Во сеќавање на Spaceape

Spaceape

Stephen Samuel Gordon (1969 – 2014) познат под псевдонимите Spaceape и Daddy Gee е еден од најталентираните текстописци, поекти и вокалисти во историјата на електронската музика.
Во 2004 ја започнува својата кариера во тандем со пријателот и чест соработник Steve Goodman (Kode9) и набрзо се етаблира како препознатливиот вокал на многу од раните Hyperdub изданија и пионер на даб ривајвлот и дабстеп движењето кое во тие години полека го овојува британското електронско подземје. Набрзо следуваат соработки и со голем број на артисти од континенталната техно сцена (Redshape, Martyn, Echologist..), а настапите како вокалист и MC на Kode9 во периодот после издавањето на нивниот втор заеднички албум (Black Sun, Hyperdub 2011) само придонесуваат за јакнењето на репутација на Spaceape како фантастичен поет-импровизатор.

Во 2012 го издава (како бесплатен дигитален пакет) соло мини-албумот Xorcism, на кој за првпат зборува за својата долгогодишна битка со разни форми на рак, а за последен пат се појавува на EP изданието “Killing Season” во соработка со Kode9, кое официјално влегува во продажба неколку недели после неговата смрт на 02 октомври 2014.

Ретко кој вокалист успеал за толку кратка кариера да остави печат на неколку различни музички жанрови, без менување на својот препознатлив вуду-растафаријански стил, а со оглед на безвременската популарност на голем дел од песните каде гостува, неговите зборови ќе продолжат да одекнуваат со децении низ клубовите ширум светот, а засекогаш ќе остане запамтен како клучна фигура во подемот на дабстепот и бас-музиката.