текстуално и во изведбата – користејќи го мистицизмот, интелегенцијата, неспокојот, па дури и елеганцијата како повик за промена. Тешко е да се заклучи што точно Vermilion Deviate имале на ум, но според видео снимките ископани по повод ова издание – опојна низа од голи насликани гради, пригушени лила светла, опожарени предмети и верски икони испроектирани на пластични церади – заслужуваат да бидат сфатени сериозно.“ (Флора Питроло, ACC Records).

За отворање на промоцијата во Кино Фросина ќе биде прикажана селекција на архивски видео материјали кои го документираат постоењето на Vermilion Deviate во неколку различни инкарнации.

Плочата е заедничко издание на Fuck Yoga Records и 5060.