Magnus

Where Neon Goes To Die

Том Барман е мојот прв вистински идол. Ја имав таа среќа да налетам на неговиот прв албум во времето кога вистински се заинтересирав за музиката а мојот вкус веќе беше колку толку изграден. Годината е 1994, бендот dEUS, албумот Worst Case Scenario. Од тогаш се поминати веќе 20 години, јубилејот ќе биде и прикладно одбележан со greatest hits плоча и пар концерти наоколу. Но, предмет на нашето интересирање денес е Magnus, бендот оформен со CJ Bolland, кој пред десет години истрча на сцената со The Body Gave You Everething – брутално квалитетна денс плоча која што го покажа творештвото на Барман во сосема поинакво светло.

magnus-tom-barman-en-cj-bolland

На 1ви септември оваа година офцијално се појавува и вториот албум на Magnus, бомбастично најавен со скопскиот андерграунд мегахит Singing Man со Том Смит од Editors задолжен за рефрените.
Повторно имаме современа денс плоча, токму онаму каде што застанаа пред десет години. Она што се разликува се многуте гости кои со своите вокали придонесуваат за разноликоста на овој албум. Getting Ready е песната која што на прво слушање отскокнува: прекрасна емотивна композиција, направена заедно со David Eugene Edwards, во која што ќе слушнете некои фантастични мелодиски решенија (длабок арпеџиетор бас пропратен со нежна линија отсвирена на кларинет која потоа преминува во оркестрација). Trouble on a par (направена со Mina Tindle) е класична Барман поп композиција со тоа што овде пристапот е сосема поинаков па крајниот резултат е нешто на пола пат меѓу Zoot Woman, Electronic и Pet Shop Boys. Future Postponed е веројатно следниот хит од оваа плоча: цврста, мрачна композиција; масивен ритам и бас; силно оружје во рацете на било кој егзотичен диџеј. Следи уште една класична Барман композиција, Catlike, овој пат зачинета со хип-хоп (за жал, не е наведено кој е MC – дечкото има флоу и држи тек…). Regulate е следниот диџеј tool од оваа плоча: тука приказната е едноставна, се што треба да направите е да ја умиксате оваа песна, ќе ве обожаваат. Everybody Loves Repetition е колаборација со Salah Sue, потсетува на најдобрите моменти на Moloko, но сепак, тука има две – три лажици шеќер поише отколку што јас сакам. Албумот го затвора насловната Death Of Neon, епска и мрачна ко за крај на било кој даден албум на Том Барман.
Во меѓувреме Mаgnus се и концертно активни, првите концерти беа летово, есенва е вашата шанса да ги погледнете во живо. Препорачувам.