За присутноста и отсутноста

Кон збирката кратки раскази „Сите наши тела“ од Георги Господинов во издание на Или-Или, Скопје, 2019

Затворајќи ја последната страница од оваа фасцинантна збирка кратки раскази на Георги Господинов за првпат си го поставив прашањето: зошто токму таков наслов? „Сите наши тела“. Искрено, многу ретко си поставувам такви прашања од едноставна причина што секогаш се обидувам, на најразлични начини да ја пронајдам врската меѓу насловот и текстот, жанрот, инспирацијата. Дури и најдалечите асоцијации, оние кои имаат најмногу филозофска оправданост, а тенка, скоро невидлива реалитетна поврзаност со текстот сум успевал да ги пронајдам и да се обидам да анализирам и други аспекти на книжевното дело.

Да, „Сите наши тела“ ме обзеде најмногу со неверојатно големата далечина меѓу насловот и суштината на овие сто и три кратки раскази убаво спакувани во скоро сто и педесет страници. Помислата на присутноста и отсутноста ме провлече низ сите редови од расказите во кои авторот многу вешто синтетизирал приказни. Георги Господинов е еден од оние автори кои може да раскаже цел еден живот во неколку реда. Егзактен и концентриран до срж тој во сите свои дела ни нуди мноштво од аспекти кои пак, од друга страна асоцираат на други реалитети, сосема поинакви од оние на кои се однесуваат расказите, така што и дескрипциите кај него се своевидно дејствие и далечна, проѕирно интерпретирана фактографија. Кога сме веќе кај фактографијата, Господинов низ скудните ориентирни факти ја усидрува присутноста, но и дава голема можност да се придвижува на сите страни на светот. Тој во својот поговор кон оваа збирка говори за „синхронитетот“, термин кој има феноменолошки карактеристики. Тука можеме да детектираме уште едно наоѓалиште на инспирацијата овие раскази да ги озаглави како „Сите наши тела“. Временскиот синхронитет, всушност е она што не возбудува во целиот наш духовен живот. Се она што не прави слични со просторно оддалечените животи и судбини, се она што ни го обелоденува секогаш сокриеното Déjà vu, што ни намекнува да донесуваме одлуки ете онака, како што ни „дошло“ е компатибилно со некое друго постоење, со некоја присутност, конечно и можеби контраверзно, но во исто време и тажно, со нечија отсутност. Сакајќи да се присетам на расказот кој ми остави најголем впечаток после вториот прочит на оваа прекрасна збирка кратки раскази, на ум ми падна расказот со најдолг наслов: „Целиот живот на чичко Илија собран во 37 минути, колку што трае патот од аеродромот „Франц Лист“ до улицата „Андраши“. Господинов бројот 37 г употребува и уште еднаш во еден расказ од само една реченица „Колекционер“ кој се однесува на револвер кој одел од рака на рака, па ете стигнал до својот 37-ми сопственик. Формирајќи си самиот една инспиративна координата во оваа исклучително чудна збирка кратки раскази дојдов до констатација дека Господинов пишува за една присутност која има иреална поставеност, но коренот и лежи во едно прераскажано минато со мали историски амалгами. Збирката раскази изобилува со раскази од по една или две реченици и тие фасцинираат со својата лингвална густина, со синтагми кои говорат многу и кои имаат многу толкувања, и нивната релација кон сториите како онаа за чичко Илија е креативно симптоматична, т.е. укажува на низа онтолошки преведувања. И во естетска и во филозофска смисла. Не би сакал да одам предалеку во ова објаснување и само би споменал дека Господинов во естетска смисла овие раскази ги преточува во различни текстуални пакувања со примеси на повеќе жанрови и кога ќе ги подредиме во еден чисто геометриски редослед (од најмалиот до најголемиот) ќе дојдеме до заклучок дека всушност сите раскажуваат приказни со ист временски показател, но во друг виртуелитет. Велам виртуелитет, затоа што „Сите наши тела“ има мала поврзаност со реалитетот – во оваа збирка реалитетот е само иницијација, додека расказите намекнуваат цивилизациска коинциденција која со секој прочит нè враќа на она на што и е посветена оваа рецензија – на присутноста.

Господинов „присутноста“ ја проблематизира на повеќе наврати, во повеќе раскази. Еден од најинтересните раскази на оваа книга е „Апории на возраста“ во кој тој споменува една фасцинантна синтагма „историска дијахронија“. Гореспоменатиот расказ за чичко Илија е формулата низ која Господинов инспиративно осцилира во своите кратки раскази, но оваа синтагма е најгустиот сублимат на целото ова дело:

Глобалната апорија на оваа цивилизација е хуманистичката присутност и отсутност. Господинов низ сите раскази без остаток, и на најразлични начини го проблематизира сето тоа. Затоа и го споменувам виртуелитетот кој го задушува нашиот реалитет и токму цивлилизациската недоумица го прави ововременскиот homo faber најеклатантен примерок на homo ludens. Еклатантна е вертикалата која тој ја формира згуснувајќи ги приказните во само неколку реченици, многу продуктивни се и ситните т.н. раскасчиња сублимирани во само неколку збора намекнувајќи ни дека на многу наврати големи стории се раскажани баш со неколку збора и расклопувајќи ја смислата на постоењето токму со тие „историски дијахронии“ за кои зборува во горенаведениот расказ.

Господинов во оваа збирка кратки раскази си подигрува и со поетичноста, а многу умешно еквилибрира и со стилот. Во една синтетичка форма поетичноста на краткиот расказ „Магла“ , како и на расказот од две реченици „Татковина“ се крие една реска стилска нарација измешана со миговна поетска дескрибираност. Овие навеви ги има и на други места, така што онаа геометриска подреденост, на која, секако, авторот не помислил, помножена со оваа длабоко динамична поетичност се лакмусот кој носи многу интересна порака. Која е пораката? Јас на почетокот ја истакнав мојата залуденост од самиот наслов, но овој наслов си има и свој расказ. „Сите наши тела“. Овој расказ е есенцијален од онтолошка гледна точка најмногу заради тоа што го проблематизира времето. Господинов намерно низ овој расказ само за миг во збирката вовлекува маѓиски реализам кој на повеќе наврати ја тематизира таа присутност по која итаме целиот свој живот, но и отсутноста која го има тој негативен временски квантум од чија закана се плашиме до последната капка крв. И тука, се чини е главната порака на оваа книга: времето ја одредува нашата присутност, но ја проблематизира нашата отсутност.

„Сите наши тела“ се и „сите наши минути“, и „сите наши луѓе“ и „сите наши солзи“ и „сите наши љубови“, но се и „сите наши вечности“. Тие се оние делови од биолошкиот часовник кои разгрнале истории, филозофии, уметности, закрвиле народи, запалиле цели градови, разделиле мажи и жени, нагневиле животни и населиле нови Содоми и Гомори. Кратките раскази на Георги Господинов ги чувствуваме како ветување за нов живот иако на многу наврати се натопени со сатира и достага. Секогаш се чувствуваме удобно и полетно кога започнуваме „нов живот“, кога мислиме дека сме се збогувале со старите грешки и дека нашето искуство ќе ни донесе нови сознанија и нов начин на промисла. Тоа си го ветуваат едно на друго сите тие „наши тела“ кои пораснале, созреале, остареле и во еден момент се претвориле во пепел. И токму затоа:

Георги Господинов знаејќи дека момчето во нас секогаш останува до крајот на животот, не ни нуди вистина. Тој нè тера, сами да си ја создадеме и цврсто да веруваме во неа.