За лебедовата песна на J Dilla на 33 1/3 страници

Еден албум – една книга. Накратко, тоа е популарната едиција 33 1/3 – серија на кратки книги за музички албуми, од James Brown до Beastie Boys. Од своите почетоци во септември 2003 година, па до денес, во рамките на оваа серија се објавени преку 100 книги, а едно од нивните изданија во 2014 година беше и книгата “Donuts” во која Jordan Ferguson пишува за најдобриот албум на легендарниот James “J Dilla” Yancey.

Како J Dilla ќе го смени поимањето на битот со делото кое го направи за време на неговиот престој во болница, користејќи само лаптоп и купче плочи кои ги познавал “од внатре и од надвор” а кое беше објавено на само три дена пред неговата смрт? Дали Donuts е последното љубовно писмо кое Jay Dee го остава за своите најблиски? Како успеал во Lightworks во неполни две минути да спои класична, комерцијална и андерграунд музика? Дали можеби J Dilla знаел дека Dounts е неговата лебедова песна? За сé ова можете да прочитате во книгата на Jordan Ferguson за која James Griffin во Bonafide Magazine ќе напише: “Интелигентна книга која содржи преглед на архивски документи и дава увид во современиците на Dilla, со цел да го истражи неговиот пристап кон продукцијата, неговата врска со жанрот, љубовта за плочи, и како Donuts може да се гледа и како парче музика наштимано според влошеното здравје на авторот. Проникливо и емотивно четиво.”

Од првото поглавје на оваа книга, каде ни посакува добредојде во шоуто, па сé до последното каде ни кажува збогум, Ferguson пишува за контрадикторната, темпераментната и конфронтирачката страна на Donuts, за која смета дека е исто толку резултат на влошеното здравје на J Dilla, колку што е и израз на “late style” – сместување на албумот во вековните музички традиции. Зошто уметникот последната песна на својот последен албум ја нарече “Welcome to the Show” користејќи семплови, помеѓу другото, и од “When I Die” на Motherlode. Очигледно Ferguson има повеќе одговори отколку ние, бидејќи според листата на бестселери на 33 1/3 за 2014 година Donuts е на првото место. Одличен подарок.

П.с Добра струја доаѓа од 33 1/3 и во 2015 година! Гласините велат дека следуваат книгите за Fresh Fruit for Rotting Vegetables на Dead Kennedys, Freedom of Choice на Devo, и многу други.