Vermont

Vermont

Дека им го имам меракот на еден куп „артисти„ што издаваат за Kompakt, тоа е точно, па оттаму лесно се фати во радарот и новото име Vermont. Kompakt како издавачка и дистрибуцијска куќа е ин-сти-ту-ција во глобални рамки уште од 1993, кога функционирше само како Delirium, плочара во Келн, Германија. Подоцна, во 1998, се преименува во името што го носи и денес. Околу неа и петнаестетте подиздавачки куќи се собирале и се собираат авторите што го негуваат локалниот, минимал звук. Во последните 15+ години за Kompakt  издавале: сопствениците (Wolfgang Voigt, Michael Mayer и Jürgen Paape), The Orb (да, The Orb),  SCSI-9, Superpitcher, Justus Köhncke, The Modernist, Mike Ink, Closer Music, DJ Koze, Rex the Dog, Pet Shop Boys, (да, Pet Shop Boys)… Ако некогаш има учебници по техно, Kompakt сигурно ќе ги има внатре.

vermont_k

Vermont, името на проектот и албумот е име и на држава во областа Нова Англија во САД, каде амбиентот е совршен – пошумени планини, една преку друга. А двајцата дечки од проектот (Danilo Plessow, како продуцент попознат и како Motor City Drum Ensemble и Marcus Worgull, исто така house продуцент, но и прилично активен и како диџеј) што баш не ми е јасно како успеале да се спојат, се мајстори на мутации на хаусот што се практицира во овој дел на Европа. Ако си замислиш дека знаеш да собираш баби и жаби, резултатот на равенката најверојатно ке ти искочи „амбиенална музика„.

Легендата вика дека двајцата се запознале некаде (непознато), се договориле за еден подолг џем-сешн од кој подоцна во студио произлегол албумот со 14 амбиентални траки. Е сега, кога во горната формула ќе ги додадеме и гостите од Krautrock сцената, збунката е поголема. Ама за среќа, музиката не е. Резултатот е фина, препознатлива, амбиентална и претежно електроника во која неелектронските  инструменти ги дополнуваат Dominik Von Senger, кој  гостува како гитарист на траките Sharav, Cocos и Montag, заедно со тапанарот на Can – Jaki Liebezeit, кој гостува на Cocos и Machina.

Сите траки гарантирано го ставаат слушателот на пониска фреквенција на работата на мозокот. Иако можеби потсеќаат на голем број преслушани чил-аут компилации, звукот на Vermont, има неколку жички што го прават препознатлив. На албумот бр. 1 е Sharav (лаганини по цело тело), а за издвојување се и Übersprung и Rückzug, Dynamik (цело време едвај чекаш да удри кик, ама нема :P) Elektron и Lithium (опасни „космише„ траки), како и Ebbe. Името си зборува ;).

Ако им тргне на Kompakt со албумов и воопшто со електроника која не е за на денсфлор, Vermont сигурно ќе испровоцира и други продуценти што мислат дека може и подобро.