Grimes

Visions

Тазе електронски звуци доаѓаат од Канада и како епидемија, клик по клик се шират по интернетот и преку блоговите ги освојуваат друштвените мрежи. Пионер на новиот правец е Канаѓанецот со етиописко потекло познат како Д Викенд кој компонира во студентскиот дом и музиката ја нуди бесплатно на својот сајт. Во негово друштво се уште неколку артисти од Монтреал и од Ванкувер од каде пак доаѓа и младата, 23 годишната Клер Буше. Таа во светот на музиката стана позната откако потпиша за легендарната издавачка куќа Фор Еј-Ди под псевдонимот Грајмс.

Различни критичари поинаку го опишуваат овој звук и ако за некои новата генерација музицира андерграунд ар-ен-би, за други станува збор за правец сличен на електропоп музиката од осудесетите, додека умешните со зборови му даваат имиња како вич-хаус или хорор-хаус (мрачна или хаус музика за вештерки). И верувајте сите се во право!

Клер Буше (Грајмс) е интересна и по самиот имиџ – нејзиниот начин на живот и изгледот може да се споредат само со она што ни го приредуваше Бјорк во деведесетите. Оваа девојка што често експериментира со бојата на косата, чудната облека и со екстремната шминка се прослави по едно невообичаено патешествие. Таа и нејзиниот дечко пред три години крстареа по реката Мисисипи изолирани на бротче на кое покрај музиката имале уште нешто малку храна, десетина кокошки и машина за пишување.

Авантурата инспирирана од „Хаклбери Фин“ на Марк Твен не го доживеала крајот оти имале проблем со речната полиција и со моторот на пловилото. Клер Буше својот стил на живот го проектира и во музиката која доби одлични критики од релевантните магазини. И ако нејзиното пеење го споредуват со Енја, авторката на „Orinoco Flow“ – звуците што доаѓаат од албумот „Visions“ се инспирарани од еден широк спектар во кој спаѓаат и авангардната електро-сцена во Англија, МТВ поп-музиката од осудесетите и генијалците како Принс.

grimes2012

Класичен пример за овој необичен спој е песната „Vowels = Space And Time“ која звучи како Апекс Твин кога би компонирал за детската музичка серија „Кидс инкорпорејтед“, кај нас зната како „Рокенрол кидс“. Вистински хит во овааа збирка на песни дефинитивно е парчето „Oblivion“ за кој Клер Буше или потточно „Грајмс“ сними и помалку чуден видеоспот. Самата Буше го опишува својот опус со терминот пост-интернет.

И ако нејзините фанови не можат да си доловат што би требало да значи овој термин тука е „Грајмс“ да објасни се има врска со нејзиниот отпор кон интернетот.
„Сите што ги познавам висат над проклетиот мобилен и на интернет. Немам телефон и затоа имам песна која зборува како е да се биде жив во вистинскиот свет“, вели „Грајмс“ за песната „Be A Body“ со која го промовира својот пост-интернет правец во уметноста.

Слушателите што истражуваат во музиката ќе уживаат во овој албум, додека останатите, оние со мрзливо уво треба внимаваат на идниот материјал што ќе го потпише девојката која се прослави како ди-џеј во најпознатиот клуб во Монтрел.
Тоа е всушност напуштената фабрика во која на околу 4.000 кавадратни метри се изразувале младите уметници од Канада кои дошле да учат во Монтреал ама не им било баш многу гајле за оценките.

Веројатно и оттаму поттекнува и хорор амбиентот во музиката на „Грајмс“ кој се отсликува и на насловните фотографии од нејзините албуми. Мртовечката глава на каверот асоцира дека под кутијата има це-де на некој дед-метал бенд, а не на симпатична 23 годишна Канаѓанка.

 

Владо Апостолов
Дневен Фокус, 6. април 2012