За политичките недоумици, миграциите и заедницата

Кон овогодинешното издание на Интернационалниот театарски фестивал „Битеф“

Овогодинешниот Битеф се одвива под мотото „Да ја почнеме љубовта од почеток“ и по тематските одредници некако потсетуваше на првите години кога на репертоарот на овој фестивал ги имаше претставите на Брук, Гротовски итн., но тоа и не беше одлучувачко за ова издание. Шмекот кој овој фестивал го имаше оваа година потсетуваше на таа елементарна театарска еквилибристика каде концептуалното прелевање носеше еден отсјај на чист политички навев, но генериран во интимистичката лушпа од каде ѕиркаше и понекоја еклектична ароганција. Љубовта кон театарската уметност, за среќа кај овој фестивал никогаш нема да згасне не заради длабокото и едро семе кое го засадиле легендарните Јован Ќирилов и Мира Траиловиќ, туку заради навиката на белградската публика сосема да се предаде на театарот во тие десетина дена додека на различни локации се играат претстави со различни промислувања. Таа креативна врвулица Битеф грижливо ја задржува и зад сцената и во публиката, сочувувајќи ги секоја година оние традиционални и во секој случај позитивни навики на разговор со уметниците после претставата и ослушнувањето на мислењето на публиката покрај регуларното жири. Битеф е фантастичен спој на традиционална организација и иновативни концепти присутни на светските театарски сцени кои ги разбудуваат различните ставови на своите верни реципиенти а кои пак, од друга страна се многу продуктивен хибрид на постојани гледачи и нова публика која е огледало на виртуалниот апстракт на денешното време.

Импостиран како и секогаш во главна и пратечка програма, овогодиншениот Битеф се занимава со политичките недоречености и недоумици, со чистото и никогаш неискоренето насилство, со расната и национална нетрпеливост, како и со емиграциите како круцијален социјален и општествен проблем посебно на овие простори. Главната програма се состои од 12 претстави играни на различни локации од кои првата претстава „Белград на далечински“ работена во продукција на познатите Римини протокол по концепт на Штефан Кеги, а во режија на Антон Роуз се одигрува осумнаесет пати во два термини низ повеќе локации во Белград.

Битеф фестивалот во својот репертоар вклучи претстави од Франција, Белгија, Нигерија, Германија, Бразил, Словенија, Хрватска и Србија, додека пратечката програма се состоеше од концерти, циркуски журки, инсталации од Прашкото квадриенале итн. Богатиот сценски галиматијас се чини дека ситемски ги одвојуваше погоре посечните теми дисеминизирајќи ги низ тетарските режиски концепти кои после претставите се разгоруваа во дебатите со уметниците. Сеприсутното насилство како инстинктивно угентувачка прагматика инспирирано од политичите инконвергенции беше анализирано низ претставите на Остермаер, Борут Шепаровиќ, Александар Фреј и кореографијата на Лусијана Лара од Бразил. Драматизацијата на романот на младиот Едуар Луи чие јадро е интимистичко и го отвора прашањето на националната и расна нетрпеливост компримирана во сексуалните недоумици, Остермаер во својата претстава озаглавена токму како „Историја на насилството“ го инкорпорира низ оној свој есеистички континуум кој заедно со реалното дејствие се однесува како тело во каллив вир и обидувајќи се да ја побара вистината и на едната и на другата страна фрла една многу ригидна ракавица која ја прифаќаме и отвораме дебата самите со себеси. Априорното насилство на кое тешко му се наоѓа мотивот е, всушнот, најсигнификантно токму заради својата полизначност. Оваа интимна драма која е дрматизација на автобиографскиот роман на младиот Едуар Луи ги заграбува и другите претстави чие поле на интерес е токму насилството. И покрај тоа што менаџментот на фестивалот упорно посочува дека главната тематска определба на Битеф за оваа година е заедницата, впечатокот кој го има публиката е токму горчливиот вкус на насилството, но и емиграцијата.

Нигериските „Кју“ во едночасовната претстава „Јуропа“ низ кореграфски и миметички јазик прави една чудна, но впечатлива симбиоза на иницијациите кај младата популција да емигрираат без да имаат некаква конкретна дестинација притоа не мислејќи со што би се соочиле на својот пат. Секако, емиграцијата има повеќе лица и тројцата млади Нигериски танчери и актери ги конфронтираат разните мотиви за заминување во Недојдија или во традиционалната Европа чии замислени вредности се секогаш привлечни за оние кои живеат во сиромашните хабитати низ Африка.

Но, и „За месото и бетонот“, исто така кореодрама на „Анти статус кво“ од Бразил говори на еден начин за таа клаустрофобија каде телото соголено токму од социјалните и општетсвени импакти сака да излезе, да замине од некаков физички и духовно заграден простор. Тука политичката компонента не се споменува еклатантно, но е подземно присутна во скоро сите концепти понудени на овогодинешниот Битеф. Секако, политичкиот театар и кога не е политички во себе не може, а да не ја носи таа нитка. „Тартиф“ на Игор Вук Торбица во копордукција на Српскиот народен театар од Нови Сад и Народниот театар од Сомбор ја нагазува таа бомба во едно многу специфично согледување на овој класичен текст на Молиер. Оваа моќна претстава го магнетизира тој политички сегмент и од сите други претстави чии политички лакмус се поцрвенува: „Младеж без бог“ на Монтажстрој и Загрепскиот театар на младите, „Ретки птици“ на театарот „Волк за човек“ од Лил, Франција итн. 

Кој е иновативниот аспект на овој Битеф? Се прашуваме каков театар видовме, а досега не сме виделе? Која е емотивната и рационалната гама која овде, на овие неколку интересни простори (одделно од класичните театарски сали) во која влеговме, а досега не сме биле? Битеф во ова издание ни пружи други димензии на движењето и реториката. Значенските поларизации на гестот и на динамично колажираното движење има друго ехо кога се проблематизира неговото одвојување од реалната, но и од мултисигнификантната логика. Претставата „Неморални приказни прв дел: Куќата на мајката“ од Нант, Франција е посветена токму на тоа: на прекомпонирањето на физичките дејствија, на нивната неселективна полифоничност, на една силна инспирираност да се откажеме од емотивниот контекст и да се концентрираме на историјата на атомите кои минуваат низ нас, а ние не сме свесни за тоа. Жената која систематски ја градеше куќата од картон потсетува на домот (заедницата), но не на неговото утилитарно значење, туку на место каде што сме целосно „внатре“, а секое „надвор“ значи неспорна опасност и за телото и за духот. Истата таа симфонија во една силна динамика ни ја предочува токму „За месото и бетонот“ каде можеби за првпат гледаме отелотворување на гневот низ говор на телото кој возбудува, кое не е компонирано во фигуративна кореографија, но кое носи многу пораки. 

Реторичките лупинзи на сјајниот „Тартиф“ се иновација која низ режискиот концепт ни го донесува Молиер како „превртена ракавица“. Претпоставувам дека од верзијата на  Планшон пред многу години Битеф не видел поинтересен и посигнификантен „Тартиф“ од овој на Игор Вук Торбица. Говорните димензии на репликата колку и да ја дистанцираме се многубројни. Оваа претстава покрај цврстиот режиски ракопис е и оригинална реторска партитура која наведува на размислување кога е во прашање текстуалниот сегмент на една претстава чисто во формална смисла. 

Главната награда оваа година ја понесе претставата „Али: стравот ја јаде душата“ по текст на Рајнер Вернер Фасбиндер а во режија на Себастијан Хорват, на Словенечкиот нардоен театар кој е иманентно диверзивен во секој поглед и како таков е секогаш интересн, а фестивалот покрај крикот за насилството и сегментираниот есеистички пристап кон „заедницата“ навистина би сакал да ја започне „љубовта од почеток“. Искрено, во целиот репертоар немаше никаков навев на почеток иако потестуваше на старите добри Битефи, но имаше иновативност, имаше концептуални поместувања во промисла каква што досега не се видела, па онаа „љубов кон театарот“ со која легендарните Ќирилов и Траиловиќ го основале овој за светот многу значаен театарски фестивал ќе не држи до следното издание со можеби поисцизелиран наслов, со можеби некакви други концепциски тенденции. Дотогаш ќе читаме и ќе гледаме филмови. Театарот познава и реминисценции.