Време е за сите да застанат против сексизмот кој е насекаде околу нас

интервју со Mavi Phoenix

Дваесет и две годишната Мави Феникс која живее во Виена, а потекнува од Линц, Австрија, покажува дека со вистински талент уметникот може да стекне интернационална слава без разлика на тоа од каде доаѓа. Нејзината музика го има привлечено вниманието на неколку светски познати брендови или авторитети во музиката (како i-D, Nylon, Pitchfork, The Line of BestFit, The Fader и COLORS) кои веќе ја имаат повикано да настапува. Лани Мави Феникс имаше настапи на неколку големи европски фестивали, вклучително и на The Great Escape и Primavera Sound (во Барселона и Порто).

Mavi Phoenix настапува вечер во живо на фестивалот Прво па женско. По повод нејзиниот настап, ве запознаваме со оваа талентирана музичарка преку неколку прашања за нејзиниот звук, инспирација и женски влијанија.

Почна да пееш и да рапуваш на твои 11 години. Кои теми те инспирираа тогаш и дали знаеше дека сакаш да се занимаваш со музика и понатаму?
Мислам дека нагонот во мене да правам музика потекнува од 2 фактори. Прво, мојата љубов кон музиката. Јас едноставно стварно обожавам музика :). Второ, со оглед на тоа што сум од мал град во Австрија, ми се чинеше дека уметноста би можела да ми помогне да бидам себеси. Додека растев се чувствував чудно и различно од другите, па правење музика беше мојата шанса да избегам од “нормалниот” живот.

Да скокнеме до денес, во моментов си ѕвезда во подем, опишана како Lo-Fi поп хероина од страна на Fader. Бидејќи ја пишуваш сопствената музика, кои се темите кои те мотивираат денес?
Кога пишувам, јас сум многу слободна. Имам многу незавршени мисли кои некако се спојуваат и создаваат контекст кога пишувам песна. Одненадеж, две мисли кои јас никогаш не би ги поврзала прават совршена смисла во една песна. Тешко е и блатантно да се каже што сум и за што пишувам. Пишувам и за сè и за ништо.

Која е приказната зад твоето уметничко име? Што значи Феникс во твојата уметност и живот?
Прочитав нешто за River Phoenix и мислев дека неговото име и уште поважно, неговата приказна е многу интересна. Тој беше помал брат на Joaquin Phoenixи почина на многу рана возраст.

А што е со името на твојот албум Young Prophet? Дали на некој начин се чувствуваш како глас на твојата генерација?
Сакав нешто што прозвучува дрско и јако. Да ги натерам луѓето да сфатат I didn’t come here to play.

Кои женски уметници се релевантни за развојот на твојот звук и дали генерално се чувствуваш дека поголемото присуство на женски рап уметници денес ја менуваат рап-сцената генерално?
Растејќи, бев голем обожавател на Нели Фуртадо и Гвен Стефани. Бритни Спирс, исто така. Денес имаме нови рапери кои се појавуваат ми се чини секој проклет ден. Со тоа и многу раперки, што за мене е позитивно. Тотално е освежувачки за да се слушне перспективата на жените повеќе. Сите ги знаеме мислите и чувствата на машките рапери, така? Но, што е со жените? Што имаат да кажат? Јас сум очигледно тука за тоа.

И на крај, бидејќи ќе настапиш во склоп на феминистичкиот фестивал Прво па женско, што значи феминизам за тебе и дали феминистичките вредности некако влијаат на твојата музика?
Многу е важно што феминистичката кауза станува сè попопуларна. Чест ми е да гостувам на феминистички фестивали како овој и да можам да зборувам за овие прашања во интервјуа. Искрено, многу е тешко да се одговори на вакво прашање во онлјан интервју. Но, да, се обидувам да им дозволам на моите ставови да светат низ секоја песна, секое интервју и воопшто секоја мала работа што ја правам. Време е за сите да застанат против сексизмот кој е насекаде околу нас. Тоа е тоа.

Калиа Димитрова meduza.mk