За распадот и за обесхрабрувањето

Кон „Иванов“ од А.П. Чехов во продукција на Народно позориште, режија на Татјана Мандиќ – Ригонат

Иванов“ од Антон Павлович Чехов
Режија и адаптација Татјана Мандиќ Ригонат
Главни улоги Никола РистановскиНада ШаргинДанијела Угреновиќ,
Ненад СтојменовиќХана СелимовиќБранко Видаковиќ,
Никола Вујовиќ
, Бојан Кривокапиќ, Бранка Петриќ
Превод Кирил Тарановски Сценограф Бранко Хојник к.г.
Костимограф Бојана Никитовиќ Композитор Ирена Поповиќ
Сценски говор Лилјана Мркиќ Поповиќ Сценско движење Анѓелија Тодоровиќ
Извршен продуцент Милорад Јовановиќ Организатор Немања Константиновиќ
Продукција Народно позориште, Белград

Чеховиот „Иванов“ е пиеса која најмногу кореспондира со денешниот механизам на човечкиот распад, на неговиот губиток и емоционален пад. Биографијата на некогаш богатиот и невидено експониран во својот алтруизам Николај Алексеевич Иванов е модел за студија на невозможноста благонаклоноста, емотивноста и широкоградоста да бидат некакви примати во глобалните човечки одности. Секој повторен прочит на оваа пиеса на Чехов имам впечаток дека меѓу репликите и дидаскалиите се вметнале сите други негови писеи. Во овој, би рекол, најкомплексен лик на Чехов ја има и наивноста на Љубов Андреевна, и занесеноста на Трепљов, и меланхолијата на Војницки, а и копнежот на сите три сестри. Вивисекцијата на овој лик се раширува низ другите параметри на денешниот суров пост-егзистенцијалистички и плеонатичен начин на промислување на животот.

Во овие општи нафрлувања се провлекува целата матрица на „Иванов“ на Татјана Мандиќ Ригонат во продукција на Народно Позориште од Белград. На овој Иванов не му се променило ништо иако има многу современ шмек, многу природност во секојдневните релации кои кај авторот се како молитва и како пцовка, како една многу милозвучна недоличност која ако ја нема, го нема жанрот, ја нема и натуралистичката црта. Режисерката оваа претстава решила да ни ја донесе нам на публиката до носот, на дофат на раката за да ги почувствуваме сите несреќи и копнежи, сите љубовни недоразбирања, за да ја понесеме со суровоста  што како сениште се провлекува од еден до друг лик како провидна теракота, која како кај Мураками ќе ни се смее во сите моменти на резигнираност и тага. Оваа концептуално детерминирана реликвијност на драматургијата на Иванов е еден прилично погоден простор за градење на целовити и впечатливи ликови. Во таа дијалектичка и експресионистичка поставеност се отвораат најмногу интимните релации, но поддржани со една генерално ненаметлива дистанца која ја води музичката подлога, изведувана во живо, но и визуелната дистанца која се обидува од целиот комплексен настан да направи опсежна меморабилија испикана во таа огромна семејна слика и врамена во огромна рамка, а од друга страна опседната од музејскиот постамент покрај кој поминуваме за да седнеме на нашите столчиња. Споменувам експресионистички затоа што овој Иванов не започнува од почеток, но е еден проток на дејствие кое пулсира, а ние влегуваме во оној момент кога започнува самиот текст на Чехов. Затоа и ги имаме артистите на сцена за време на влегувањето на публиката каде Иванов е единствениот кој е поставен во онаа „флешбек“ позиција за која ќе дознаеме на самиот крај од претставата. Мошне интересно режисерско видување кое артистите го поддржуваат со целата своја енергија, а би рекол дека на многу наврати стануваат дури и подоминантни од него.

И покрај сигнификантниста на сите други пиеси на Чехов, се носам со мислење дека Иванов ја поседува најголемата стигма. Оваа пиеса има многу автобиографски честички од сензибилитетот на авторот, неговиот нескриен алтруизам и акутната пречувствителност. Иванов се руши и материјално и емотивно, а тој распад влече една дијагонала кон филозофијата на себеоткривањето за која е свесна младата Саша, но заради медиокритетизмот во чии пазуви мора да го живее својот живот, или можеби заради брзината на одвивањето на дејствието нема можност да го констатира тоа и да ја спречи трагедијата. Татјана Мандиќ – Ригонат вешто ги пружа траекториите по кои се движат сите ликови и она што навистина импонира во нејзината режија е цврстата компактност на претставата која е од големо значење кога се разботи за пиеси на Чехов.

Иванов на Никола Ристановски има една чудна меланхолија која плени. Тој гради специфичен меланхоличен лик на губитник кој е импресивен не само во својот реалитет, туку има емотивна каденца која станува парадигматична. Неговиот Иванов има сцени кои се студии сами по себе, има конверзации чиј натуралитет е фасцинантен и емотивна координата чиј симпатички мост остава неизбришлив впечаток. Ристановски ликот го води со мудра кореспонденција со целата фактографија, но и со добра кооперативност со неговата фатичност. Неговиот Иванов добро стои во дваесет и првиот век не заради тоа што ликот е во дослух со материјалната суровост, медикритетизмот и малограѓанштината, туку затоа што невозможноста да се одживее благонаклоноста и во исто време да се зачекори во хероизмот кој сите ние го посакуваме колку и да сме рационални. Антихеројот Иванов ја носи задушената и компримирана жизнерадосност која Никола ја метаболизира низ добро координирани мешани чувства, сплотени во лик чија обесхрабреност е незаборавна. Негов контраст е младата Саша која Хана Селимовиќ ја инкорпорира воглавно во својата емотивна гама, но како актерка со експлозивен талент, таа оваа девојка која безнадежно се вљубува во остарениот губитник Иванов ја подигнува на едно чудно екстатично ниво. Имено, сите валери на овој лик кај Хана Селимовиќ се прекршуваат во вистинско време оставајќи секое претходно чувство да остави трага во тој лик и тој така обременет, да стане комплексна актерска партитура која воодушевува. Хана Селимовиќ оваа приземна девојка ја обвиткува во една елементарна логичност и едноставно ја потонува во емотивни пасажи како кога давите некого во вода. Така тој лик ја крева главата и се помалку има воздух и во таа насока Хана Селимовиќ мајсторски ја доведува својата Саша до една незавидна шизофрена ситуација. Таа Саша на Хана Селимовиќ е импресивен лик за паметење.

Во галеријата на интересни ликови во овој благо осовременет „Иванов“ се издвојува и хаотичниот пијаница Лебедев, татко на Саша. Бранко Видаковиќ гради лик кој својата трагична судбина на несреќен папучар на кој му нема спас ја пренесува низ еден симпатичен персифлажен манир. Целата своја корпулентност, тромост и нејасност, Бранко Видаковиќ ја дозира во вистински мерки и успева да изгради токму „чеховски“ лик – секогаш во добро расположение со голема желба кога ќе испие малку повеќе да посегне по пиштолот. Дијаметрално различен од него е младиот Никола Вујовиќ кој Боркин, управникот на имотот на Иванов го развива со една ноншалантна нитка создавајќи лик на еден беспричински динамичен млад бездарник и грабливец чија страшливост излегува како глушец од дупка на самиот крај од претставата при самоубиството на Иванов. Одлично воден лик кој има една многу невообичаена еднолинеарност во својата драматургија. Конечно, тука е и ликот на стамениот лекар Љвов кој многу вдахновено го одигрува Ненад Стојменовиќ. Љвов е лик кој го носи рациото на целата пиеса и се чини, дека е единствениот кој го премолчува крајот на оваа трагична историја иако го знае со оглед на логичниот след на настаните. Ненад Стојменовиќ смирноста и здушениот гнев кон Иванов ги одигрува доста комплементарно, но ги комбинира во вистинска мерка затоа што сите негови испади кимаат различна експресија што говори за еден комплексен однос на актерот кон овој лик.

Визуелниот момент на овој „Иванов“ импонира со својата елемантарност и чистина на простор кој се променува низ елементите и ја поседува погоре споменатата временска дистанца отелотворена низ музејска знаковност и низ жива слика во која влегуваат ликовите кои умираат, а излегуваат сите оние кои пречекоруваат во светот на историската асоцијативност носејќи ги живите прерогативи. Бранко Хојник е особено сликовит кога едноставноста ја подигнува на едно фетишистичко ниво. Сите елементи кои подразбираат некаков руски салон од деветнаесеттиот век низ погоре наведените поместувања делуваат помалку Пиранделовски каде она што реалитетот ни го нуди има една зачудност која ја исцртуваат актерите и режискиот концепт. Костимографијата на Бојана Никитовиќ во ова видување на „Иванов“ е единствениот силно раскошен сегмент, но со својата ликовност совршено кореспондира со сценографскиот јазик и тоа ја прави визуелната компонента извонредно компелементарна со целото дејствие. Музичкиот сегмент на Ирена Поповиќ следи еден контекст кој повремено навлегува во нашето време, а повремено се одвојува во рускиот шмек и нејзиното изведување во живо е уште еден егзактен режисерски потег.

Самата режисерка Татјана Мандиќ Ригонат во своето интервју вели дека „Душата е денес музејска категорија“ и тоа е, би рекол лаконско објаснување за целиот нејзин режиски однос кон оваа пиеса на Чехов. Чехов е аполитичен автор и се занимава исклучиво со социјална и интимна тематика. Тој во еден миг во својот „Павилјон бр. 6“ вели дека „Животот е една непријатна стапица; кога човекот кој мисли ја достигнува својата зрелост и постигнува целосна свесност, не може да го издржи тоа чувство дека е навистина во стапица од која не може да побегне.“ Социјалните категории во себе ги кријат вистинките недоразбирања, а емотивниот дискурс само ги комплицира уште повеќе. Затоа „Иванов“ на својот вртлог гледа како шанса за бекство кое не може да го изведе ако остане на овој свет. Претставата на Народно позориште има голема сигнификантност и наведува на понатамошна промисла затоа што и самиот Чехов е таков. Не ви е сеедно и кога ќе го прочитате и кога ќе го одгледате. Тој ставил во своите реплики некои и од нашите демони и стапици.