Вирусов не знае со кого си фатил работа

Bernays propaganda 2020 турнеја извештај: @ Минхен, Марибор, Крањ, Нови Сад

Иако прописно нè исплашија вестите за некој вирус кој го напаѓа човештвото, 800 км од Гент до Минхен воопшто меѓу нас не предизвикаа двојба за движење накај југ. Станавме со изгревањето на сонцето а тргнавме точно во 7 сабајле затоа што нè очекуваше долг пат, сигурно едно 10 саати вожња. По пат повеќе полиција од очекуваното. Нè стопираа на излезот од Белгија, на излезот и влезот од Луксембург и на влезот во Германија. Ни ги соопштија безбедносните мерки и ни посакаа среќа. Слушнавме дека вирусот не сака топло, па си викаме во цела мука дека можеби ќе нè спаси сонцето кое еве го нè грее и осветлува по цел пат. Тоа е нашата среќа!

Се тркалавме по автопатот како изгубени Германци, и тоа тивки изгубени Германци. Ете, патувам со музикава низ светот едно дваесетина години, сум видел све и свашта ама ваква тишина единствено на гробишта и кај нас у кола. Секој од нас пробуваше да ја разбие ама ајде разбиј невидлив непријател. Стигнуваме во Import Export во рекорден рок од неполни 8 саати затоа што возевме како луди со само 2 застанувања за бензин. И таму приметуваме дека луѓето се претпазливи, значи работава со вирусов не е заебанција. Поради претпазливост наместо да настапиме внатре во клубот настапивме на отворен простор, своевиден паркинг ограден со ѕид. Па, ако мене ме прашувате… поубаво. Се договоривме да настапиме порано (околу 19:00) затоа што поради ситуацијава нe се очекуваат многу луѓе. Сепак, отсвиревме емотивен концерт пред нешто повеќе од 100 луѓе од кои едно 80 беа од Македонија, Босна, Србија, Хрватска… Ова беше еден од подолгите настапи во нашата историја… речиси 2 саати. Ни помогна свирењево. Нè направи посилни. И покрај сè луѓето избегнуваа поблизок контакт така да играа со безбедна дистанца помеѓу себе и си отидоа дома веднаш после настапот. Ние утепани од долгиот пат и концерт си легнавме нешто пред 22:00 а се разбудивме дури другиот ден во 9 сабајле. Денес немаме концерт ама имаме страв во коски така да шетањето по Минхен (кој го прошпартавме поштено) и покрај убавото време беше така-така.

Денес свириме во Марибор, 500 км до таму. Повторно тргнуваме рано, со петлите. Сепак, овојпат го поминуваме полека, се влечеме како полжави кои во секој момент можат да бидат заразени или да заразат некого. По пат истата приказна. Нè стопираат џандари на излез од Германија, на влез и излез од Австрија и на влез во Словенија. Да, да… знаеме. Опасност од вирус, безбедна дистанца, хигиена, маски, ракавици… Сепак нема забрани, сега за сега само препораки иако се поизвесно е дека и забраните наскоро ќе стапат на сила. Стигнуваме во Пекарна во Марибор, место полно со наши драги пријатели и таму истата приказна. Наместо внатре свириме надвор… ако мене ме прашувате среќа во несреќа. Има нешто убаво кога небото е над тебе а луѓето пред тебе. Сепак атмосферата не беше толку лоша имајќи ги во обзир условите. Не зборувам за атмосферата на концертот, туку помеѓу нас. Почнавме да се смееме што е секогаш добар знак.

Во Крањ истата приказна, свириме пред TrainStation SubArt наместо внатре. Исплашени сме ама насмеани. Се поздравуваме само со поглед со сите присутни и бегаме накај југ. Хрватска ја возиме ро рекорден рок. Нè гледаат џандарите дека возиме 140-150 и никој не мрда… си викам, да беше сè во нормала ќе платевме казна а вака можеме да платиме со животот. Стигнуваме во Crna kuća во Нови Сад која слави 13 годишен јубилеј и погодете каде свириме? Па, секако во дворот наместо во клубот. Ебате вирусот, не може да се загрнеш со човек, не можеш да му честиташ. Не ни спиеме во Нови Сад (иако планот беше поинаков) ајде, погодете зошто? 🙁 Абе каков замор, какви 500+ километри… спасуваме кожата, бегаме од невидлив непријател, се бориме со невидлив непријател, сакаме да станеме невидливи за него. Стигаме на српско-македонска граница а џандарите кои пред 20тина дена беа еден до друг сега и баш не се. Секој својот есап, секој во својот двор. Пасош?? Абе бегај таму будало. Иди дома и ќути. Добрите вести се што сепак успеавме да се вратиме во наша Македонија и наше Скопје и веќе не сме усрани и не бегаме. Спремни сме за борба! Остануваме дома и се бориме. Ќе преживееме!!! Тоа ти е втора младост, трета светска војна голем нечовечен брату и невидлив непријателу!!! Еве ме дома и си мислам: Вирусов не знае со кого си фатил работа… ќе изгуби 100%!!! Како и тие нечовечки креатури кои го пуштија. А ние луѓето знаеме дека не постои смрт, постои само промена на светови!!!